Во голема мера е признаено дека граѓанските организации и медиумите се многу важни чинители во процесите на демократизација, вклучително и во создавањето на поинклузивни општества за лицата со попреченост. Имајќи ги предвид нивните специфични улоги, од суштинско значење е тие да ги здружат силите и да воспостават меѓусебна соработка, со цел да се зголеми влијанието врз ставовите на јавноста кон лицата со попреченост. Сепак, оваа соработка е честопати проблематична и како да постои врска што недостига, што всушност претставува недоволно разбирање и несоодветна комуникација помеѓу граѓанските организации и медиумите и обратно.
Едно истражување[1] покажува дека мнозинството и од двете страни ја признава важноста и улогата на другата страна и изразува цврста подготвеност да направи чекор нанапред за поблиска соработка во иднина, но, исто така, се истакнуваат и основните проблеми што носат предизвици во овој однос, какви што се недостигот на знаење и разбирање едни за други. Клучно за подобрување на заемната комуникација е одржувањето отворена, инклузивна и континуирана дебата меѓу граѓанското општество, медиумите и институциите. Тоа може да се постигне преку јакнење на капацитетите на новинарите за покривање на граѓанските теми и нивна поголема иницијативност за вклучување на граѓанскиот сектор во информативните рубрики, а од друга страна, потребно е да се зајакнат и капацитетите на граѓанските организации за комуникација со медиумите и да се охрабрат да бидат погласни и поиницијативни во нивниот пристап до медиумите. Заедничко за двете страни е да се унапредува меѓусебната соработка и заемната доверба.[2]
Сепак, постои голем простор за подобрување, па поради тоа треба да се земат предвид следниве препораки што се однесуваат на медиумите и на граѓанските организации:
- Медиумите треба да бидат поотворени за граѓанските организации на лицата со попреченост: на граѓанските организации им треба партнерството со медиумите за подигнување на јавната свест, разбивање на предрасудите и решавање на состојбите со човековите права на лицата со попреченост.
- Медиумите треба да бидат свесни дека граѓанските организации имаат потреба од поголема застапеност и подобро позиционирање на „жешките теми“ за лицата со попреченост. Новинарите треба да бидат обучени за покривање на областа, тие треба да знаат да го препознаат проблемот, да препознаат приказна, но и подобро да се запознаат со тематиката.
- Медиумите треба да имаат инклузивен пристап кон темата попреченост и наместо специјализирани емисии/рубрики, треба да подготвуваат тематски емисии или текстови што ќе обработуваат прашања што се однесуваат на попреченоста, како и лични приказни од секојдневниот живот во сите сегменти на својата програма/списание.
- Медиумите во нивното известување треба да го прифатат пристапот заснован на човекови права за лицата со попреченост, да придонесат за креирање позитивна слика за овие лица (со избегнување сензационалистички приказни, „површинско известување“, несоодветна терминологија) и да ги користат експертизите, знаењето и веродостојните податоци на граѓанските организации.
- Потребно е во медиумските текстови, во административниот и во професионалниот јазик, како и генерално кога се зборува за лицата со попреченост да се напушти употребата на застарените термини (инвалиди, лица со специјални или посебни потреби, хендикепирани и сл.) кои се навредливи и дискриминаторски за нив и да се прифати и користи усогласена терминологија која соодветствува со пристапот заснован на човековите права, согласно Конвенцијата на ООН за правата на лицата со попреченост.
- Граѓанските организации очекуваат нивните клучни пораки соодветно да бидат споделени преку медиумите, а суштината, од перспектива на човековите права, треба да биде јасно и конкретно пренесена. Граѓанските организации што ги претставуваат лицата со попреченост очекуваат континуирана соработка и консултации со медиумите, а не само пополнување на медиумската програма.
- Медиумите треба да се борат против предрасудите во јавноста дека лицата со попреченост се неспособни и беспомошни. Медиумските производи преку афирмативен пристап, ослободен од сензационализам, драматизирање или сожалување, треба да ги прикажуваат лицата со попреченост како лица што можат да придонесат кон промени во сите сфери на живеењето, со што ќе промовираат поинклузивно и толерантно општество.
- Медиумите влијаат врз јавното мислење. Начинот на кој се портретираат лицата со попреченост, и колку често се појавуваат во медиумите, има влијание врз сликата што за нив се создава во општеството. Имајќи го тоа предвид, граѓанските организации треба да размислат за темите што ги промовираат и за лицата што ги претставуваат, а новинарите, преку професионален пристап, треба да најдат протагонисти што ќе можат да ја раскажат приказната и да пратат позитивна порака за лицата со попреченост.
