Во рамките на проектот „И ние сме тука“, Асоцијацијата „Ластовица“ од Прилеп организираше интерактивна работилница со средношколци од гимназијата „Мирче Ацев“. Целта на работилницата е да ги сензибилизира учениците за присуството на лицата со попреченост, и за нивните права и потреби како рамноправни граѓани на оваа земја.
Учениците дискутираа за тоа како треба да се однесуваат со нивните соученици со попреченост, и разменуваа искуства за пристапот на комуницирање со овие лица. Исто така, под водство на менторите, учениците изработија ѕиден весник на кој споделуваа идеи за она што можат да го направат за да се подобри состојбата на лицата со попреченост, и како овие лица да се социјализираат со своите врсници. Исто така, тие гледаа неколку видеа во кои беа прикажани најразлични ситуации, приказни и сведоштва на луѓе со попреченост.
Сепак, и покрај свесноста и отвореноста на средношколците, во одредени ситуации тие немаат претстава со што се соочуваат секојдневно лицата со попреченост. Според едукаторите од „Ластовица“, причината за тоа може да се побара во фактот што овие ученици во редовната настава досега во своите класови немале соученици со попреченост, а исто така немале ниту доволно интеракција со нив во рамки на слободното време и другарувањето. Токму затоа, целта на работилниците е да се сензибилизираат учениците за нивните врсници со попреченост, и да ги поттикнат на поголема интеракција со нив.
Активностите од проектот „И ние сме тука“ на Асоцијацијата за права на деца и младинци со посебни потреби „ЛАСТОВИЦА“ – Прилеп, се поддржани преку грант-програмата на проектот „Попреченоста е прашање на перцепција“, што го спроведува Институтот за различности и медиуми од Лондон, во партнерство со Македонскиот институт за медиуми и Националниот совет на инвалидските организации од Македонија, а со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржината е единствена одговорност на авторот и во никој случај не може да се смета дека ги одразува ставовите на Европската Унија.