Стории

ДОЛГ ПРИТВОР - „ДЕБЕЛИ“ ПЕНАЛИ ЗА ДРЖАВАТА

Индекс на артикл

Автор: Горан Адамовски
Истражување на Утрински весник

(Прв дел)

goran.a1-1Општествена стигматизација врз лицата што биле во притвор, а потоа пред судот биле ослободени од вина

„Мојот шестмесечен престој во затворот во Шутка беше најлошото искуство што некогаш сум го имал во животот. Никогаш не се жалев себеси, туку моето семејство. Се прашував што ќе прават без мене. Мојата сопруга не работеше, а децата ми беа мали. Одеднаш, во еден миг ми ја снема слободата, ми ги зедоа автомобилите, парите, семејството ми остана без денар. Бидејќи сме премногу поврзани, семејството не се растури... Напротив, доби некоја сила да ја преброди оваа неволја“.

Вака го почнува сведочењето 37-годишниот скопјанец Александар, кому пред неколку години му се смени животот од корен. Осомничен, притворен и обвинет за шверц на цигари, се соочи со неизвесна и тешка иднина. Неговите тврдења дека е невин не му помагаа на почетокот. Затворен во мала и задушлива ќелија во скопскиот истражен затвор, мораше да бара сили за себе, но, пред се', за сопругата и двете малолетни деца.

„Беше многу тешко. Како што кажав, останавме без пари, а беа потребни за адвокати, но и за преживување. Сопругата беше сама и во мака, тарифите на адвокатите се движеа од 5.000 евра па нагоре и на секое нивно излагање на суд по 300 евра. За среќа, имав голема поддршка од неа, па место кавги или развод, дури и повеќе се зближивме“, зборува скопјанецот во еден здив.

Во тој период неговите деца имале пет и шест години. Ги лажеле дека татко им е на пат, па тие со нетрпение чекале да се врати.

„Ја пропуштив радоста на мојот син кога стануваше прваче. Почина таткото на мојата сопруга, што дополнително ја растревожи фамилијата. Децата моравме да ги лажеме, сметавме дека така е најдобро. Меѓутоа, поради озборувањата, мојот поголем син дозна дека сум во притвор. Нормално, му беше тешко, најмногу поради тоа што тргна на училиште и не можеше да се вклопи на почетокот. Беше повлечен и молчеше, а знаеше и да се степа кога другарчињата ќе му речеа дека татко му е во затвор“, се присетува Александар.

Условите во ќелијата биле ужасни. Било лето, немало вода со часови, а добивал по 15 минути дневно на воздух.

„Кога влеговме во ќелијата немаше слободен кревет, ми дадоа еден душек и тоа без чаршав и без перница. Беше еден часот по полноќ, во собата имаше два кревета, внатре имаше тројца притвореници, а јас бев четвртиот со душек на рамо. Собата беше мала без воздух, ми доаѓаше да го урнам ѕидот. Другиот ден ме преместија во друга соба. Четири кревети, пет луѓе. Три недели се немав искапено бидејќи немаше вода. Нужда вршевме во истата соба, преградена беше дупката, немаше шолја, немаше врата... Јадењето беше ужасно, секој втор ден ми носеа од дома“, раскажува нашиот соговорник.

На судењето успеал да го докаже тоа што го тврдел од почетокот – дека е невин. Добил ослободителна пресуда и со солзи заминал дома.

Александар во живо ја доживеа честата холивудска приказна за неосновано притворени луѓе кои минуваат низ пекол додека да си го вратат нормалниот живот. Успеваат ли сите? Што се случува со оние што не се толку силни карактерно, што немаат поддршка од своите семејства? Дали судиите премногу лесно се одлучуваат за мерката притвор? Дали државата ги обесштетува неправедно притворените? Колку тие самите имаат сила или волја да ја однесат државата на суд?

„Индивидуално е. Има луѓе кои поради лична сатисфакција и докажување пред околината, заради намалување на стигматизацијата во општеството сакаат да одат до крај и да докажат оти државата е виновна за нивниот притвор. Дури и паричниот надомест не им е толку битен“, вели Оливер Вуксановиќ од адвокатскиот конзорциум „Вуксановиќ-Петкова“.

Процедурата е едноставна: откако притворениот ќе добие правосилна пресуда дека е невин, се бара вонсудско решение со државата, односно со Министерството за правда. Во рок од три месеци Министерството е должно да испрати одговор, а доколку е негативен – се оди на суд.

