Ученици изработија графит на ѕидот на основното училиште „Толи Зордумис“ како дел од проектот на Едукативниот културен центар „Нана“ во рамки на кампањата „Нацртај попреченост“. Кампањата е дел од проектот кој го спроведува Институтот за медиуми и различности од Лондон, во партнерство со Македонскиот институт за медиуми и Националниот совет на инвалидските организации на Македонија, со финансиска поддршка од Европската Унија.
Графитот што го изработија учениците испраќа порака за поддршка на безгласните, да се слушне нивниот глас и да се промени јавното мислење во однос на тоа како луѓето ја гледаат попреченоста.
Младите уште еднаш покажаа емпатија и разбирање за нивните врсници со попреченост. Претходно, тие можеа да се информираат за проблемите со кои се соочуваат нивните соученици со попреченост, а во исто време и искуствено да се соочат со нив, преку вежби, симулации и дискусии. На работилниците цртаа и преку цртежите ги искажаа своите согледувања и разбирања за попреченоста.
„Едуцирањето на децата во рана возраст е една од најдобрите можности да ги научиме на одредени вредности. Токму од тие причини се спроведува и кампањата за подигање на свеста за попреченоста, да им се укаже на учениците за важноста за грижата за соучениците кои имаат одредени пречки во развојот. Целта на работилниците е учениците да го разберат значењето на попреченоста, дека таа не е одраз на личноста на поединецот. Исто така, да разберат како да комуницираат со лицата со попреченост, како да им помогнат и да ги поддржат и како да го почитуваат концептот на еднаквост без оглед на попреченоста“, истакнаа едукаторите од Нана.
Оттаму додаваат дека мора да се стави акцент на општествено важни прашања и да им се даде приоритет. Училиштата се базата во која учениците примаат општествено важни сознанија и информации кои ќе ги применуваат во текот на нивниот живот, особено кога ќе се вклучат во општеството како одговорни возрасни лица.
„Важноста на спроведување на едукација за лицата со попреченост за време на образованието води кон инклузивно општество во кое лицата со попреченост се еднакви, прифатени и соодветно згрижени,“ велат од Нана.
Извор: Интернет-портал „Кумановски муабети“
Активностите од проектот „Нацртај попреченост“ на Едукативниот културен центар „Нана“ од Куманово, се поддржани преку грант-програмата на проектот „Попреченоста е прашање на перцепција“, што го спроведува Институтот за различности и медиуми од Лондон, во партнерство со Македонскиот институт за медиуми и Националниот совет на инвалидските организации од Македонија, а со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржината е единствена одговорност на авторот и во никој случај не може да се смета дека ги одразува ставовите на Европската Унија.