Неодамна, здружението „Еурека културен центар“ и танцовото студио „Еурека“ организираа премиерна изведба на првата инклузивна претстава „Пепелашка“, во која главните улоги ги играат деца со попреченост.
„Можна ли е Пепелашка во новово време? Или нова Пепелашка во старо време? Не мислите ли дека лице со попреченост е необичната Пепелашка во ова наше сурово време? Токму релацијата лице СО и лице БЕЗ попреченост е основното сврзно ткиво на овој зачуден сценско-драмски-танцувачки проект со млади танчери од студиото Еурека и лица со попреченост.
Како да се зближиме? Како да си помогнеме? Како да се прифатиме? И зафаќајќи се тематски за ова сиже на познатата бајка, низ проектот ги поставуваме овие прашања и низ играта, танцот се обидуваме да дадеме одговори и да понудиме нов вид инклузија. Не декларативна, не симболична, туку применлива, прифатлива, одржлива, зашто се базира на обострана желба на танчерите и актерите, на огромна љубов на едните - за танцување, на другите - за играње на сцена во нивните колички. За едните се најважни чекорите, за другите - тркалата на количките, но заедно се исполнуваат наметнатите задачи, се совладуваат многуте препреки на патот и рамноправно се освојува сцената.
Новата зачудна Пепелашка е фрлена во ново време, а преполно со омраза, завист, љубомора како и во старото време, со кои нема помирување, туку сузбивање, вечна борба со злото. Нашата Пепелашка веќе не е кревка, плашлива девојка, туку храбра, силна личност, подготвена за најразлични предизвици, не само на сцената, туку применливо искуство и во животот. Сонот да танцува, да игра, да пее, и на сцена и во животот, не може да го прекине ни отчукувањето на часовникот.
Без оглед на различните способности на лицата со попреченост, низ оваа сценско уметничка форма, успеваме да ја покажеме вредноста на човекот, да ја промовираме толеранцијата, хуманоста, емпатијата и љубовта кон човечкиот род“ - велат од здружението „Еурека“.
На покана од Британската амбасада во Скопје, младите актери и танчери по втор пат ја изведоа претставата „Пепелашка“ во Националната филхармонија, по повод посетата на принцот Едвард.
Во продолжени погледнете кратко видео со инсерти од изведбата:
Подготовката и изведбата на претставата „Пепелашка“ е делумно овозможена преку проектот „Музиката нема граници“ на Здружение на граѓани за деца, млади, возрасни, родители и лица со посебни потреби ЕУРЕКА КУЛТУРЕН ЦЕНТАР Скопје, со поддршка од грант-програмата на проектот „Попреченоста е прашање на перцепција“, што го спроведува Институтот за различности и медиуми од Лондон, во партнерство со Македонскиот институт за медиуми и Националниот совет на инвалидските организации од Македонија, а со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржината е единствена одговорност на авторот и во никој случај не може да се смета дека ги одразува ставовите на Европската Унија.