„Вообичаено се бараат 20 евра од еден ден поминат во притвор, а потоа се бара отштета за честа и угледот. Висината зависи од статусот на обвинетото лице, во смисла на општествена експонираност, потоа колку заработува, во која животна фаза е, колкава изгубена добивка претрпел, ако има фирма - колку договори изгубил и слично“, објаснува адвокатката Виолета Петкова.

Министерството за правда има дискрециско право да го прифати барањето за вонсудска нагодба, или, пак, да смета дека и покрај ослободителната пресуда притворот бил едно од средствата неопходни во постапката, на пример, поради страв од бегство на осомничениот. Адвокатите велат дека се случува Министерството при надоместот на штетата да прифати дел од притворот, а дел не.

Иако отштетата може да достигне и неколку десетици илјади евра, стигматизацијата не може да се надомести. Александар вели дека додека бил на слобода, бил голем човек кој на многумина им помогнал финансиски. Кога најмногу му требала помош – луѓето му го вртеле грбот.

„Бев претставен како осуденик за убиство или за дрога, толку се испревртуваа работите. Секогаш велам дека многу е лесно да влезеш во притвор, а многу е тешко да докажеш дека си невин. Се' уште ги чувствувам последиците од мојот полугодишен престој во притворот. Зајмив пари да се вратам на нозе. И натаму сум невработен, но имам голема сила да успеам. Најважно е што сум заедно со семејството. Државата нема да ја тужам, не сакам веќе да се влечкам по судови, само сакам животот да ми се врати во нормала. Ќе им бидам благодарен на полицајците што дојдоа да ме уапсат оти ги замолив да не ми ставаат лисици за да не се трауматизираат дечињата, барем тоа ми го угодија“, раскажува скопјанецот.


ПРИТВОРОТ КАКО КАЗНА (Втор дел)

Во осум од десет случаи, судијата се одлучува да одреди притвор место да изрече друга мерка, како што се конфискација на имот, домашен притвор или одземање на патните документи

goran.a2Притворените во „Змиско око“, „Млекарот Душко“, уапсените во „Раштански лозја“ се дел од поголемите случаи што завршија со неосновано притворање на осомничените. За нив јавноста беше запознаена, иако адвокатите што работат на кривичното право ќе ви кажат дека во нивното секојдневно работење се соочуваат со еден куп предмети во кои или не се прифаќа кривичната пријава, или се отфрла дел од обвинението или, пак, на крајот се доаѓа до ослободителна пресуда за притворените лица. Општ впечаток на јавноста е дека судиите премногу лесно се одлучуваат да изречат притвор.

„Притворот треба да биде крајна мерка,  а за жал, кај нас станува прва“, вели судијката Маргарита Цаца Николовска, која порано работеше во Судот за човекови права во Стразбур. Објаснува дека нејзините колеги мора повнимателно да ја одредуваат ваквата санкција.

„Притворот кога утре или задутре ќе се покаже дека ја пречекорил рамката, мора да има надомест на штета: материјална и нематеријална. Она што е последица понатаму во животот, не може да се надомести, затоа што кај народот се создава една погрешна слика, перцепција, рефлексија и кај фамилијата, особено кај децата“, укажува Николовска.

Судијата Владимир Туфегџиќ, портпарол на Кривичниот суд во Скопје, не се согласува дека мерката притвор се користи повеќе отколку што реално има потреба.

„Се ценат сите околности, поаѓајќи од тежината на доказите (вербални и материјални), ако предметот е од областа на организираниот криминал се зема предвид поврзаноста на групата, дејствата на извршување и во таа смисла нивна поврзаност, значи се' се зема предвид пред да се донесе таа мерка. Се раководиме од законски пропишаните услови, ја цениме опасноста од бегство, влијанието врз сведоци и опасноста од повторување на делото“, тврди Туфегџиќ.

Јавен обвинител ги образложува причините поради кои се бара да се определи мерка притвор, но судот го има конечниот збор откако ќе ги земе предвид сите околности.

„Во однос на досегашното искуство како судии водиме сметка дали по преземањето на определени истражни дејства отпаднале некои од основите поради кои бил определен притворот. Доколку во текот на истрагата се исполнат условите, сме носеле и решенија по службена должност за укинување на притворот или определување поблага мерка“, вели судијата Туфегџиќ.

Поранешниот директор на невладината Коалиција „Сите за правично судење“, Кирил Ефремовски, вели дека во изминатите две години, во Одделението за организиран криминал при Основниот суд Скопје1, притвор се изрекува во 8 или 9 од 10 случаи на организиран криминал.

