1. Вовед
1.1. Генерален поглед врз прашањата поврзани со лицата со попреченост и медиумите
Во изминатите две децении социјалните политики кои се насочени кон благосостојбата на лицата со попреченост доживеа суштински промени на меѓународно ниво. Евидентна е промената на парадигмата за начинот на кој општеството им приоѓа и ги гледа лицата со попреченост. На агендата на меѓународните институции, на европско, но и на национално ниво, лицата со попреченост, нивните права и нивните потреби, добиваат се повисоко место. Попреченоста е признаена како значаен развоен концепт и прашање, кој посочува докази дека лицата со попреченост искусуваат полоши социоекономски услови и сиромаштија отколку лицата без попреченост. Подобрувањето на легислативата и институционалната рамка на европско и на национално ниво го следи концептот на социјалната инклузија и еднакво учество на лицата со попреченост во секојдневниот живот на еднаква основа со другите граѓани. Подигнувањето на јавната свест и соодветното претставување на лицата со попреченост во медиумите се исто така признаени како важен дел од нужните промени.
На попреченоста денес се гледа како на тема од човековите права, а суштината на овој пристап е признавањето на основното право на лицата со попреченост да живеат во рамките на заедницата и целосно да учествуваат во нејзиниот социјален, културен, политички и економски живот. За да се оствари сево ова, државите треба да развиваат цврсти социјални политики и политики за социјална инклузија, кои задолжително треба да вклучат аспекти во однос на лицата со попреченост. Значаен дел од овие стремежи е подигнувањето на јавната свест за правата и можностите на лицата со попреченост и промена на начинот на кој другите ги перципираат лицата со попреченост, што во голема мера зависи од начинот на кој медиумите ги портретираат лицата со попреченост и известуваат за прашањата кои се поврзани со нивните човекови права.
Но и покрај ваквите трендови, лицата со попреченост се уште се една од најмаргинализираните групи на граѓани. Многу лица со попреченост немаат еднаков пристап до здравствена заштита, образование, вработување, ниту до социјални сервисни служби кои се поврзани со нивната попреченост. Сето ова е дополнително отежнато од степенот на предрасуди кој се уште е на неприфатливо високо ниво.
1.2. Пристап базиран на човекови права
Со донесувањето на Конвенцијата на ОН за правата на лица со попреченост во 2006 година, социјалните политики насочени кон лицата со попреченост се соочија за значителни промени. Конвенцијата воведе холистички и интегриран пристап на човекови права за да се опфатат социјалните и економски нееднаквости со кои се соочуваат лицата со попреченост и јасно признава дека општествените бариери и предрасуди се сами по себе онеспособувачки. Поради тоа, општеството треба да се прилагоди на лицата – а не обратно – согласно со нивните специфични и индивидуални потреби и преку воспоставување на структури и мерки за олеснување на пристапот на лицата со попреченост во општеството.
Со усвојувањето на Конвенцијата се случи промена во парадигмата во однос на попреченоста. Постои оддалечување од медицински ориентиран модел на грижа, каде лицето со попреченост се гледа како пасивен примач на грижа, или полошо, како лице чија попреченост треба да се „лечи“, кон модел на човекови права, каде лицата се поддржани да станат активни граѓани во нивните заедници. Оваа промена не се случува подеднакво брзо и ефективно насекаде низ светот - постојат докази дека во земјите во кои постои традиција на прифаќање на попреченоста како дел од човековата различност промените се случуваат целисходно, најмногу поради повисоката општа јавна свест за еднаквоста на различните ранливи групи и потребата за општествен одговор во остварувањето на нивните човекови права.
Состојбата во Република Северна Македонија ги следи овие главни развитоци. Во последните години, унапредувањето на правата на лицата со попреченост во рамките на секторот на социјална заштита, деинституционализација, како и образование, е еден од основните приоритети, што е секако за поздравување. Но, и покрај добрите намери, дел од иницијативите наидуваат на отпор од јавноста, пред се поради неинформираноста и немањето доволно разбирање за правата и потребите на лицата со попреченост. Ваквата појава дополнително ја зајакна претпоставката дека иницијативите кои се однесуваат на лицата со попреченост треба да се пропратени со соодветни информативни акции кои ќе укажат дека промените како што се вклучувањето на децата со попреченост во инклузивно образование или преселбата на лицата од големите резиденциски институции во мали станбени единици во заедницата, долгорочно гледано се во корист на целата заедница.
1.3. Попреченоста е прашање на перцепција
Тргнувајќи од споменатите постулати на Конвенцијата, а со цел подобрување на видливоста на лицата со попреченост во медиумите, во Република Северна Македонија во тек е спроведување на двегодишниот проект „Попреченоста е само прашање на перцепција“, во партнерството помеѓу Институтот за медиуми и различности од Лондон (МДИ), Македонскиот институт за медиуми (МИМ) и Националниот совет на инвалидски организации на Македонија (НСИОМ), а финансиран од Европската Унија.
