Помалку или повеќе сите чувме какво е чувството да си дел од тимот архитекти, годинешни добитници на наградата за најуспешно реализирано архитектонско дело во 2019 година за основното училиште „Киро Глигоров“. Но како е да се биде на чело на целиот тим кој го замислил и го реализирал целиот проект?
Во оваа прилика разговараме со проект-менаџерот на општинското основно училиште „Киро Глигоров“ во населбата Капиштец во скопската општина Центар, Кире Секуловски.
Училиште кое може да се пофали со целосна имплементација на европските стандарди и училиште кое целосно е прилагодено за учениците со посебни потреби.
Од која идеја се водевте во осмислувањето на училиштето „Киро Глигоров“?
Секуловски: Основна цел во осмислувањето на училиштето „Киро Глигоров“- во населбата Капиштец - општина Центар беше да се добие училиште во област што е најгусто населена, а каде што не постоеше друго училиште. Децата што живеат во овој дел од Скопје, мораа да поминуваат преку булевари и неколку улици за да стигнат во училиште. Како водилка од тоа но и фактот дека живееме во 21 век неминовно беше да се отпочне со изградба на основно училиште, кое ќе изгледа европски но и содржински ќе одговара на секое дете од секоја возраст. Ова општинско основно училиште (ООУ) е и целосно прилагоден за ученици со посебни потреби. Училиштето е со површина од 12.000 квадратни метри и двор од 4.000 квадратни метри. Училишниот двор е ограден со метална ограда од сите страни, но и на тротоарот за поголема безбедност на учениците.
Кои се главните содржини на училиштето?
Секуловски: Капацитетот на новото училиште е за 500 ученици во основното образование од шестата година почнувајќи со подготвителна настава па сè до завршување на основното образование на 15 години – деветолетка. Општинското основно училиште има 21 училница и седум кабинети за предметна настава. Во средишниот кубус се заедничките простории за заеднички настани и простории за физичка активност на учениците, аула, внатрешен двор-пацио и спортска сала. Овие три простори се преградени физички само со стаклени ѕидови, со што централниот дел е транспарентен, прозрачен и видлив уште од главниот влез во училиштето. Санитариите за овие ученици се поврзани директно со училницата, заради поголема контрола. Училиштето има и своја дистрибутивната кујна и трпезарија со капацитет 220 места. Веднаш до трпезаријата е и библиотеката со читална. За прв пат во едно основно училиште е изведен и кабинет по фотометрија и ботаничка градина.
Какви се’ услови обезбедува училиштето за учениците со посебни потреби?
Секуловски: Во рамките на училиштето е сместен Дневен центар за деца со церебрална парализа. Во него има една занимална, четири канцеларии за наставниот кадар за овие ученици, санитарии и сала за физикална терапија. Дневниот центар е и единствената измена направена во проектната документација во текот на градбата на објектот. Со оваа содржина „Киро Глигоров“ е првото инклузивно училиште изведено согласно стандардите и потребите за лица со попреченост. Корисниците на овој центар ги користат скоро сите содржини што ги нуди училиштето како што е излез во пациото, дворот на училиштето и салата за спортски активности. Нормално сето ова е поврзано со пристапни рампи за лицата со попреченост. Лифтовите се исто така прилагодени за учениците со посебни потреби. На секој кат има посебни санитарии за учениците со посебни потреби. Во тоалетите се обезбедени држачи за движење на овие лица, антибактериските подови ги има во сите простории. Смарт таблите се поставени и кај овие ученици, а има и посебна кујна по HACCP системот. Додатно има тактилни плочки за слепи лица кои водат до секоја просторија. Исто така учулиштето е акустично со поставени акустични clineo - плафони при што бучавата е сведена на минимум. Ова го прави училиштето „Киро Глигоров“ најакустично училиште во Југоистична Европа. Во прогарамата на општина Центар е предвидено и знгажирање на соодветен кадар за работа со ученици со оштетен слух.
Дали беше потребен баланс помеѓу вашата идеја и замислата за проектот на општина Центар како клиент?
Секуловски: Баланс е потребен за секој проект бидејќи едно е да се работи во канцеларија, додека теренските услови скоро секогаш се различни.
На кои други проекти сте работеле?
Секуловски: Како еден од поголемите проекти може да се спомне градинката „Кочо Рацин“ во населбата Капиштец, потоа моменталната изведба на градинката Пепелашка како клон на градинката „Раде Јовчески- Корчагин“ и други објекти.
Имате ли некоја идеја или готов проект а не сте имале можност да го реализирате досега а во која се вклучени и содржини за луѓето со посебни потреби?
Секуловски: Да. Тоа е идеја за парк на ранливите групи на граѓани. Но за сега тоа е само идеја која би требало да биде предвидена со законски акти. Ние може да имаме многу идеи но ако тие не се спроведливи на терен и на лице место тие ќе ќе останат само идеи на хартија и ништо повеќе.
Автор: Искра Опетческа
|
Сторијата е подготвена во рамки на проектот „Попреченоста е само прашање на перцепција“, што го спроведува Институтот за различности и медиуми од Лондон, во партнерство со Македонскиот институт за медиуми и Националниот совет на инвалидските организации од Македонија, а со финансиска поддршка од Европската Унија.
Содржината на сторијата е единствена одговорност на авторот и во никој случај не може да се смета дека ги одразува ставовите на Европската Унија.