Член 17
Право на децата и младинците на социјална, правна и економска заштита
Со цел да се обезбеди ефикасно остварување на правото на децата и младинците да растат во средина која го поттикнува целосниот развој на нивната личност и нивните физички и ментални способности, страните-договорнички се обврзуваат, директно или во соработка со јавните или приватните организации, да преземат соодветни и неопходни мерки кои имаат за цел:
1
а) да осигурат дека децата и младинците, имајќи ги предвид правата и обврските на нивните родители, ја добиваат грижата, помошта, образованието и обуката која им е потребна, особено преку воспоставување и одржување на институции и служби кои се доволни и соодветни за оваа цел;
б) да ги заштитат децата и младинците од запоставување, насилство или експлоатација;
в) да обезбедат заштита и специјална помош од државата за деца и младинци кои се времено или трајно лишени од семејна поддршка;
2. Да им обезбедат на децата и младинците бесплатно основно и средно образование и да ги поттикнат редовно да ја посетуваат наставата.
Член 18
Право на вршење доходовна дејност на територијата на другите страни- договорнички
Со цел да се обезбеди ефикасно остварување на правото на вршење доходовна дејност на територијата на другите страни-договорнички, страните-договорнички се обврзуваат:
1. Да ги применуваат постојните прописи во духот на либералноста;
2. Да ги поедностават важечките формалности и да ги намалат или укинат судските и другите давачки што ги плаќаат странските работници или нивните работодавци;
3. Да ги либерализираат, поединечно или колективно, прописите со коишто се регулира вработувањето на странските работници;
и да им го признаат:
4. Правото на своите државјани да ја напуштат земјата за да вршат доходовна дејност на територијата на другите страни-договорнички.
Член 19
Право на работниците мигранти и на нивните семејства на заштита и помош
Со цел да се обезбеди ефикасно остварување на правото на работниците мигранти и на нивните семејства на заштита и помош на територијата на секоја друга страна-договорничка, страните- договорнички се обврзуваат:
1. Да одржуваат или да осигураат дека постојат соодветни бесплатни служби за помош на тие работници и особено за прибавување на точни информации и да ги преземаат сите потребни чекори, колку што тоа го дозволуваат националните закони и други прописи, против секоја лажна пропаганда во врска со емиграцијата и имиграцијата;
2. Да усвојат соодветни мерки, во рамките на својата територијална надлежност, за да се олесни заминувањето, патувањето и прифаќањето на тие работници и нивните семејства и да им обезбедат, во рамките на својата територијална надлежност, за време на патувањето, услуги од соодветни медицински и здравствени служби, како и добри хигиенски услови за време на патувањето;
3. Да ја унапредуваат соработката, според случајот, меѓу јавните и приватните социјални служби на земјите на емиграцијата и на земјите на имиграцијата;
4. Да им обезбедат на работниците кои легално престојуваат на нивната територија, во онаа мера во која овие прашања се регулирани со законски и други прописи, или се во надлежност на управните органи, да добијат еднаков третман како и нивните државјани во однос на следниве прашања:
а) заработувачка и други услови за вработување и работа;
б) членување во синдикалните организации и уживање на погодностите предвидени со колективните договори;
в) сместување;
5. Да им обезбедат на таквите работници, кои легално престојуваат на нивната територија, не полош третман од оној на нивните државјани во однос на даноците, таксите и придонесите кои се плаќаат за вработените лица;
6. Да го олеснат, колку е тоа можно, повторното обединување на семејството на работникот мигрант на кој му е дозволено да престојува на таа територија;
7. Да им обезбедат на оние работници кои легално престојуваат на нивната територија не полош третман од оној на нивните државјани во поглед на правните постапки поврзани со прашањата наведени во овој член;
8. Да осигураат дека работниците кои легално престојуваат на нивната територија дека не може да бидат протерани, освен доколку ја загрозат националната безбедност или ако го повредат јавниот ред или моралот;
9. Да им дозволат на работниците мигранти, во рамките утврдени со закон, трансфер на онолку заработувачка и заштеди колку што тие сакаат да префрлат;
10. Да ги прошират заштитата и помошта предвидени со овој член на самовработените работници мигранти, доколку таквите мерки можат на нив да се применат;
11. Да го унапредуваат и олеснуваат учењето на националниот јазик на земјата на престој, или доколку има повеќе, еден од овие јазици, на работниците мигранти и членовите на нивните семејства;
12. Да го унапредуваат и олеснуваат, до онаа мера колку што е тоа можно, учењето на мајчин јазик за децата на работникот мигрант.