Во рамките на проектот, партнерските организации го подготвија овој документ со препораки на ниво на политики, со цел да укажат на некои од најважните промени кои се потребни за зголемена видливост на лицата со попреченост во медиумскиот простор, а со тоа подигнување на јавната свест и придвижување кон моделот на пристап кон лицата со попреченост кој е базиран на човекови права.
2. Преглед на релевантни политики
Иако релевантните државни институции, организациите на лица со попреченост и самите лица со попреченост се свесни за значењето и улогата на медиумите за подигнување на свеста и за нивното влијание врз јавните политики, во македонскиот контекст до скоро не постоеја експлицитни политики кои ги уредуваат прашањата поврзани со медиумското портретирање на лицата со попреченост. Тоа укажува на фактот дека поголем фокус се ставаше на генералниот пристап на лицата со попреченост до информации, отколку на начинот и на квалитетот на информациите кои лицата со попреченост ги добиваат и како тие се портретирани во медиумите. Но, во изминатите неколку години државата донесе неколку политики во вид на национални стратегии кои значително подобро ја обработуваат оваа тематика. Генералните насоки во кои државата се движи произлегуваат од обврските кои се преземени со ратификацијата на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост, и истите се рефлектираат во стратегиите за развој на аудио и аудиовизуелна дејност, за деинституционализација, за образование, за недискриминација. Во овие стратегии предвидени се мерки и активности со кои ќе се придонесе за креирање на позитивна слика за лицата со попреченост, нивните права и потреби. Ваквиот развој на политиките е исклучително важен и претставува солидна почетна основа за квалитетно уредување на потребната стратешка рамка, чија соодветна имплементација е гаранција за суштински промени на јавните перцепциите кон лицата со попреченост. Од тие причини, во продолжение е претставен преглед на поважните политики.
Република Северна Македонија ја ратификуваше Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост во декември 2011 година. Конвенцијата е најзначајниот меѓународен договор кој не воведува нови права за лицата со попреченост; нејзината цел е да се примени начелото на недискриминација за секое човеково право, во секој контекст, во секоја област на секојдневниот живот. Конвенцијата е правно обврзувачка за државите што ја ратификувале, па поради тоа, нејзините членови го поставуваат патот за идниот развој во политиките насочени кон лицата со попреченост.
Конвенцијата бара доследни и суштински промени во начинот на кој треба да се адресираат потребите на лицата со попреченост. Една од најзначајните одредби на Конвенцијата (член 8 Подигнување на свеста) ги обврзува државите потписнички да донесат непосредни, ефективни и соодветни мерки за:
- подигнување на свеста во целото општество, вклучувајќи и на ниво на семејството, во однос на лицата со попреченост, и да ја промовираат почитта за правата и достоинството на овие лица;
- борба против стереотипите, предрасудите и штетните практики во однос на лицата со попреченост, вклучувајќи ги и оние врз основа на пол и возраст, во сите области од животот и
- промовирање свесност за способностите и придонесите на лицата со попреченост.
За да се постигне сето ова, Конвенцијата предвидува дека е потребно иницирање и одржување на ефективни кампањи за подигнување на јавната свест наменети за развивање на ставови за почитување на правата на лицата со попреченост и за промовирање позитивни перцепции и поголема социјална свесност кон лицата со попреченост. Конвенцијата ја признава исклучително значајната улога имаат медиумите и затоа повикува на поттикнување на сите медиуми за портретирање на лицата со попреченост на начин кој е доследен на целите на оваа Конвенција.
Заклучните согледувања кои Комитетот на ОН за правата на лицата со попреченост ги упати кон надлежните институции во Република Северна Македонија при разгледувањето на иницијалниот државен извештај за имплементацијата на Конвенцијата (за време на 20та сесија во септември 2019 година) претставуваат основни препораки и насоки во кои државата треба да ја оформува мерките кон лицата со попреченост. Комитетот, во своите заклучни согледувања областа Подигнување на свеста (член 8), посочува загрижености поради недостатокот на национална политика и стратегија за подигнување на свеста за попреченоста и недостаток на напори за спречување и борба против стереотипите за попреченоста и дискриминацијата по основ на попреченост. Исто така, Комитетот увиде само аd-hoc активности за кампањи за подигнување на свеста кои се фокусираат на оштетувањето наместо на правата и го зајакнуваат милосрдниот пристап кон попреченоста. Поради тоа, Комитетот препорача државата да усвои национална политика и стратегија за подигнување на свеста за попреченоста со цел спречување и борба против дискриминацијата која ја доживеале лицата со попреченост, преку учество на лица со попреченост, насочено кон борба против стигмата и стереотипите; како и развивање на континуирани кампањи за Конвенцијата во јавниот и приватниот сектор и меѓу лицата со попреченост и нивните репрезентативни организации.
Комитетот е загрижен и за ограничените информации од јавен карактер кои се пристапни за лицата со попреченост во соодветни формати, вклучувајќи превод на знаковен јазик, тактилно препознавање, Брајова азбука и во формат лесни за читање и други алтернативни форми за комуникација, и во јавните и во приватните медиуми. Поради тоа препорача државата да размисли за усвојување на закон за право на пристап до информации и за отстранување било какво ограничување кое ги спречува лицата со попреченост слободно да бараат, примаат и пренесуваат информации и идеи на еднаква основа со другите, и да осигури дека сопствениците и дизајнерите на веб страните ќе ги направат своите веб страни пристапни за лица со попреченост, особено за слепите и слабовидите лица.
Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост предвиде неколку мерки за реализација во 2019 година како одговор на препораките на Комитетот на ОН за правата на лицата со попреченост, кои според секторот на делување треба да бидат спроведени во соработка помеѓу Министерството за информатичко општество и администрација, Агенцијата за електронски комуникации, Агенцијата за радиодифузија и Здружението на новинари на Македонија. Предложените мерки во акцискиот план за имплементација на Конвенцијата за 2019 година опфаќаат:
- Сензибилизација на регулаторните тела во областа на медиумите, за правата и потребите на лицата со попреченост, преку редовни консултации.
- Едукација на радиодифузерите за правата на лицата со попреченост.
- Ќе се предложи кампања за подигање на свеста за правата на лицата со попреченост во оваа сфера.
- Укажување на сите електронски портали на медиумите, нивните веб страни да бидат во пристапен формат.
Исто така, со измените на Законот за аудио и аудио визуелни медиумски услуги се дадени соодветни правни основи за определување на овие мерки во рамки на подзаконски акт кој би требало да биде донесен од страна на независниот регулатор. Оваа материја е регулирана и со Законот за медиуми, овој вид на мерки ќе бидат содржани и во одредби од Законот за медиуми, чија што измена и дополнување е планирана за во 2019 година. Дополнително во акцискиот план е предвидено дека ќе се извршат консултации и ќе се предложи на регулаторното тело од областа на медиумите да спроведе информативна кампања за значењето на програмите кои ги создаваат радиодифузерите за значењето на истите да овозможат подеднаков квалитет за граѓаните со попреченост.
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги во 2019 година ја подготви Регулаторната стратегија за развој на аудио и аудиовизуелната дејност за периодот од 2019 до 2023 година, со цел да ги одреди насоките на своето дејствување и подобрување на голем број од аспектите во областа на медиумите. Во делот на стратегијата насловен како „Заштита на човековите права во медиумските содржини“, предвиден е цело поглавје „Проширување на пристапноста на медиумските услуги и содржини“ кое се однесува на лицата со попреченост, особено на лицата со оштетен вид и лицата со оштетен слух.
Стратегијата ја препознава важноста на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост и повикувајќи се на неа и на ревидираната Директивата за аудиовизуелни медиумски потенцира дека правата на лицата со попреченост и на постарите да учествуваат и да бидат интегрирани во социјалниот и културниот живот е неразделно поврзано со обезбедувањето достапни аудиовизуелни медиумски услуги. Начинот за постигнување достапност треба да вклучува, но не треба да биде ограничен на: знаковен јазик, титлување, аудио опис, лесно разбирлива навигација на менито.
Стратегијата на соодветен начин ги поставува медиумите и нивната двојна улога во борбата против дискриминацијата на лицата со попреченост и токму тоа се насоките каде треба да се движат натамошните активности. Од една страна, тие треба да обезбедат, лицата со попреченост, на еднаква основа да го остварат своето право на целосни и редовни информации, вклучувајќи достапност на медиумските содржини во формат кој е прилагоден за нив. Од друга страна, како форум за изразување и канал преку кој се пренесуваат пораки, медиумите можат значително да придонесат за развој на културата на човековите права, инклузија и промовирање на идејата за еднаквост, но тие, исто така, може да придонесат за ширење на предрасудите, стигмата, стереотипите и негативните ставови кон лицата со попреченост.
Стратегијата во овој дел се базира на истражувањето „Пристап до програмите на радиодифузерите за лица со оштетен вид и слух – понуда и потреби“ кое во 2016 година го спроведе Агенцијата, и кое опфаќа низа наоди, потреби, идеи и перцепции за обезбедување подобра достапност и пристапност на медиумите.
Акцискиот план за реализација на Регулаторната стратегија за развој на аудио и аудиовизуелната медиумска дејност за периодот од 2019 го 2023 година ги предвидува следните мерки за зголемување на пристапноста на лицата со попреченост до медиумските услуги и содржини:
- Во 2019 година Агенцијата ќе изработи документ за политики за обезбедување достапност до медиумите на лицата со сетилна попреченост;
- Во периодот што го опфаќа оваа Стратегија, Агенцијата ќе ги следи европските препораки за пристапност на лицата со попреченост до медиумските услуги;
- Ќе иницира и подготовка на саморегулаторен акт на чинителите од индустријата на аудио и аудиовизуелни медиумски услуги за пристап на лица со оштетен вид и слух на аудиовизуелни услуги преку работни средби со релевантните чинители во 2020 година. Според Агенцијата, дали оваа иницијатива ќе успее, ќе зависи од професионалноста и од сфаќањето на медиумите за сопствената општествена одговорност и улога.