„Во овој контекст, предничат акциите како ‘Детонатор‘, ‘Калдрма‘, ‘Метастаза‘, но и ‘Змиско око‘ каде што скоро сите приведени беа притворени. Според Законот за кривична постапка, мерката притвор треба да е со цел да се спречи влијание врз судската постапка, истрагата или сведоците, односно врз кривичното дело. Истата како правен механизам има повеќе можности на обезбедување на обвинетите или осомничени, при што нивното притворање е крајниот чекор, механизам кој им е на располагање на судиите. Сепак, и покрај тоа, судиите се решаваат прво за притвор во притворските одделенија и истражни затвори, место изрекување конфискација на имот, домашен притвор или одземање на патните исправи како обезбедување на осомничените или обвинети лица. Со тоа директно се влијае кај јавноста и се манифестира општ страв од системот во државата“, смета Ефремовски.

Според него, мерката притвор се одредува по автоматизам, притоа сериозно не се зема предвид основата на обвинението, како ни видот на кривичното дело.

Судот не ги зема предвид ниту барањата на адвокатите на обвинетите за укинување на притворот или замена со куќен притвор. Единствено, флексибилен е во случаи каде што притворените имаат хронични болести и многу нарушено здравје.

Адвокатите велат дека откако ќе се одреди притвор, тие лица се де-факто осудени од општеството и стигматизирани.

„Притворот во општеството, за жал, се смета како за казна, а не како за ефективна мерка за поефикасно водење на судската постапка“, вели адвокатот Оливер Вуксановиќ.

Тој се присетува на неколку случаи што ги водел. Во еден од нив, клиентот бил обвинет за инцест со малолетната ќерка. Во постапката било утврдено дека немало полов однос, но Обвинителството го товарело за други дејства. Човекот добил ослободителна пресуда. Минал 173 дена во притвор. Сега бара отштета од државата и предметот е во фаза на вонсудско решавање на спорот со Министерството за правда.

„И покрај ослободителната пресуда, мојот клиент беше оставен од сите, напуштен од фамилијата и пријателите. Случајот беше и медиумски следен, па човекот доби етикета ‘педофил‘. Беше принуден да се отсели во друг град, иако не сторил никакво злодело“, вели Вуксановиќ.

Во друг случај, бранел воспитувачка обвинета дека малтретирала дете. Иако на суд било докажано дека е невина, сепак, и покрај ослободителната пресуда, морала да го смени работното место.


 ДРЖАВАТА ПЛАЌА МИЛИОНСКИ КАЗНИ ЗА ДОЛГИОТ ПРИТВОР (Трет дел)

Ако до неодамна Министерството за правда не одговараше на барањата за вонсудско решавање, сега дури и доброволно прифаќа за да го спаси буџетот од дополнителни трошоци

Повеќе од десет милиони денари им исплатила државата на граѓаните што ја тужеле поради неоснован притвор. Станува збор за периодот од 1997 до 2008 година, за кога и добивме последни податоци од Министерството за правда. Во текот на 2008 година биле доставени 32 барања за надомест на штета и тоа е убедливо најголема бројка во споредба со другите години. Во 1997 година била исплатено барање за надомест на штета во износ од 815.233 денари. Во 2001 се исплатени речиси пет милиони денари за две барања. Во 2003 година, државата била принудена да плати 1,66 милиони денари за два случаи, а во 2005 малку над еден милион денари за четири барања. Во 2006 за две поднесени барања биле исплатени 559.204 денари, а следната - за еден случај 178.683 денари.

goran.a3Во ситуации кога притвореното лице добива правосилна ослободителна пресуда, има право да ја тужи државата. Според процедурата, најпрво се бара вонсудско решение со Министерството за правда, кое е должно во рок од три месеци да достави одговор. Вообичаено се бараат 20 евра од еден ден поминат во притвор, а потоа се бара отштета за честа и угледот. Висината зависи од статусот на обвинетото лице, колку заработува, во која животна фаза е, колкава изгубена добивка претрпел и слично...

„Ако до пред некоја година, од Министерството за правда воопшто и не одговараа на барањата за вонсудско решавање, сега ситуацијата е смената, се со цел да се спасат парите на државата“, посочува адвокатката Виолета Петкова од адвокатскиот конзорциум „Вуксановиќ-Петкова“.

Оштетените граѓани имаат на располагање неколку организации и институции што им стојат на располагање во такви случаи, но тие најчесто се одлучуваат да побараат помош од адвокатите.