Член 20
Право на еднакви можности и еднаков третман за прашања поврзани со вработување и професија без каква било полова дискриминација.
Со цел да се обезбеди ефикасно остварување на правото на еднакви можности и еднаков третман за прашања поврзани со вработување и професија без каква било полова дискриминација, страните- договорнички се обврзуваат да го признаат тоа право и да преземат соодветни мерки за осигурување или унапредување на неговата примена на следниве полиња:
а) пристап до вработување, заштита од отпуштање и повторна интеграција на пазарот на труд;
б) професионално насочување, обука, преквалификација и рехабилитација;
в) услови за вработување и работа, вклучувајќи и заработувачка;
г) развој на кариера, вклучувајќи и унапредување.
Член 21
Право на информирање и консултирање
Со цел да се обезбеди ефикасно остварување на правото на работниците да бидат информирани и консултирани во рамки на претпријатието, страните-договорнички се обврзуваат да донесат или да поттикнат мерки кои, во согласност со националното законодавство и практики, ќе им овозможат на работниците или на нивните претставници:
а) Да бидат редовно информирани или во соодветен момент и на разбирлив начин за економската и финансиската состојба на претпријатието каде што работат, при што се подразбира дека откривањето на одредени информации кои би можеле да му наштетат на претпријатието може да се забрани или да подлежи на одредби за доверливост; и
б) Да бидат навремено консултирани за предложените одлуки кои во голема мера влијаат на интересите на работниците, особено за оние одлуки кои можат да имаат значително влијание врз работните односи во претпријатието.
Член 22
Право на учество во утврдувањето и подобрувањето на условите за работа и работната средина
Со цел да се обезбеди ефикасно остварување на правото на работниците да учествуваат во утврдувањето и подобрувањето на условите за работа и работната средина во претпријатието, страните-договорнички се обврзуваат да донесат или да поттикнат мерки кои ќе им овозможат на работниците или на нивните претставници, во согласност со националното законодавство и практики, да придонесат кон:
а) утврдувањето и подобрувањето на условите за работа, организацијата на работата и работната средина;
б) заштитата на здравјето и безбедноста во рамки на претпријатието;
в) организацијата на социјални и социо-културни служби и погодности во рамки на претпријатието;
г) контролата на почитувањето на прописите за овие прашања.
Член 23
Право на постарите лица на социјална заштита
Со цел да се обезбеди ефикасно остварување на правото на постарите лица на социјална заштита, страните-договорнички се обврзуваат, директно или во соработка со јавните или приватните организации, да донесат или поттикнат соодветни мерки кои имаат за цел:
- да им овозможат на постарите лица да останат полноправни членови на општеството, колку што е можно подолго, преку:
а) соодветни ресурси што им овозможуваат да водат достоинствен живот и да земат активно учество во јавниот, општествениот и културниот живот;
б) обезбедување на информации за услуги и погодности кои им се на располагање на постарите лица и можностите за нивно користење;
- да им овозможат на постарите лица слободно да го изберат нивниот начин на живот и да водат независен живот во познато окружување колку што сакаат и се способни за тоа, преку:
а) обезбедување на домување кое е соодветно на нивните потреби и нивната здравствена состојба или на соодветна поддршка за адаптирање на нивните домови;
б) пружање на здравствена заштита и услуги кои се потребни за нивната здравствена состојба;
- да им гарантираат на постарите лица кои живеат во институции, соодветна поддршка, со почитување на нивната приватност и право на учество во одлуки во врска со условите за живот во тие институции.
Член 24
Право на заштита во случај на престанок на работниот однос
Со цел да се обезбеди ефикасно остварување на правото на работниците на заштита во случај на престанок на работниот однос, страните- договорнички се обврзуваат да го признаат:
а) правото на сите работници работниот однос да им престане само врз основа на оправдана причина за таквиот престанок поврзана со нивните способности или однесување или врз основа на оперативните потреби на претпријатието, установата или службата;
б) правото на работниците, чиј работен однос им престанал без основана причина, на соодветен надомест или друга соодветна помош.
