Откако минатата година Тетово не влезе во пилот програмата за персонални асистенти, и годинава лицата со посебни потреби од градот нема да можат да ја користат оваа услуга предвидена со новите законски решенија на Министерството за труд и социјална политика. Оваа година Тетово, заедно со Велес, беа вклучени во програмата за персонални асистенти.
Здружението „Хендимак“ од Тетово доби лиценца за провајдер за овие услуги, откако Агенцијата за вработување распиша конкурс за пријавување лица кои сакаат да се оспособат за персонални асистенти, но недоразбирањата што се појавија меѓу овие два субјекта најверојатно ќе бидат причина и оваа година во градов да ги нема потребните персонални асистенти.
Адем Идризи од „Хендимак“ вели дека потешкотиите почнале откако беше објавен огласот за пријавување за обука на лицата кои сакаат да се оспособат за персонални асистенти. Огласот во Агенцијата за вработување во Тетово беше објавен на 6 мај годинава, а набрзо потоа, пред да му истече рокот, беше затворен со образложение од Агенцијата дека во Тетово нема лиценциран провајдер за обука.
„Веднаш комунициравме со Министерството, каде објаснивме дека иако Тетово нема провајдер за обука на лицата од Тетово треба да им се овозможи се обучат, бидејќи оваа година и Тетово е влезено во програмата да има персонални асистенти и има лиценциран провајдер за администратирање со персоналните асистенти, а тоа е нашето Здружение. На ова добивме одговор дека од 13 мај сите заинтересирани можат повторно да се пријавуваат и во Агенцијата за вработување во Тетово со напомена дека обуките ќе ги следат во Гостивар или во Скопје каде има лиценцирани провајдери за обука. Ние агитиравме меѓу младите и ги анимиравме да се пријават на конкурсот при што, според нашите информации, до последниот ден од конкурсот од Тетово биле пријавени 14 кандидати. За жал, овие заинтересирани кандидати не беа поканети да потпишат договор со Агенцијата за вработување и да ги следат обуките пак со образложение дека во Тетово нема провајдер за обука, а во Скопје и Гостивар бројот бил пополнет. Според сознанијата што ги имам, само две лица од Тетово биле примени на обуката и тоа едно во Гостивар, а второто во Скопје, додека другите едноставно извисија“, вели Идризи.
Од Агенцијата за вработување на Македонија преку писмено соопштение посочуваат дека никому не му било ускратено правото да конкурира и да се оспособи за персонален асистент.