Образовните и персоналните асистенти се од големо значење за лицата со попреченост посебно за оние кои се вклучени во редовниот процес на образование. Општина Тетово, во соработка со УНДП една година го спроведува проектот со кој се обезбедени персонални асистенти за дваесетина ученици со попреченост кои се вклучени во редовната настава. Но, распределбата на образовни асистенти по училиштата не е подеднаква, а неизвесност е и до кога ќе трае проектот.
И додека состојбата со образовните асистенти тргна од мртвата точка, со персоналните асистенти работите стојат многу потешко. Тетово минатата година беше одминато од пилот програмата за персонални асистенти, а по се изгледа дека и оваа година лицата со попреченост нема да ги добијат толку посакуваните персонални асистенти. Причината за ова е во недоразбирањата кои настанаа помеѓу Здружението „Хендимак“ од Тетово, кое требаше да биде провајдер за администрирање со персоналните асистенти кои требаше да работат во Тетово, и Министерството за труд и социјална политика, односно Агенцијата за вработување преку која требаше да се пријават за обука лицата кои сакаат да се оспособат за персонална асистенти.
За овие теми во четвртата епизода од серијалот „Зборуваме за хендикепот“ разговараме со Идриз Шаќири од секторот за локален економски развој при Општина Тетово и Адем Идризи од Здружението „Хендимак“:
Активностите од проектот „Зборуваме за хендикепот “ на Здружението за Церебрална парализа од Тетово, се поддржани преку грант-програмата на проектот „Попреченоста е прашање на перцепција“, што го спроведува Институтот за различности и медиуми од Лондон, во партнерство со Македонскиот институт за медиуми и Националниот совет на инвалидските организации од Македонија, а со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржината е единствена одговорност на авторот и во никој случај не може да се смета дека ги одразува ставовите на Европската Унија.