Завршниот промотивен настан од проектот „Нацртај попреченост“ кој го спроведува Едукативниот културен центар „Нана“ се одржа во кумановскиот центар за култура „Трајко Прокопиев“.
Кумановци имаа можност да разгледаат триесетина цртежи кои ги изработија учениците во рамки на кампањата „Нацртај попреченост“, која „Нана“ ја спроведува како дел од проектот „Попреченоста е прашање на перцепција“, што го спроведуваат Институтот за медиуми и различности од Лондон, во партнерство со Македонскиот институт за медиуми и Националниот совет на инвалидските организации на Македонија, со финансиска поддршка од Европската Унија.
„Кампањата се одвиваше во три фази, кои се реализираа во периодот од 20 февруари до 24 јуни 2019 година. Првата фаза се состоеше од четири работилници со ученици од ООУ „Толи Зордумис“, Куманово. Втората фаза од кампањата беше посветена на изработка на графит на ѕидот на училиштето од страна на графити-мајсторот Небојша Спасиќ, како и изработка на промотивно видео. Во рамки на последната фаза, беше организиран завршен настан на кој беше промовирано видеото, а беа изложени и триесетина цртежи на учениците. За време на настанот Александар Спасиќ и Ангелина Краљевски попреченоста ја цртаа на платно, а за пријатната музичка атмосфера се погрижи младиот Лука Китановски“, изјавија од „Нана“.
Целта на кампањата е да придонесе кон подигање на свеста на учениците за прифаќање на нивните соученици кои имаат одредени пречки во развојот. Работилниците имаа за цел да им помогнат на учениците да го разберат значењето на попреченоста и да сфатат дека таа не е одраз на личноста на поединецот. Исто така, активностите беа посветени на унапредување на поддршката и другарувањето со лицата со попреченост.
Во продолжение погледнете кратко видео од активностите на Едукативниот културен центар „Нана“:
Активностите од проектот „Нацртај попреченост“ на Едукативниот културен центар „Нана“ од Куманово, се поддржани преку грант-програмата на проектот „Попреченоста е прашање на перцепција“, што го спроведува Институтот за различности и медиуми од Лондон, во партнерство со Македонскиот институт за медиуми и Националниот совет на инвалидските организации од Македонија, а со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржината е единствена одговорност на авторот и во никој случај не може да се смета дека ги одразува ставовите на Европската Унија.