Членовите на танцовото студио „Еурека“ минатиот месец добија аплаузи и честитки од британскиот принц Едвард,
за нивната изведба на претставата за време на неговата дводневна официјална посета на Македонија. „Еурека“ е студио за модерен танц и хип-хоп, и е првото инклузивно танцово студио во земјава, основано во 2001.
Катерина Јолакоска вели дека почнале како мало студио и без некои преголеми очекувања, за денес да прерасне во студио со над двесте членови со најразлична возраст и различен етнички состав.
„Со лица со попречености работиме од формирањето на студиото, пред 18 години, кога сето ова беше табу тема за сите. Започнавме скромно, на почетокот со кратки настапи во медиумите и во земјата, а продолживме на долги патеки освојувајќи ја нашата земја, регионот и пошироко“, вели таа.
Студиото во моментов брои околу 220 редовни членови, работат на четири локации во Скопје, членовите се поделени по групи по возрасти и ниво на знаење, а една од тие групи е инклузивната група во која членуваат деца со различни попречености.
![collage eureka 23](/images/vesti/collage-eureka-23.jpg)
„Долгогодишното искуство во работата, настапите на хуманитарни настани за лица со попречености беше предизвик и ние да направиме нешто посебно. Инклузивниот процес е застапен токму преку танцот. Нема пречка во ритамот на музиката да се движат по сцената и тие ‘малку поинаквите’. Инклузијата преку музика и танц ги прави еднакви со сите. Тука се изразени сите чувства кои будат емоции, страв, тага, радост, омраза“, вели Јолакоска.
Целиот текст може да го прочитате на информативниот портал „Сакам да кажам“.