Летни одмори. Токму сега, кога се прекршува годината, кога институциите, граѓанскиот сектор и другите јавни чинители работат со намален интензитет, е одлично време, не само за да се одмори, да се здивне, да се земе душа,да се соберат сили за да се продолжи борбата со предизвиците на ова тешко време, туку и да се подразмисли, да се направи рекапитулација на стореното и да се испланираат понатамошните дејствувања на сите оние кои сакаат да придонесат за напредокот на нашето општество.
Како ја поминавме првата половина на 2012, и кој беше одговорот на граѓанскиот сектор ? Имавме навистина бурен и тежок почеток на годината. Разните негативни случувања, инциденти и тепачки, убиства на млади луѓе, удрија силно на деликатните меѓуетнички и меѓурелигиски односи. Медиумскиот амбиент и економската состојба се влошија дополнително, полтичкиот дискурс е обременет со секојдневни неконструктивни препукувања меѓу политичарите, властите се далеку повеќе преокупирани со создавањето на розова слика во јавноста за себе и со непродуктивни трошења, а се потешко успеваат да ги решат вистинските и итните потреби на граѓаните.
Сепак, и покарај сите овие негативни потреси, огромното мнозинство на нашите граѓани, покрај традиционалната издржливост и трпеливост, покажува неверојатна воздржаност, разумност и смиреност, и не влетувa во разни мрачни сценарија за дестабилизирање на земјата и за манипулирање со нивните политички, верски или етнички чувства. Дали конечно можеме да зборуваме за зголемена свесност на граѓаните, или пак, едноставно се работи за потреба за промена, предизвикана од заситеноста со повторувачкото секојдневие, вестите и темите во медиумите кои исто така се повторуваат, кризата која трае со децении и никако да заврши?
Одговорот не е едноставен. Граѓанските движења, како Движењето против полициска бруталност, или пак Движењето Заедно за мир, покажуваат дека кај граѓаните на Македонија се раѓа еден нов вид на свесност и артикулирање на нивните барања. Резултатите се очигледни и неоспорни: едното движење придонесе да не се сокрие убиството на еден млад човек и хаосот и самоволието на одредени структури и раководители во МВР, другото пак придонесе многу за намалување на тензиите во најтешките месеци за Македонија во оваа година а можеби и во последната деценија.
И двата примери покажуваат дека досегашната работа на граѓанските организации во изминатите години, иако доживувана како прилично елитистичка, а не како нешто што потекнува од самите граѓани, сепак вродила со плод. Младите луѓе што излегуваа на улици се токму тие, кои за ваков тип на активизам учеа од домашните НВО, за сега да го употребат тоа знаење и да застанат цврсто во одбрана на јавниот интерес и граѓанските права. Тие се доказ дека оваа долгогодишна инвестиција на граѓанскиот сектор во активизмот, особено кај младите, не е попусто вложен труд и време.
Овие, и други примери на автентичен активизам треба да бидат поттик и за организациите, да ги зголемат теренските активности, да бидат што поприсутни меѓу граѓаните, и да продолжат да ги подготвуваат за активно граѓанство, кое може да даде одлични резултати, и да ги предизвика и притисне и институциите и останатите јавни актери да работат на адресирање на потребите на граѓаните.
Тие пак, низ овие примери, треба јасно да разберат дека проблемите не можат да се решаваат од дома, седејќи резигнирано пред компјутерот или телевизорот како нем посматрач на настаните кои влијаат, и тоа како, на нивните животи. Граѓаните треба да се одважат, да престанат да молчат, да настапуваат организирано во артикулирањето на сите нивни потреби и проблеми, и да демонстрират дека се вистински носители на суверенитетот на земјата. Само така, работите ќе почнат да се менуваат на подобро.