- За промовирање на позитивното портретирање на лицата со попреченост преку медиумите, како и за квалитетно професионално известување, на новинарите им е потребна поддршка од граѓанските организации, кои може да посочат на теми што се значајни за нив, но и да овозможат обуки за подобрување на вештините за комуникација на нивните членови, со што новинарите би можеле да ги следат насоките за известување за попреченоста. Поконкретно:
- Новинарите треба да им овозможат на лицата со попреченост да говорат во свое име.
- Новинарите треба да се фокусираат на потенцијалот на индивидуата, а не на неговите/нејзините ограничувања.
- Подобро е да се нагласи способноста, а не попреченоста, секогаш кога тоа е можно.
- Новинарите треба да избегнуваат тажна музика во заднина на прилог што се емитува на ТВ или на радиопрограма, кога се говори за попреченоста.
- Новинарите треба да се обидат да ги прикажат лицата со попреченост како активни во општеството.
- Новинарите треба да ги интервјуираат лицата со попреченост и на теми што не се поврзани со попреченоста.
- За да можат медиумите да се спротивстават на предрасудите, граѓанските организации треба да им овозможат на новинарите да воспостават контакт со лица со попреченост кои претставуваат „сликa“ за способност, сила и потенцијал, наместо пренесување тажни или пасивни приказни; со лица што се подготвени да говорат јавно за својот живот и за потребите со кои се соочуваат во секојдневието.
- Граѓанските организации треба активно да обезбедуваат идеи за прикажување на можностите и потребите на лицата со попреченост, редовно да ги контактираат медиумите со кои имаат соработка, да соработуваат со новинарите на тој начин што ќе им доставуваат предлози за активности или теми што тие би сакале медиумите да ги обработат.
- Граѓанските организации треба да ја негуваат воспоставената соработка со новинари што продуцираат одредени медиумски содржини што се однесуваат на лицата со попреченост, со цел тие да бидат застапени во редовните програми.
- Граѓанските организации треба да ги зајакнат и своите капацитети за комуникација со медиумите, во смисла на обука на својот кадар, кој би бил во редовна комуникација со новинарите, би можел да им понуди атрактивни теми, професионално „спакувани“ содржини што би можеле да го привлечат вниманието на медиумите и да зборува во име на лицата со попреченост, наместо техничка комуникација со медиумите (праќање соопштенија, покани и информации за настани и активностите на граѓанските организации). Попрецизно:
- На граѓанските организации им се потребни обуки за унапредување на вештините за комуникација со медиумите и за начинот на пакување на информациите за медиумите.
- Граѓанските организации треба да имаат обучени лица што ќе ги претставуваат во медиумите преку изјави, интервјуа и експертски мислења.
- Граѓанските организации треба да имаат поиницијативен пристап и да наметнуваат самите теми во медиумите и во јавноста, кои тие сметаат дека се актуелни, релевантни во моментот или за кои им треба „сојузништво“ со медиумите за да извршат притисок врз институциите.
- Граѓанските организации треба да ги зајакнат вештините за користење на новите дигитални медиуми за да воспостават двонасочна комуникација со своите целни групи, но и да имаат пристап до пошироката публиката, вклучително и до помладите генерации што повеќе ги користат онлајн медиумите.
|
[1] „The Missing Link: CSO-Media Relations“, TACSO, 2012. Достапно на: https://www.infohouse.ba/images/publikacije/32%20Report%20The%20Missing%20Link-%20CSO-Media%20Relations.pdf.
[2] Никодиноска, В. и Бојаровски, З., Бела книга: Приоритети и механизми за унапредување на соработката меѓу ГО и медиумите за ефикасна заштита на човековите права, Скопје: МИМ, 2013. Достапно на: http://aktiv.mk/attachments/article/243/BelaKniga_web_v1.pdf.
Препораките произлегоа од работилницата „Градење коалиции меѓу медиумите и граѓанските организации што ги застапуваат лицата со попреченост“, на која што учествуваат претставници од 10 медиуми и 12 граѓански организации што ги застапуваат лицата со попреченост. Работилницата се одржа на 15 и 16 март, како дел од проектот „Попреченоста е прашање на перцепција“, што го спроведува Институтот за различности и медиуми од Лондон, во партнерство со Македонскиот институт за медиуми и Националниот совет на инвалидските организации од Македонија, а со финансиска поддршка од Европската Унија.
Содржината на препораките е единствена одговорност на Институтот за различности и медиуми од Лондон, Македонскиот институт за медиуми и на Националниот совет на инвалидските организации од Македонија, и во никој случај не може да се смета дека ги одразува ставовите на Европската Унија.