Со повеќе активности чија цел е подигнување на јавната свест кај младата популација, поточно помеѓу учениците од редовните основни училишта во Општина Велес, и годинава беа одбележани 2-ри април - Светскиот ден на лицата со Аутизам како и 21-ви март - Светскиот ден на лицата со Даунов синдром.
„Преку низа активности, се приклучуваме во кампањата „Попреченоста е прашање на перцепција“ на Институтот за различности во медиуми од Лондон, Македонскиот институт за медиуми и Националниот совет на инвалидски организации на Македонија. Во соработка со секторот за образование при Општина Велес, на 18 март, во салата на општината, од страна на дефектолозите Весна Басаров и Мирјана Дамњановиќ, беше реализирано предавање за наставниците од четвртите и петтите одделенија, како и пред стручните служби на редовните основни училишта, на која беа едуцирани за карактеристиките на лицата со Даунов синдром и Аутизам, и притоа им беа дадени насоки и наставни материјали за реализација на еден наставен час со нивните ученици. Иницијативата беше прифатена, со големо задоволство, од страна на учесниците кои покажаа желба за посета на час заедно со ученици со Даунов синдром и Аутизам“, вели дефектологот Весна Басаров.
Таа додаде дека ученици со аутизам, заедно со дефектолози, координатори на оваа активност, ги посетија редовните училишта на територијата на општината кога наставнички од петтите одделенија одржаа час за запознавање на учениците со карактеристиките и можностите на лицата со Аутизам.
Специјален гостин беше Јордан Андов, лице со Аутизам, поранешен ученик во посебното основно училиште „Маца Овчарова“ и голем активист на полето на подигнувањето на јавната свест за лицата со аутизам. Тој со задоволство ги истакна своите најнови постигнувања и освоени спортски медали како и поетски награди, а на крајот, пред учениците да ги изрецитира поемите „Копачите“ од Кочо Рацин и „Умилкување“ од Петре М. Андреевски.
Исто така, годинава, ученици со Даунов синдром со своите наставнички, дефектолози од ПОУ „Маца Овчарова“, ги посетија редовните училишта во Општина Велес, каде наставничките од четвртите одделенија, по претходно дадени насоки, одржаа час за запознавање на нивните ученици со карактеристиките и пред сè можностите на лицата со Даунов синдром. Учениците преку видео презентација, филм, боење на „чорапчиња“ и заедничко дружење го одбележаа овој значаен ден и соопштија дека очекуваат повторна средба.
Општина Велес е една од водечките, која ги заштитува, промовира и унапредува правата на лицата со попреченост, преку низа активности, кои се загарантирани со стратешкиот документ „ЛАПЛИ“ поточно Локален акционен план за лица со инвалидност.
Инаку, Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост „ПОРАКА“ од Велес, кој е дел од истоимениот Републички центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост ,како и од Националниот сојуз на инвалидски организации во Македонија, во континуирана соработка со ПОУ „Маца Овчарова“ и здружението на граѓани „Попи“, пет години ги организираат одбележувањата на двата светски дена, првиот посветен на лицата со Даунов синдром и вториот на Аутизам во Општина Велес со цел да се подигне јавната свест за прифаќање на лицата со попреченост.
Извор: Интернет портал „Дума“
Активностите од проектот „И ние можеме“ на ЦПЛИП „ПОРАКА“ од Велес, се поддржани преку грант-програмата на проектот „Попреченоста е прашање на перцепција“, што го спроведува Институтот за различности и медиуми од Лондон, во партнерство со Македонскиот институт за медиуми и Националниот совет на инвалидските организации од Македонија, а со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржината е единствена одговорност на авторот и во никој случај не може да се смета дека ги одразува ставовите на Европската Унија.