Бура од емоции и воодушевување во Младинскиот парк во Велес за време на перформансот „И ние можеме“, што го изведоа лица со попреченост од градот. Тие ги покажаа своите способности за глума, поезија, танц, а исто така претставија најразлични ракотворби, што ги изработија изминатите месеци.
Случајните минувачи и гостите кои присуствуваа на настанот, освен што уживаа во уметничките способности, добрата музика и танц, се запознаа со можностите, способностите и успесите на нашите сограѓани со попреченост.
„Вечерва, и покрај огромната жега која сите учесници и гости на миг ја заборавија, како да не постоеше, бидејќи бевме пренесени во еден поинаков, помил свет, присуствував на еден прекрасен настан“, истакна Димитри Соле Љубин, поет од Велес.
„Младите таленти со огромна љубов ги пречекаа и испратија присутните гости. Ни читаа стихови, заедно со актерите од велешкиот театар не понесоа во една забавна и многу поучна басна, потоа сите заедно се забавуваме со дечињата од балетското студио ‘Анабела‘ и со прекрасните девојки од бендот ‘The Chicks‘“, вели Мирјана Дамјановиќ од ЦПЛИП „Порака“ од Велес. Таа додава дека ваквите настани е тешко да се прераскажат, бидејќи треба да се доживеат, видат и почувствуваат. И речиси никогаш немаат реприза, затоа што се единствени, како што се единствени сите дечиња со одредена попреченост во развојот.
Активностите од проектот „И ние можеме“ на ЦПЛИП „ПОРАКА“ од Велес, се поддржани преку грант-програмата на проектот „Попреченоста е прашање на перцепција“, што го спроведува Институтот за различности и медиуми од Лондон, во партнерство со Македонскиот институт за медиуми и Националниот совет на инвалидските организации од Македонија, а со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржината е единствена одговорност на авторот и во никој случај не може да се смета дека ги одразува ставовите на Европската Унија.