Деновиве на младата актерка од ромска националност Емра Куртишова полициски службеник од граничната контрола на скопскиот аеродром не и дозволил да ја напушти државата и да отпатува во посета на својата сестра во Германија.
Актерката која е редовно вработена во Театарот за деца и младинци ги имала сите потребни документи за патување, но и покрај тоа, полицискиот службеник не и дозволил да замине бидејќи сметал дека не поседува доволно парични средства.
Во статусот на својот фејсук профил, Куртишова наведува дека со себе носела потврда од работното место, гарантно писмо и 500 евра во кеш, но тоа не и било доволно да го продолжи патот. „ ...Вработениот на пасошка контрола процени дека не е валидно гарантното писмо, па му ја дадов потврдата од работа, се подзамисли, па ме праша каде се наоѓа Театар за деца и младинци, му објаснив… Потоа ме праша дали имам пари, му ја кажав сумата и ми рече дека тоа не е доволно, во истиот момент стана и ме однесе во просторија за да ја поништи картата и направи копија од пасошот, ме симна долу и ми рече да си го пречекам багажот...“, вели младата актерка. Таа додава дека била единствениот патник кој бил вратен од летот за Германија.
На крајот од својот статус Куртишова запраша: „Па луѓе, зошто јас имам пасош, кога не смеам да излезам од државава?!“
Ова не е единствен случај на дискриминација на Ромите при излез од државата. Во изминатиот период, голем број граѓани од ромска етничка припадност се пожалија дека биле вратени од граничните служби, под изговор дека го злоупотребуваат правото на азил.
Граѓанските организации постојано апелираат до надлежните институции да не ги дискриминираат Ромите и да не го кршат правото на слободно движење, само врз основа на сомневање дека тие би можеле да бидат „лажни азиланти“.