За таа цел, страните-договорнички се обврзуваат да осигурат дека работникот кој смета дека неговиот работен однос му престанал без основана причина има право на жалба до независно тело.
Член 25
Право на работници на заштита на нивните побарувања во случај на несолвентност на нивниот работодавец
Со цел да се обезбеди ефикасно остварување на правото на работниците на заштита на нивните побарувања случај на несолвентност на нивниот работодавец, страните- договорнички се обврзуваат да осигурат дека побарувањата на работниците кои произлегуваат од договорите за вработување или работниот однос се гарантирани од институција за гаранции или друга ефикасна форма на заштита.
Член 26
Право на достоинство при работа
Со цел да се обезбеди ефикасно остварување на правото на сите работниците на заштита на нивното достоинство на работа, страните- договорнички се обврзуваат, во консултација со организациите на работодавците и на работниците:
1. Да ги унапредуваат свесноста, информирањето и спречувањето на сексуално вознемирување на работното место или во врска со работата и да ги преземат сите соодветни мерки за да ги заштитат работниците од такво однесување;
2. Да ги унапредуваат свесноста, информирањето и спречувањето на повторливи погрешни или особено негативни и навредливи активности насочени кон поединечни работници на работното место или во врска со работата и да ги преземат сите соодветни мерки за да ги заштитат работниците од такво однесување.
Член 27
Право на работниците со семејни обврски на еднакви можности и еднаков третман
Со цел да се обезбеди ефикасно остварување на правото на еднакви можности и третман за мажите и жените работници кои имаат семејни обврски и помеѓу таквите работници и другите работници, страните-договорнички се обврзуваат:
1. Да преземат соодветни мерки:
а) да им овозможат на работниците со семејни обврски да стапат и останат во работен однос, како и повторно да се вратат на работа по отсуството поради таквите обврски, вклучувајќи и мерки на полето на професионалната ориентација и обуката;
б) да земање предвид на нивните потреби од аспект на условите за вработување и социјална сигурност;
в) за развој или унапредување на јавни или приватни служби, особено служби за дневна нега на деца и други облици на детска заштита;
2. Да обезбедат можност на еден од родителите да користи, во текот на периодот по породилното отсуство, родителско отсуство за да се грижи за детето, а времетраењето и условите за таквото отсуство треба да бидат утврдени со националното законодавство, колективни договори или праксата;
3. Да осигурат дека семејните обврски како такви не претставуваат оправдана причина за престанок на работниот однос.
Член 28
Право на претставниците на вработените на заштита во претпријатијата и средства за извршување на нивните функции кои треба да им се обезбедат
Со цел да се обезбеди ефикасно остварување на правото на претставниците на работниците да ги извршуваат нивните функции, страните- договорнички се обврзуваат да осигурат дека во претпријатието:
а) тие имаат ефективна заштита од активности кои се штетни за нив, вклучувајќи и отпуштање врз основа на нивниот статус или активностите кои ги вршат како претставници на работниците во рамки на претпријатието;
б) им се обезбедени соодветни средства кои ќе им овозможат навремено и ефикасно извршување на нивните функции, имајќи ги предвид системот на индустриски односи во земјата и потребите, обемот и можностите на засегнатото претпријатие.
Член 29
Право на информирање и консултирање во постапките за колективен технолошки вишок
Со цел да се обезбеди ефикасно остварување на правото на работниците да бидат информирани и консултирани во случај на колективен технолошки вишок, страните-договорнички се обврзуваат да осигурат дека работодавците ги информираат и консултираат претставниците на работниците навремено и пред таквите постапки за колективно отпуштање, за начините и средствата за избегнување на постапки за колективен технолошки вишок или ограничување на нивните појави и ублажување на нивните последици, на пример со упатување на придружни социјални мерки наменети особено за помош за прераспределување или прекфаликација на засегнатите работници.