Со донесувањето на новиот Закон за спречување и заштита од дискриминација во 2019 година значително се подобрува правната рамка со тоа што се прошируваат основите за дискриминација, се менува и подобро се дефинира поимникот и дефиницијата за дискриминација, се професионализира Комисијата за заштита од дискриминација која ќе треба да работи и на превенцијата освен на заштита од дискриминација. Во законот е вклучена одредба за соодветно приспособување за лица со попреченост, која е преземена од Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост. Исто така, попреченоста е директно посочена како дискриминаторска основа, а во дефиницијата на дискриминација е вклучено и оневозможувањето на пристапност и достапност на инфраструктурата, добрата и услугите.
Значајно е тоа што законот се однесува и се применува на и од сите физички и правни лица, вклучително во областа на јавно информирање и медиуми, што создава важна обврска за медиумите да го подобрат квалитетот на својата работа во однос на известувањето за лицата со попреченост. Важна обврска за Комисијата за спречување и заштита од дискриминација е да ги споделува своите мислења, наоди и препораки и да се обраќа на јавноста преку кој било медиум, нешто што треба да се сфати како исклучително значајна алатка во идното планирање на стратешките документи.
Во Националната стратегија за деинституционализација „Тимјаник“ 2018 - 2027 деинституционализацијата се дефинира како премин од институционална грижа кон систем за социјална грижа во семејството и заедницата со поддршка од социјалните служби, односно затворање на институциите и истовремен развој на социјалните услуги во заедницата, чијашто функција се темели на стандардите за човековите права. Поради важноста на процесите на зголемување на свесноста и застапувањето во процесот на деинституционализација, односно промоција на деинституционализација во професионалната јавност и генерирање на општа јавна свест, истите се експлицитно предвидени во националната стратегија. Aкцентот на подигнувањето на свеста се става на едукација и подигање на свесноста на јавноста за проблемот на институциите и предизвиците на процесот на деинституционализација. Пораката треба да се пренесе дека институционалната грижа е штетна, неефикасна, и претставува неетичко решение кое ги крши човековите права. Треба да постои јасна и широка комуникација и да се пренесуваат информации до јавноста, со добри примери за успешно преселување и промовирање на заедниците и локалните власти кои успешно соработувале во преселувањето и воспоставиле добар одговор од заедницата.
Стратегијата предвидува дека за подигнување на јавната свеста и застапување, потребно е спроведување на годишни информативни кампањи за деинституционализацијата и воспоставувањето на социјалните услуги во заедницата, со осигурено вклучување на корисниците во активностите за промоција и подигнување на јавна свест.
Еден од заклучоците во Стратегијата за образование 2018 – 2025 е дека децата со посебни образовни потреби не се доволно вклучени во редовното образование. Нивното вклучување во редовните училишта не е доволно уредено и не се воведени соодветни механизми за тоа. Исто така, наставниците не поседуваат доволно компетенции за работа со оваа категорија ученици. Освен тоа, постојат предрасуди кон овие деца кај родителите, наставниците и учениците. Поради тоа, Стратегијата во својот акциски план предвидува активности за зголемување на свеста за правото на квалитетен образовен процес на учениците со посебни образовни потреби и операционализира мерки насочени кон спроведување на медиумски кампањи на национално и регионално ниво.
3. Наоди од релевантни истражувања и наоди
3.1. Народен правобранител
Во извештајот на Народниот правобранител од 2016 година насловен како „Информација за правата на децата/лица со посебни потреби од перспективата на децата/лицата со посебни потреби и на нивните семејства“ констатирано е дека државата треба посериозно да се вложи во унапредувањето, заштитата и обезбедувањето на целосно и еднакво уживање на човековите права и основните слободи од страна на лицата со попреченост, кое впрочем е и основна цел на Конвенцијата за правата на лицата со инвалидност, ратификувана од Република Северна Македонија на 5 декември 2011 година. Исто толку важна е и промената на општествените вредности и ставови, во насока на подигање на свеста за попреченоста, развивање на инклузивни услуги, а со тоа и прифаќање на децата/лицата со попреченост, на еднаква основа со другите.
Во однос на достапноста на информациите, во извештајот се посочува незадоволството на лицата со попреченост и нивните семејства поради неподготвеноста и несериозниот пристап на институциите и органите за обезбедување на потребните информации на лесен, разбирлив начин и формат, согласно попреченоста на лицата. Воедно, потенцирана е улогата на медиумите во подигнување на јавната свест, преку информирање за лицата со попреченост почитувајќи го достоинството на овие лица, а истакната е потребата од поголем ангажман на органите и институциите на централно и на локално ниво за преземање конкретни акции за информирање на јавноста за правата и потребите на овие лица, почитување на овие права и поголема социјална свесност за нивното постоење и потреба од инклузија од секаков вид.
3.2. Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги
Агенција за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, во својот извештај за спроведување на Програмата за обезбедување достапност до медиумите на лица со сетилна попреченост (2016 – 2018) од јуни 2019 година, ја потврдува значајната улога медиумите преку пристапни едукативни и информативни програми да придонесат за гарантирање на човековите права на лицата со попреченост, согласно Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост.