„Таква претставка за неоснован притвор, иако би била во наша надлежност, се' уште не сме добиле“, потврдува заменикот на народниот правобранител, Трипун Танушески. Од Канцеларијата на омбудсманот велат дека најмногу работа имаат во судски постапки со неоправдано одолжување на процесот или неодговорно вршење на работите од судските служби.

Хелсиншкиот комитет за човекови права во последните четири години постапувал само по едно барање за правна помош во врска со незаконски одреден притвор. Станува збор за познатиот случај на Душко „млекарот“. Битолчанецот Душко Илиевски, неговиот брат и татко беа гонети за „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“, односно одгледување на над 200 садници марихуана. За време на судскиот процес се утврди дека станува збор за канабис самоник, односно коноп кој без дополнителна обработка не ги поседува својствата на наркотична дрога. Членовите на семејството Илиевски беа пуштени на слобода.

„Хелсиншкиот комитет подготви барање за оштетно побарување, кое според законски пропишаната постапка најпрвин се испраќа до Министерството за правда. Министерството има рок од 3 месеци да му одговори на Душко, а доколку тоа не се случи или Министерството не понуди соодветно обесштетување, ќе почнеме судска постапка против државата. Рокот за одговор на Министерството за правда истекува овој месец“, велат од Хелсиншки комитет. Оттаму посочуваат дека се согласиле да му обезбедат бесплатна правна помош на Илиевски откако неколку адвокати кои битолчанецот ги контактирал за да го застапуваат во постапка за надомест на штета поради неоправдано лишување од слобода – го одбиле тоа.

Министерството за правда има дискрециско право да го прифати барањето за вонсудска нагодба, или, пак, смета дека и покрај ослободителната пресуда, притворот бил еден од средствата неопходни во постапката. Адвокатите велат дека се случува Министерството при надоместот на штетата да прифати дел од притворот, а дел не.

„Друг проблем е што често се случува судовите да бидат синхронизирани, па пресудите да бидат токму толкави колку што треба за да не се дојде до ситуација за неоснован притвор. Еве еден пример: шеснаесет лица беа обвинети за разбојништва, против тројца од нив се повлекува дел од обвинението. Тие тројца добиваат условни пресуди, а минаа осум месеци во притвор. Подоцна, на Апелацискиот суд, а по барање на Обвинителството, на тројцата момчиња им беше изречена затворска казна од осум месеци, точно онолку колку што тие беа во притвор“, вели адвокатот Оливер Вуксановиќ.

Најпознат случај за јавноста што поради неоснован притвор резултираше со буџетски пенали е случајот „Змиско око“. Триесет и осуммина ја тужеа државата до Европскиот суд за човекови права во Стразбур, кој оцени дека е прекршен член 5 став 3 – правото на слобода и сигурност од Европската конвенција за човекови права. Тужителите, кои од македонските власти беа обвинети дека на патарините затаиле пет милиони евра на приходи, тврдеа дека биле неправедно затворени, без доволен и конкретен мотив и дека немале ефективна можност да се жалат.

Сите седум судии на Европскиот суд од Стразбур донесоа едногласна одлука дека продолжувањето на притворот било неправедно и без оправдување, бидејќи само сомневањата не се доволни. На секој од нив, според пресудата, нашата држава требаше да му исплати по 2.000 евра отштета.

Овој случај е само еден од примерите што упатуваат дека судиите треба два пати да пресечат пред да пресудат, оти нивните грешки секогаш паѓаат на грбот на државата.

 

Овој текст е изработен во рамки на проектот „Зајакнување на соработката меѓу граѓанските организации и медиумите за промоција на човековите права и слободата на изразување“ што го реализира Македонскиот институт за медиуми - МИМ, а е финансиран од Европската унија преку програмата ЕИДХР. Содржината на текстот е одговорност единствено на медиумот и на никаков начин не ги рефлектира гледиштата на Европската унија или на МИМ

Проектот „Попреченоста е прашање на перцепција“, го спроведуваат Институтот за медиуми и различности од Лондон, Македонскиот институт за медиуми и Националниот совет на инвалидските организации на Македонија.

Проектот е финансиран од Европската Унија, преку Европскиот инструментот за демократија и човекови права (ЕИДХР).

euflagEUsoTEBE2

 

 

 

Оваа веб-страница е изработена со поддршка од Европската Унија. Содржината на оваа веб-страница е одговорност единствено на Институтот за медиуми и различности од Лондон и на никаков начин не ги одразува гледиштата на Европската Унија.

© 2018 Aktiv.mk. All Rights Reserved.