Сме се запрашале ли некогаш како се движат слепите лица, како ги задоволуваат своите секојдневни потребни, како читаат и како се образуваат? Одговорите на овие прашања ги побаравме за време на јавниот интерактивен настан „Blind table restaurant“, што се одржа во ресторанот “Umbrella”, со цел присутните гости да се запознаат со некои од предизвиците со кои се соочуваат слепите лица во земјава.
На настанот учествуваа околу 40-на гости, претставници на медиумите, граѓанските организации, институциите и дипломатските претставништва, кои барем за момент можеа да го почувствуваат животот во темнина. Со марама на очите тие пробуваа да се движат во просторот со помош на стап, полнеа чаши со помош на детектор за количина на течност и се обидуваа да нарачаат пијачка од менито испечатено на Брајово писмо.
Настанот го организираа претставници од граѓански организации и медиуми со поддршка од Националниот сојуз на слепите на Република Македонија, како дел од проектот „Попреченоста е прашање на перцепција“, кој го спроведуваат Институтот за медиуми и различности од Лондон, Македонскиот институт за медиуми и Националниот совет на инвалидски организации на Македонија, а го финансира Европската Унија.