Во извештајот е констатирано дека досегашниот пристап на Агенцијата кој одеше во насока на запознавање на радиодифузерите со општествената полезност и одговорност на медиумите своите програми да ги направат пристапни и дека можат од тоа да очекуваат зголемување на популарноста на своите програми, даде одредени резултати. Се појавија неколку нови информативни програми на комерцијалните радиодифузери со толкување на знаковен јазик. Покрај, тоа забележано е исто така емитување комерцијални комуникации со употреба на знаковниот јазик.
Во делот со Перспективи за обезбедување пристапност, посочено е дека во наредниот период, регулаторното тело ќе изготви документ за политика за достапност до програмите за лицата со попреченост, кој ќе поаѓа од новите обврски на ова поле пропишани со последните измени на Директивата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Имено, сега повеќе обврската не е да се охрабрат давателите на аудиовизуелни медиумски услуги да ги направат своите програми достапни, туку да обезбедат дека медиумите ќе ги направат своите програми достапни постојано и прогресивно. Или, поедноставно кажано, обврската нема да биде законски пропишана само за јавниот сервис туку и за приватните даватели на аудиовизуелни медиумски услуги.
Агенцијата истакнува дека во активностите што ќе следат ќе продолжат консултациите со заинтересираните чинители. Покрај националните сојузи, во активностите за обезбедување пристапност потребно е вклучување и на други субјекти: владини структури, бизнис заедницата, експерти и поединци со или без попреченост кои сакаат да се вложат во оваа цел, како и граѓански организации кои се занимаваат со правата на лицата со попреченост и особено со пристапноста. Особено е важно и развивање на непосредна комуникација и размена на информации со Интер-партиската парламентарна група за правата на лицата со попреченост во Собранието на РСМ, која претставува неформална група составена од пратеници од сите политички партии, како и со Националното координативно тело за имплементација на Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост во Република Северна Македонија.
3.3. Македонски институт за медиуми
Во „Белата книга - Приоритети и механизми за унапредување на соработката меѓу граѓанските организации и медиумите за ефикасна заштита на човековите права“ на Македонскиот институт за медиуми нотирани се генерално истите наоди како и во другите релевантни истражувања, односно констатирано е дека лицата со попреченост во државава се соочуваат со потешкотии и дискриминација при пристапот до здравствена заштита и до други јавни и социјални услуги, образование, вработување, јавен транспорт и други области. Искуството на вклучените организации во подготовката на Белата книга потврдува дека, и покрај тоа што постепено се донесува поволна легислатива, практиката покажува дека овие граѓани се соочуваат со недостиг на можности, маргинализација и дискриминација во општеството.
Во однос на видливоста и промоцијата на правата на лицата со попреченост, констатација е дека медиумите ретко отвораат прашања поврзани со попреченоста на начин што ќе промовира инклузија и активно вклучување на лицата со попреченост во општествените текови во различни програми или во информативните изданија. Почесто се случува медиумите да пренесуваат статистики и бројки или, пак, приказни што треба да предизвикаат емпатија и сожалување кај гледачите. Овде не смее да се занемари позитивното влијание што го направиле медиумските приказни во животите на лица со попреченост. Со откривањето на различни случаи заборавени од државата, медиумите многупати поттикнале акција за помош од страна на граѓанските организации и самите граѓани, или ги натерале властите да реагираат. Сепак, граѓанските организации кои работат со лицата со попреченост апелираат медиумите да пренесуваат повеќе афирмативни приказни што ќе ги прикажат како рамноправни граѓани, кои придонесуваат во општеството.
Белата книга формулира три главни приоритети за унапредување на соработката меѓу граѓанските организации кои работат во областа на лица со попреченост и медиумите:
- Сензибилизирање на новинарите за темите поврзани со лицата со попреченост.
- Поголема застапеност на теми поврзани со попреченоста во медиумите.
- Поголема соработка меѓу граѓанските организации кои работат во областа на лица со попреченост и медиумите.ГЛАВА
3.4. UNICEF - Второ истражување за знаењата, ставовите и практиките во однос на инклузија на деца со попреченост
Во 2014 година, УНИЦЕФ спроведе истражување за знаењата, ставовите и практиките во однос на деца со попреченост. Резултатите од истражувањето послужија како првични податоци и придонесоа кон дизајнирање комуникациска стратегија и кампања за решавање на пречките кои ги спречуваат децата да ги остварат своите права, вклучувајќи: кампањи за попреченост [2015-2017] #ЗаПравиченСвет (#FightUnfair), кампања на социјалните медиуми [2015-2016] и интегрирана кампања во март и септември 2017 под слоганот “Биди фер – За детство без пречки“. Кампањата беше насочена кон мобилизирање на јавната свест и поддршка на правата и вклучувањето на децата со попреченост. Таа имаше за цел да изгради поддршка за социјалниот модел на попреченост како што е дефинирано со Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост и да ги поттикне луѓето да ги разберат вистинските бариери кои ги спречуваат децата и возрасните со попреченост да учествуваат во секојдневниот живот.
