На 17 август, три лица со оштетен вид, во придружба на нивните пријатели уживаа во природните убавини на Маврово. Оваа планинарска авантура ја организираше здружението „Натура МК“, со поддршка на Националниот Парк Маврово.
„Посетата опфати неколку елементи кои го комплетираа доживувањето. Во Инфо-центарот слушнавме за елените и ја почувствувавме големината на нивното рогови. Уживавме во звукот на брановите на езерото, а потоа ја доживеавме шумата со сета нејзина магија. Ренџерот ни ги објаснуваше тајните на шумата, како да ги препознаеме дрвјата, собиравме малини, мирисавме кантарион, допревме дупка во стебло која ја ископала мечката барајќи мед. Потоа се придвиживме кон високите планински пасишта и разговаравме кои места би сакале да ги посетиме, а не само да слушаме за нив. Денот го завршивме со галичко сирење, кисело млеко и качамак кај ‘Баба и деде‘ во Галичник, и нормално како и во секоја дружба, со многу смеење“, велат од здружението „Натура МК“.
„Лицата со оштетен вид во голема мера зависат од нивните придружници, а таа група на луѓе кои стојат на располагање да им овозможат да излезат во природа расте секојдневно. Желбата за понатамошни доживувања која е клучниот фактор, ја имаме. Планот за следните акции и кои други лица со оштетен вид да ги вклучиме е направен. Излегувањето во природа ќе го правиме секој последен викенд од месецот, а главна цел ни е да привлечеме што повеќе лица со оштетен вид да се охрабрат и да излезат во природа. Уште отсега сме возбудени за следната авантура во заштитеното подрачје Јасен. И секако, апетитите не завршуваат тука. За наша среќа природата во Македонија е толку богата и имаме уште многу места да посетиме. Доаѓаат постудени месеци и приоритет ни е да обезбедиме соодветна планинарска опрема за лицата со оштетен вид. Во тој контекст направивме и ‘борбен план‘, каде да се обратиме за поддршка, но се разбира секаква помош е добродојдена“, додаваат од здружението „Натура МК“.
„Како што би рекла Хелен Келер, ’Животот е смела авантура или ништо. Сами можеме многу малку, но заедно можеме многу‘. На следното патување, во последниот викенд од септември, ги повикуваме сите кои сакаат да подадат рака и се надеваме дека ова доживување ќе мотивира повеќе лица со оштетен вид да излезат и да ја почувствуваат природата“, апелираат активистите од „Натура МК“.
Активностите од проектот „Осети природа“ на Здружението „НАТУРА МК“ од Скопје, се поддржани преку грант-програмата на проектот „Попреченоста е прашање на перцепција“, што го спроведува Институтот за различности и медиуми од Лондон, во партнерство со Македонскиот институт за медиуми и Националниот совет на инвалидските организации од Македонија, а со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржината е единствена одговорност на авторот и во никој случај не може да се смета дека ги одразува ставовите на Европската Унија.