Член 30
Право на заштита од сиромаштија и социјална исклученост
Со цел да се обезбеди ефикасно остварување на правото на заштита од сиромаштија и социјална исклученост, страните се обврзуваат:
а) да преземат мерки во рамки на еден целокупен и координиран пристап за промовирање на ефикасен пристап на лицата и нивните семејства кои живеат или се во ризик да живеат во состојба на социјална исклученост или сиромаштија, до вработување, домување, обука, образование, култура и социјална и медицинска помош;
б) да ги разгледаат овие мерки со цел нивно прилагодување доколку е потребно.
Член 31
Право на домување
Со цел да се обезбеди ефикасно остварување на правото на домување, страните-договорнички се обврзуваат да преземат мерки кои имаат за цел:
1. Да го унапредат пристапот до домување со соодветен стандард;
2. Да го спречат и намалат бездомништвото со цел негово постепено елиминирање;
3. Да ја направат пристапна цената на домување за лицата кои немаат соодветни ресурси.
ТРЕТ ДЕЛ
Член А
Обврски
1 Согласно со одредбите од Член Б подолу, секоја од страните-договорнички се обврзува:
а) да го смета Делот I од Поделбата како изјава во која се утврдуваат целите што таа ќе ги остварува со сите соодветни средства, како што е наведено во воведниот став од тој дел;
б) да се смета за обврзана да прифати најмалку шест од следниве девет членови од Делот II од Повелбата: членови 1, 5, 6, 7, 12, 13, 16, 19 и 20;
в) да се смета за обврзана да прифати дополнителен број членови или ставови наброени во Делот II од Повелбата што таа ќе ги избере, со тоа што вкупниот број на наброените членови и ставови што ги прифатила да не биде помал од шеснаесет членови или шеесет и три ставови.
2. За членовите или ставовите избрани согласно со одредбите од алинеите б) и в) од ставот 1 на овој член, страната-договорничка ги известува Генералниот секретар на Советот на Европа во моментот на депонирањето на својот инструмент за ратификација, прифаќање или одобрување.
3. Секоја од страните-договорнички може, во секој момент потоа, да изјави, со известување упатено до Генералниот секретар, дека го прифаќа секој друг наброен член или став од Делот II од Повелбата, а што се уште не го прифатила согласно со одредбите од став 1 од овој член. Таквите дополнително преземени обврски ќе бидат сметани за составен дел на ратификацијата, прифаќањето или одобрувањето и ќе го имаат истиот ефект од првиот ден од месецот по истекот на период од еден месец сметано од денот на доставувањето на известувањето.
4. Секоја страна-договорничка е обврзана да има систем на трудова инспекција соодветен на нејзините национални услови.
Член Б
Врски со Европската социјална повелба и дополнителниот Протокол од 1988 година
1. Ниту една страна-договорничка на Европската социјална повелба или страна-договорничка на дополнителниот Протокол од 5 мај 1988 година може да ја ратификува, прифати или одобри Повелбата без да се смета дека се обврзала барем за одредбите коишто одговараат на Европската социјална повелба, и онаму каде што е тоа случај, на дополнителниот Протокол, кон кој страната се обврзала.
2. Прифаќањето на обврските од било која одредба од Повелбата, од денот на влегување во сила на овие обврски за засегнатата страна, ќе резултира со престанок на применување на соодветните одредби од Европската социјална повелба и соодветно на дополнителниот
Протокол од 1988 година од засегнатата страна- договорничка, во случај кога таа страна е обврзана со првиот или со двата инструменти.
ЧЕТВРТИ ДЕЛ
Член Ц
Надзор врз спроведувањето на обврските содржани во оваа Повелба
Спроведувањето на правните обврски содржани во Повелбата подлежи на истата контрола како и онаа на Европската социјална повелба.
Постапката за надзор е утврдена во Дел IV од Повелбата, кој е даден подолу, со измените со Протоколот од Турин од 1991 година.
ПЕТТИ ДЕЛ
Член 21
Извештаи за прифатените одредби
Страните-договорнички секоја втора година му поднесуваат извештај на Генералниот секретар на Советот на Европа, во форма определена од Комитетот на министри, за примената на одредбите од дел II од Повелбата кои што ги прифатиле.