Со цел да се овозможи споредба на податоците, прашалникот користен за првото истражување беше делумно прилагоден за втората анкета со цел да се вклучат клучните истражувачки прашања. Резултатите од второто истражување покажаа позитивни и охрабрувачки промени во знаењето и ставовите на пошироката јавност во однос на децата со попреченост и нивната интеграција во општеството. Компаративната анализа покажуваа дека луѓето се поинформирани за децата со попреченост, се забележува промена од поддршка на добротворниот модел на инклузија кон поддршка на социјалниот модел, како и значителна промена во разбирањето на општата јавност за потребата од менување на општеството и околината за да го поддржат вклучувањето, а не на самите деца. Исто така, се забележува и особено позитивна промена на ставот поврзан со можноста дете со попреченост да води независен и продуктивен живот на возрасни години, ако добие поддршка од стручните лица, институциите и општеството.
4. Наоди од спроведеното истражување во рамките на проектот „Попреченоста е прашање на
перцепција“ и Препораки за унапредување на соработката помеѓу граѓанските организации и
медиумите
Во рамките на проектот „Попреченоста е прашање на перцепција“, проектните партнери спроведоа истражување за видливоста на лицата со попреченост во медиумскиот простор кое комбинираше мониторинг на медиумски содржини и интервјуа со релевантни претставници на државни институции, граѓански организации на лица со попреченост, самите лица со попреченост и новинари и претставници на медиуми.
Главните наоди од истражувањето се:
- Темите кои се важни и се поврзани со лицата со попреченост се недоволно застапени во медиумскиот простор, иако е забележлив напредок во ова поле.
- Преовладува несоодветно медиумско портретирање на лицата со попреченост: употреба на несоодветна терминологија, известување базирано на милосрден пристап и сензационалистички приказни, наместо на пристап базиран на човекови права кој би ги афирмирал потенцијалите, можностите и правата на лицата со попреченост.
- Недоволна подготвеност на медиумските работници да известуваат на теми за лица со попреченост, недоволна информираност и непознавање на спецификите на прашањата поврзани со лицата со попреченост.
- Граѓанските организации генерално немаат развиено доволни капацитети за соработка со медиумите, немаат развиени механизми и алатки за работа со медиуми и новинари, а исто така честопати им недостасуваат човечки ресурси.
- Недоволна соработка помеѓу медиумите и организациите на лицата со попреченост и непостоење на стратешки пристап во градењето на коалиции кои ќе придонесат за подобри резултати во однос на видливоста на лицата со попреченост во медиумите, а со тоа и делување врз општата јавна свест.
Извештајот од истражувањето е достапен на aktiv.mk и на веб страните на проектните партнери и истиот претставува референтен материјал чии наоди, заклучоци и препораки треба да се земаат во предвид како комплементарна содржина на овој документ со препораки на ниво на политики.
Исто толку важни да се земат предвид се и Препораките за унапредување на соработката помеѓу граѓанските организации и медиумите кои произлегоа од работилницата „Градење коалиции меѓу медиумите и граѓанските организации што ги застапуваат лицата со попреченост“, одржана во рамки на проектот „Попреченоста е прашање на перцепција“. Во препораките недвосмислено се потврдува дека граѓанските организации и медиумите се многу важни чинители во процесите на демократизација, вклучително и во создавањето на поинклузивни општества за лицата со попреченост.
Имајќи ги предвид нивните специфични улоги, од суштинско значење е тие да ги здружат силите и да воспостават меѓусебна соработка, со цел да се зголеми влијанието врз ставовите на јавноста кон лицата со попреченост. Сепак, оваа соработка е честопати проблематична и како да постои врска што недостига, што всушност претставува недоволно разбирање и несоодветна комуникација помеѓу граѓанските организации и медиумите и обратно.
Клучно за подобрување на заемната комуникација е одржувањето отворена, инклузивна и континуирана дебата меѓу граѓанското општество, медиумите и институциите. Тоа може да се постигне преку јакнење на капацитетите на новинарите за покривање на граѓанските теми и нивна поголема иницијативност за вклучување на граѓанскиот сектор во информативните рубрики, а од друга страна, потребно е да се зајакнат и капацитетите на граѓанските организации за комуникација со медиумите и да се охрабрат да бидат погласни и поиницијативни во нивниот пристап до медиумите. Заедничко за двете страни е да се унапредува меѓусебната соработка и заемната доверба.
5. Препораки
5.1. Препораки на ниво на политики
Релевантните државни институции, организациите на лица со попреченост и самите лица со попреченост се свесни за значењето и улогата на медиумите за подигнување на јавната свест и за нивното влијание врз јавните политики. Медиумите исто така се свесни за нивната исклучителна улога, но до скоро таа улога не беше експлицитно уредена во конкретна политика за прашањата поврзани со медиумското портретирање на лицата со попреченост. Во изминатите неколку години државата донесе неколку национални стратегии кои значително подобро ја обработуваат оваа проблематика. Генералните насоки во кои државата се движи произлегуваат од обврските кои се преземени со ратификацијата на Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост, и истите се зацртани во стратегиите за развој на аудио и аудиовизуелна дејност, за деинституционализација, за образование, за недискриминација, каде се предвидени мерки и активности со кои ќе се придонесе за креирање на позитивна слика за лицата со попреченост, нивните права и потреби. Иако не постои меѓусебно поврзување на овие стратегии, сепак ваквата состојба претставува солидна почетна основа за квалитетно уредување на потребната стратешка рамка, чија соодветна имплементација е гаранција за суштински промени на јавните перцепциите кон лицата со попреченост.
