Се проценува дека меѓу 15.000 и 20.000 лица во Македонија имаат аутистичен спектар на нарушувања, покажуваат епидемиолошките студии на Македонското научно здружение за аутизам (МНЗА), кое со меѓународната асоцијација „Аутизам Европа“ се приклучи во кампањата за одбележување на 2 април, Светски ден на аутизмот.
Од МНЗА информираат дека овој ден го одбележуваат од 2011 година и дека ги превеле на македонски јазик материјалите на асоцијацијата, кои се достапни на нивната веб страница. Алатките за кампањата може да се преземат од следниот линк .
– За да одговори на секојдневните предизвици со кои се соочуваат лицата со аутизам „Аутизам Европа“ ја почна кампањата насловена „Нова динамика за аутизмот. I ∞ аутизам. Аутизмот е доживотна состојба и во сите земји-членки на ЕУ, а и надвор од неа, лицата со аутистичен спектар на нарушување се соочуваат со слични предизвици, како што се: навремена дијагноза, образование, здравствени услуги, домување и животна поддршка од страна на заедницата. Потребен е холистичен пристап за потребите на овие лица, кој членовите на МНЗА секојдневно го применуваат во нашите активности и проекти – истакнува претседателот на МНЗА, проф. д-р Владимир Трајковски.
Целиот текст е достапен на интернет-порталот „Плусинфо“.