Член 22
Извештаи за одредбите што не се прифатени
Страните-договорнички му поднесуваат на Генералниот секретар на Советот на Европа, во определени интервали и на барање на Комитетот на министри, извештаи за одредбите од Делот II од Повелбата што тие не ги прифатиле во моментот на нивната ратификација или одобрувањето, ниту со доставување на дополнително известување. Комитетот на министрите ќе утврди, во определени интервали, за кои одредби ќе бидат барани овие извештаи и во која форма треба да се достават бараните извештаи.
Член 23
Доставување на копии од извештаите и коментари
1. При доставувањето на извештаите до Генералниот секретар, во согласност со членовите 21 и 22, секоја од страните- договорнички ќе доставува копии од извештаите и до националните организации кои се членки на меѓународните организации на работодавачите и синдикалните организации, а кои согласно со член 27 став 2 ќе бидат повикани, да испратат свои претставници на состаноците на Владиниот комитет.
Овие организации ќе ги испраќаат своите коментари за извештаите на страните- договорнички до Генералниот секретар . Генералниот секретар ќе достави копија од овие коментари до засегнатите страни-договорнички, кои можеби би имале желба да дадат свој одговор.
2. Генералниот секретар ќе препрати копија од извештаите на страните-договорнички до меѓународните невладини организации коишто имаат советодавен статус при Советот на Европа и кои се особено квалификувани за прашања кои што се уредени со Повелбата.
3. Извештаите и коментарите наведени во членовите 21 и 22 и во овој член, на барање ќе бидат достапни за јавноста.
Член 24
Разгледување на извештаите
1 Извештаите доставени до Генералниот секретар, согласно со членовите 21 и 22, ќе бидат разгледани од Комитетот на независни експерти оформен согласно со член 25. Комитетот, исто така, ќе располага со сите коментари доставени до Генералниот секретар согласно со став 1 од членот 23. По завршување на разгледувањето, Комитетот на независни експерти1 изготвува извештај кој ги содржи неговите заклучоци.
2. Во однос на извештаите наведени во член 21, Комитетот на независни експерти1 ја оценува од правен аспект усогласеноста на националните закони и практики со обврските кои произлегуваат од Повелбата за засегнатите страни-договорнички.
3. Комитетот на независни експерти1 може да поднесе барања за дополнителни информации и појаснувања директно до страните-договорнички. Во согласност со наведеното, доколку е потребно, Комитетот на независни експерти1 може да одржи состанок со претставниците на страната- договорничка, било по сопствена иницијатива или на барање на засегнатата страна-договорничка. Организациите наведни во став 1 од член 23 ќе бидат за тоа информани.
4. Генералниот секретар ги објавува и доставува Заклучоците на Комитетот на независни експерти до Владиниот комитет, до Парламентарното собрание и до организациите наведни во став 1 од член 23 и став 2 од член 27.
Член 25
Комитет на независни експерти [Европски комитет за социјални права]
1 Комитетот на независни експерти е составен од најмалку девет членови2 избрани од Парламентарното собрание3 со мнозински број на гласови од списокот на независни експерти со највисок интегритет и призната стручност во социјалната област на национален и на меѓународен план, кои се номинирани од страните-договорнички. Точниот број на членови го утврдува Комитетот на министри.
2. Членовите на Комитетот се избираат за период од шест години. Тие имаат право на еден реизбор.
3. Член на Комитетот на независни експерти1 кој бил избран да замени член чиј мандат не е истечен, ќе ја има таа позиција до крајот на мандатот на својот претходник.
4. Членовите на Комитетот настапуваат во лично својство. За време на нивниот мандат тие не смеат да извршуваат каква било функција која е неспоива со барањата за независност, непристрасност и достапност, кои се својствени за нивниот мандат.
Член 26
Учество на Меѓународната организација на трудот
Меѓународната организација на трудот ќе биде поканета да номинира еден претставник кој ќе има советодавна функција во донесувањето на одлуките на Комитетот на експерти.
Член 27
Владин комитет
1. Извештаите на страните-договорнички, коментарите и информациите кои се доставуваат во согласност со став 1 од член 23 и став 3 од член 24, како и извештаите на Комитетот на независни експерти1, се доставуваат до Владиниот комитет.