Заклучокот кој може да се донесе од прегледот на политиките е дека подобрувањето на видливоста на лицата со попреченост во медиумскиот простор не е соодветно и доволно опфатено во развојните стратегии на државата. Во дел од нив, постојат сегменти кои предвидуваат активности насочени кон подигнување на јавната свест, како што се Стратегијата за медиуми, Националната стратегија за деинституционализација и Националната стратегија за образование, но недостасува еден сеопфатен пристап и план како тоа ќе се постигне и каква ќе биде улогата на медиумите.
Поради тоа, потребно е поцврсто стратешко планирање на овие активности, како дел од развојната политика кои нужно ќе вклучат соработка со медиуми и комуникација со јавност заради информирање и актуелизирање на битните прашања за сите групи на лица со попреченост, вклучувајќи ги жените и децата со попреченост.
Уште поважно, потребно е операционализирање на стратешката рамка во конкретни акциски планови со утврдени активности, рокови, извори на финансирање и одговорни институции за спроведување, како и соодветен мониторинг и евалуација на имплементацијата на активностите и мерките. Во согласност со одредбите од Конвенцијата на ОН за правата на лицата со попреченост, потребно е да се овозможи активно учество на лицата со попреченост, вклучувајќи ги жените и децата со попреченост, и нивните репрезентативните организации на лица со попреченост во сите овие активности. Исто така, потребно е поголемо вклучување на националните институциите за човекови права, како што се Народниот правобранител и Комисијата за заштита од дискриминација.
Стратешкото планирање на политики за подобрување на видливоста на лицата со попреченост во медиумскиот простори треба нужно да вклучи и дел за иницирање, активирање и поддршка на медиумите соодветно да ја реализираат својата важна улога за промовирање и градење на инклузивно општество, што е усвоено како една од насоките за делување на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги. Притоа, особено внимание треба да се посвети на достапноста на програмите на јавниот сервис, но и на приватните медиуми за лицата со попреченост.
Јавното финансирање на националниот сервис и било кои други медиуми треба да биде зависно од развојот на соодветна политика која ги третира прашањата на лицата со попреченост, а сите медиумски организации и институции треба да опфатат позитивни мерки за да овозможат учество и членство од страна на лицата со попреченост.
5.2. Препораки на ниво на програми
Соодветното стратешко планирање на ниво на политики за подобрување на видливоста на лицата со попреченост, како и за подигнување на јавната свест, треба да воспостави мерки и активности кои се конкретни и насочени кон приоритетни области за делување на ниво на програми.
За да се подготви целисходна политика, потребно е да се добие јасна слика, односно да се истражи состојбата, да се увидат предизвиците и да се идентификуваат празнините и деловите кои недостасуваат, преку спроведување на сеопфатни студии. Затоа, потребно е спроведување и поддршка на истражувања за позитивното и/или негативното влијание на медиумското покривање/известување за лицата со попреченост.
Како резултат од овие активности, ќе можат да се дефинираат приоритетни инцијативи за справување со предизвиците и надминување на празнините. Дел од приоритетните акции за кои може со сигурност да се каже дека значајно може да придонесат се: поддршка на продукции на медиумски содржини за и од лица со попреченост, воспоставување на програми за директно поттикнување на новинарите да пишуваат на теми поврзани со лицата со попреченост на соодветен начин, како и дисеминација на знаењата од постојните добри практики. Ваквите иницијативи се разбира дека побаруваат и адекватно финансирање, па затоа е потребна континуирана дисеминација на информации за достапните можности за финансирање за заинтересираните страни.
Неопходно е да се овозможат услови за развој и воспоставување на стратешки партнерства помеѓу граѓанските организации кои ги застапуваат правата на лицата со попреченост и асоцијациите на медиуми и/или здруженијата на новинари, со јасно дефинирани улоги во реализација на акции за зголемена видливост на лицата со попреченост.
За да се постигне ова, првенствено е потребна долгорочна посветеност на засегнатите страни: релевантните државни институции, граѓанските организации на лица со попреченост, медиумите, медиумските работници и нивните здруженија, лицата со попреченост, но и вистинска спремност за заедничка работа. Вмрежување на чинителите во поширока коалиција секогаш е еден од условите за постигнување на подобри резултати преку координирани и континуирани активности, а особено важно е успешното градење коалиции меѓу репрезентативните организации на лица со попреченост и здруженијата на новинари и медиуми.
Повеќе од јасно е дека за подигнување на јавната свест, потребните се континуирани кампањи во кои медиумите имаат носечка улога која треба да биде поддржана од страна на другите чинители. За поуспешни кампањи, потребно е обука на новинарите и медиумските работници и нивно сензибилизирање за правата на лицата со попреченост. Во таа смисла, неопходно е зајакнување на професионалната подготовка на медиумските работници и новинарите уште за време на нивните студии. Воведувањето на модул за човекови права на лица со попреченост и соодветно медиумско известување за лица со попреченост на студиите по новинарство во голема мера би придонела за поквалитетни идни медиумски содржини. Во овој дел, особено е важно да се обезбедат можности за поттикнување на лицата со попреченост да се образуваат како новинари и да се вклучат во работата на медиумите, преку стипендии, бесплатни студии и практикантство.
Потребно е да се овозможи поголема поддршка на медиумските работници да ги перципираат лицата со попреченост како еднакви членови на општеството, кои се засегнати од сите прашања кои ги засегаат сите други луѓе во целото општество и кои не се поврзани со нивната попреченост.
Зголемувањето на медиумската писменост на лицата со попреченост и на нивните репрезентативни организации треба да се зајакне и поддржи. Во таа насока, потребно е вклучување на лицата со попреченост и претставниците на граѓанските организации на лицата со попреченост во различни програми за медиумска писменост, па поради тоа е неопходно ширење на информации за достапните програми за медиумска писменост кои можат да бидат од корист на различни ранливи групи, вклучувајќи ги лицата со попреченост.
Сите овие активности треба да ја имаат предвид родовата перспектива, со цел да ги зајакнат жените со попреченост подобро да ги застапуваат своите специфични потреби и права. Имајќи во предвид дека во Северна Македонија не постои организација која засебно се бави со права на жени со попреченост, потребно е поголемо охрабрување на медиумите и на граѓанското општество - од известување за прашања кои се релевантни за жените со попреченост до зајакнување на граѓанските организации да ги застапуваат правата на жените со попреченост.
5.3 Препораки на ниво на проекти
Според проектните партнери во имплементацијата на проектот „Попреченоста е прашање на перцепција“, неопходно е да се обезбеди континуитет и одржливост на активностите за зголемување на видливоста на лицата со попреченост, односно да се овозможат дополнителни можности за финансирање на вакви и слични акции преку грантовите шеми на меѓународната донаторска заедница. Добрите акции треба да се мултиплицираат како вид на социјална иновација и да се развиваат во поголем обем за да се постигне поголем ефект во менувањето на јавните перцепции кон сите групи на лица со попреченост, со дополнителен фокус на специфичните прашања на жените и децата со попреченост.
Поголем дел од мерките од националните политики можат да бидат преточени и имплементирани како проектни активности, со соодветно планирање, поддршка и проектно финансирање од донатори. Една од тие мерки е спроведување на континуирани обуки на сите чинители, особено на лицата со попреченост и претставниците на организациите кои ги застапуваат правата на лицата со попреченост, за подобро комуникација и соработка со медиумите. Подеднакво важна е потребата за обука на новинарите и претставниците на медиумите за инклузивно новинарство и стекнување на соодветни вештини и знаења за нови пристапи во известувањето за лицата со попреченост.
Една од можностите за афирмирање на важноста на соодветно медиумско известување и зголемување на видливоста на лицата со попреченост во медиумскиот простор е воведување на награди или признанија за медиуми и новинари кои промовираат различности и човекови права. Ваквите искуства веќе постојат на национално и европско ниво, пример се наградите за најдобри истражувачки стории на МИМ, награда за најпристапен град за лица со попреченост на ЕДФ и Европската Комисија, награда за најдобри практики за вработување на лица со попреченост на ЕАСПД. Важно е ваквите конкурси за награди или признанија за инклузивно новинарство да се организираат како заедничка иницијатива на организациите на лицата со попреченост и организациите на медиуми и новинари. Добрите практики кои поттикнуваат зголемена свесност и адресираат важни прашања на соодветен и успешен начин, почитувајќи ги човековите права на лицата со попреченост, треба да се поддржат и јавно афирмираат, како пример за следење од страна на останатите чинители.
Дополнително, потребно е да се поттикне вмрежување и соработка помеѓу организации и проекти кои таргетираат унапредување на човековите права на други ранливи групи и кои имплементираат активности за менување на јавните перцепции преку соработка со медиуми. Попреченоста е една од основите за дискриминација и треба да се третира како прашање на човекови права, а со оглед на тоа што исто се однесува и за останатите ранливи групи, потребен е координиран заеднички настап во борбата против предрасудите и негативните ставови.
Медиумите и граѓанските организации треба да бидат поттикнати да обработуваат теми на повеќекратна дискриминација, на пример попреченост и род, попреченост и сиромаштија или бездомништво, попреченост и сексуална ориентација. Тоа може да придонесе за подобро разбирање на секојдневието и на специфичните потреби и права на децата, мажите и жените со попреченост, на кои попреченост е само еден дел од идентитет, но често не е единствената основа за дискриминација.
Препораките се подготвени во рамки на проектот „Попреченоста е прашање на перцепција“, што го спроведува Институтот за различности и медиуми од Лондон, во партнерство со Македонскиот институт за медиуми и Националниот совет на инвалидските организации од Македонија, а со финансиска поддршка од Европската Унија.
Содржината на препораките е единствена одговорност на Институтот за различности и медиуми од Лондон, Македонскиот институт за медиуми и на Националниот совет на инвалидските организации од Македонија, и во никој случај не може да се смета дека ги одразува ставовите на Европската Унија.