2. Овој комитет е составен од по еден претставник на секоја страна-договорничка. Тој ќе повика најмногу две меѓународни организации на работодавачи и не повеќе од две меѓународни синдикални организации да испратат набљудувачи, кои ќе имаат советодавна функција, на неговите состаноци. Комитетот, исто така, ќе може да повика на консултации претставници на меѓународни невладини организации кои имаат советодавен статус при Советот на Европа и кои се особено квалификувани за прашања коишто се уредени со Повелбата.
3. Владиниот комитет ги подготвува одлуките на Комитетот на министри. Особено, во однос на извештаите на Комитетот на независни експерти1 и на страните-договорнички, тој избира, со давање на причини за својот избор, врз основа на социјална, економска и друга политика, ситуации кои треба според негово мислење да бидат предмет на препораки за секоја од страните-договорнички, во согласност со член 28 од Повелбата. Тој доставува извештај до Комитетот на министри кој ќе биде од јавен карактер.
4. Врз основа на своите наоди за спроведувањето на Социјалната повелба воопшто, Владиниот комитет може да достави предлози до Комитетот на министри кои имаат за цел реализација на истражувања за социјални прашања и за членови од Повелбата кои што може да бидат предмет на ажурирање.
Член 28
Комитет на министри
1. Врз основа на извештајот на Владиниот комитет, Комитетот на министрите донесува резолуција со двотретинско мнозинство од членовите кои имаат право да заседаваат, со право на глас ограничено на страните- договорнички, којашто резолуција го опфаќа целокупниот циклус на надзор и поединечни препораки за секоја од засегнатите страни- договорнички.
2. Имајќи ги предвид предлозите од Владиниот комитет согласно со член 4 од став 27, Комитетот на министри донесува одлуки кои ги смета за соодветни.
Член 29
Парламентарно собрание
Генералниот секретар на Советот на Европа му ги доставува на Парламентарното собрание, со цел одржување на периодични пленарни дебати, извештаите на Комитетот на независни експерти и на Владиниот комитет, како и резолуциите на Комитетот на министри."
Член Д
Колективни жалби
1. Одредбите од Дополнителниот протокол кон Европската социјална повелба утврдуваат систем на колективни жалби кој се применува на обврските дадени во Повелбата за државите кои го ратификувале горенаведениот Протокол.
2. Која било земја која не го прифатила Дополнителниот протокол кон Европската социјална повелба, кој утврдува систем на колективни жалби, може при депонирањето на својот инструмент за ратификација, прифаќање или одобрување на Повелбата или во секој момент потоа, да изјави со известување доставено до Генералниот секретар на Советот на Европа дека прифаќа надзор на своите обврски од Повелбата со примена на постапката утврдена во горенаведениот Протокол.
Постапката за поднесување на колективни жалби е утврдена во Дополнителниот протокол кон Повелбата од 1995 година, а текстот е даден подолу.
Член 1
Страните-договорнички на Протоколот го признаваат правото на следниве организации да поднесат жалби за наводна незадоволителна примена на Повелбата:
а) меѓународните организации на работодавците и синдикалните организации наведени во став 2 од член 27 на Повелбата;
б) други меѓународни невладини организации со советодавен статус во Советот на Европа кои се наоѓаат на списокот изготвен за оваа цел од страна на Владиниот Комитет;
в) репрезентативни национални организации на работодавците и синдикалните организации со територијална надлежност во страната- договорничка против која е поднесена жалбата.
Член 2
1. Секоја страна-договорничка, при изразување на својата согласност за прифаќање на Протоколот, во согласност со одредбите од член 13, или во кој било момент потоа, може да изјави дека го признава правото на која било друга репрезентативна национална невладина организација во рамки на нејзината територијална надлежност со призната стручност за прашањата што се уредени во Повелбата, да поднесе жалба против соодветната страна-договорничка.
2. Таквите изјави може да се даваат за конкретен временски период.
3. Изјавите се депонираат кај Генералниот секретар на Советот на Европа којшто доставува копии од истите до страните- договорнички и ги објавува.
Член 3
Меѓународните невладини организации и националните невладини организации наведени во член 1.б и член 2 соодветно, можат да поднесат жалби во согласност со постапката пропишана со горенаведените одредби, само за оние прашања за кои тие имаат призната стручност.
Член 4
Жалбата се поднесува во писмена форма со наведување на одредбата од Повелбата којашто е прифатена од страната-договорничка и со наведување на аспектите во поглед на кои страната-договорничка не осигурила задоволителна примена на таа одредба.
Член 5
Жалби се доставуваат до Генералниот секретар кој го потврдува приемот на истата, ја известува засегнатата страна-договорничка и веднаш ја доставува до Комитетот на независни експерти.
Член 6
Комитетот на независни експерти може да побара од засегнатата страна-договорничка и од организацијата која ја поднела жалбата да достават во писмена форма информација и забелешки за прифатливоста на жалбата во рамки на временски рок којшто Комитетот ќе го утврди.
Член 7
1. Доколку одлучи дека жалбата е прифатлива, Комитетот на независни експерти1 ги известува страните-договорнички на Повелбата преку Генералниот секретар. Комитетот на независни експерти може да побара од засегнатата страна- договорничка и организацијата која ја поднела жалбата да ги достават, во рамки на временски рок којшто Комитетот ќе го утврди, во писмена форма сите релеватни појаснувања или информации, а од другите страни- договорнички може да побара да достават коментари, доколку сакаат, во истиот временски рок.
2. Доколку жалбата е поднесена од страна на национална организација на работодавците или национална синдикална организација или друга национална или меѓународна невладина организација, Комитетот на независни експерти1, преку Генералниот секретар, ги известува меѓународните организации на работодавците или синдикалните организации наведени во став 2 од член 27 на Повелбата, и ги поканува да поднесат свои забелешки во рамки на временскиот рок којшто ќе го определи.
3. Врз основа на објаснувањата, информациите или забелешките, доставени согласно со ставовите 1 и 2 од овој член, засегнатата страна- договорничка и организацијата којашто ја поднела жалбата можат да достават каква било дополнителна информација или забелешка во писмена форма и во рамки на временски рок којшто ќе го утврди Комитетот на независни
4. Во текот на разгледувањето на жалбата, Комитетот на независни експерти1 може да организира сослушување со претставниците на страните.
Член 8
1. Комитетот на независни експерти изготвува извештај во кој ги опишува преземените чекори за разгледување на жалбата и во кој ги вклучува своите заклучоци за тоа дали засегнатата страна- договорничка обезбедила задоволителна примена на одредбата од Повелбата наведена во жалбата.
2. Извештајот се доставува до Комитетот на министри. Исто така, извештајот се доставува и до организацијата која ја поднела жалбата и до страните-договорнички на Повелбата, кои не смеат да го објават.
Извештајот се доставува и до Парламентарното собрание и се објавува заедно со резолуцијата наведена во член 9, но не подоцна од четири месеци по неговото доставување до Комитетот на министри.
Член 9
1. Врз основа на извештајот на Комитетот на независни експерти1, Комитетот на министри донесува резолуција со мнозинство гласови. Доколку Комитетот на независни експерти, утврди дека Повелбата не се применува на задоволителен начин, Комитетот на министри донесува препорака до засегнатата страна- договорничка, со двотретинско мнозинство гласови. Во двата случаи, правото на глас е ограничено на страните-договорнички на Повелбата.
2. Онаму каде што извештајот на Комитетот на независни експерти покренува нови прашања, на барање на засегнатата страна-договорничка, Комитетот на министри може да одлучи со двотретинско мнозинство гласови на страните- договорнички на Повелбата, да го консултира Владиниот комитет.
Член 10
Засегнатата страна-договорничка во својот следен извештај што го доставува до Генералниот секретар, согласно со член 21 од Повелбата, доставува информација за мерките кои ги презела за спроведување на препораката на Комитетот на министри.
Член 11
Членовите од 1 до 10 од Протоколот се применуваат и на членовите од Дел II на Првиот Дополнителен протокол кон Повелбата во однос на страните-договорнички кон тој Протокол, до степенот до кој се прифатени овие членови.
Член 12
Страните-договорнички на Протоколот сметаат дека првиот став од додатокот кон Повелбата, кој се однесува на Дел III, гласи:
„Се подразбира дека Повелбата содржи правни обврски од меѓународен карактер, чија примена подлежи исклучиво на надзорот утврден во Дел IV од истата и на одредбите од Протоколот.