Усвоен и отворен за ратификување со резолуцијата на Генералното Собрание на ОН 2200А од 16 декември 1966 година. Стапи во сила на 3 јануари 1976 година по депонирањето на 33 ратификации
ПРЕАМБУЛА
Државите договорнички на овој Пакт,
Сметајќи, дека во согласност со начелата прокламирани во Повелбата дека признавањето на вроденото достоинство и еднаквите и неотуѓиви права на сите членови на човечкото семејство е темел на слободата, правдата и мирот во светот,
Признавајќи дека овие права произлегуваат од вроденото достоинство на човековата личност,
Признавајќи дека во согласност со Универзалната декларација за правата на човекот, идеалот на слободното човечко суштество, ослободено од страв и беда може да биде постигнат само ако се создадени услови кои секому му овозможуваат да ги ужива своите економски, социјални и културни права, исто така како и своите граѓански и политички права,
Сметајќи дека Повелбата на ОН им наметнува на државите обврска за унапредување на сеопштото и вистинското почитување на човековите права и слободи,
Имајќи предвид дека поединецот има должности спрема другите поединци и заедницата на која и припаѓа како и одговорност да тежнее кон унапредување и почитување на правата признати во овој Пакт,
Се согласија во следното:
ПРВ ДЕЛ
Член 1
1. Сите народи имаат право на самоопределување. Врз основа на ова право тие слободно ја одредуваат својата политичка положба и слободно го спроведуваат својот стопански, општествен и културен развој.
2. За остварување на своите цели, сите народи можат слободно да располагаат со своите природни богатства и извори, без штета по обврските што произлегуваат од меѓународната стопанска соработка, засновани врз начелата на взаемна корист и меѓународно право. Во никој случај еден народ не може да биде лишен од своите сопствени средства за опстанок.
3. Државите договорнички на овој Пакт, вклучувајќи ги и тие што се одговорни за управување со несамоуправните територии и териториите под стрателство, должни се да го олеснат остварувањето на правото на народите на самоопределување и да го почитуваат ова право согласно одредбите на Повелбата на ОН.
ВТОР ДЕЛ
Член 2
1. Секоја држава договрничка на овој Пакт е обврзана да преземе чекори до максимум на своите расположиви средства, како по пат на сопствени напори така и низ меѓународна помош и соработка, особено на економски и технички план, со цел за постепено обезбедување на полното остварување на правата признати во овој Пакт со сите расположиви средства, вклучувајќи го тука особено усвојувањето на законските мерки.
2. Државите договорнички на овој Пакт се обврзани да гарантираат дека правата прогласени во него ќе бидат остварувани без било каква дискриминација заснована врз раса, боја на кожата, пол, јазик, вероисповед, политичко или било какво друго мислење, национално или општествено потекло, имот, раѓање или некоја друга положба.
З. Земјите во развој, со должна почит кон правата на човекот и своето национално стопанство можат да одредат во кој обем ќе ги гарантираат економските права признати со овој Пакт на лицата кои не се нејзини државјани.
Член 3
Државите договорнички на овој Пакт се обврзани да обезбедат еднакво право на мажите и жените за користење на сите економски, социјални и културни права кои се наброени во овој Пакт.
Член 4
Државите договорнички на овој Пакт признаваат дека во уживањето на оние права кои државата ги обезбедува во согласност со овој Пакт, државата може овие права да ги ограничи само врз основа на Закон и тоа само во мера која е во согласност со природата на тие права и исклучиво со цел унапредување на општата благосостојба во едно демократско општество.
Член 5
1. Ниту една одредба од овој Пакт не може да се толкува на начин како и да се дава на која било држава, група или поединец кое било право да се впушта во каква било дејност или да изврши каков било чин чија цел е нарушување на правата и слободите признати во овој Пакт или ограничувања од поширок обем од оние што се предвидени во овој Пакт.
2. Нема да биде дозволено никакво ограничување или укинување на основните човекови права, признати или кои се на сила во некоја земја на основа на закон, конвенција, пропис или обичај, под изговор дека овој Пакт не ги признава или ги признава во потесен обем.
ТРЕТ ДЕЛ
Член 6
1. Државите договорнички на овој Пакт го признаваат правото на работа, кое подразбира право на секое лице да добие можност за себе да обезбеди средства за живот со слободно избрана или прифатена работа и ќе преземат соодветни мерки за заштита на ова право.
2. Мерките кои секоја држава договорничка на овој Пакт ги преземала за целосно остварување на ова право, ќе ги вклучи техничките, насочувачките и образовните програми, политиката и техничките постапки кои се погодни за постигање на постојан стопански, општествен и културен развој и потполна вработеност и продуктивност, под услови кои на поединецот ќе му го сочуваат уживањето на основните политички и економски слободи.
Државите договорнички на овој Пакт му го признаваат правото на секој да ужива праведни и поволни услови за работа, кои обезбедуваат, особено:
(а) Наградување кое како минимум им гарантира на сите работници;
(б) праведна плата и еднаква награда за работа од еднаква вредност без какви било разлики; особено на жените мора да им бидат гарантирани услови кои не се полоши од оние кои ги уживаат мажите, со еднаква награда за еднаква работа;
(ц) пристоен живот за нив или нивните семејства, согласно одредбите на овој Пакт;
(д)безбедности хигиенски услови на работа;
(е) подеднаква можност за секој да биде унапреден во својата работа во соодветна повисока категорија, земајќи ја предвид единствено должината на работниот стаж и способноста;
(ф) одмор, слободно време, разумно ограничување на работното време и повремено платено отсуство, како и награда за државни празници.
Член 8
1.Државите договорнички на овој Пакт се обврзани да го обезбедат:
а) правото на секое лице со другите да основа синдикати и да стапува во синдикати по свој избор, зависно единствено од правилата кои ги утврдува соодветната организација, а со цел за заштита и унапредување на своите економски и социјални интереси. Вршењето на ова право единствено може да биде предмет на ограничувања предвидени само со закон, кои се нужни во едно демократско општество и се во интерес на националната безбедност или јавниот поредок, или заради заштита на правата и слободите на другите лица.
б) правото на синдикатите да основаат национални федерации или конфедерации и правото на овие федерации и конфедерации да основаат меѓународни синдикални организации или да се зачленуваат во нив.
ц) правото на синдикатите слободно да ја вршат својата дејност без какви било ограничувања, освен оние кои се предвидени со закон и кои се нужни во едно демократско општество и се во интерес на националната безбедност или јавниот поредок, или за заштита на правата и слободите на другите лица.
д) правото на штрајк доколку се врши согласно законите на секоја одделна држава.
2. Овој член не е пречка за поставување на законски ограничувања во вршењето на овие права од страна на членовите на оружените сили, полицијата или државната управа.
3. Ниту една одредба на овој член не ги овластува државите договорнички на Конвенцијата на Меѓународната организација на трудот од 1948 година да преземаат законски мерки на штета на синдикалните слободи и заштита на синдикалните права, или да го применуваат законот на начин кој би бил на штета на гаранциите предвидени во оваа конвенција.
Член 9
Државите договорнички на овој Пакт го признаваат правото на социјално обезбедување за секого, вклучувајќи го тука и социјалното осигурување.
Член 10
Државите договорнички на овој Пакт признаваат дека:
1.Најширока можност за заштита и помош треба да му се даде на семејството, кое е природна и основна клетка на општеството, особено за негово засновање и додека тоа е одговорно за издржување и воспитување на децата за кои се грижи. Во брак може да се стапува само по слободна согласност на идните брачни другари.
2. Посебна заштита треба да им се даде на мајките во текот на разумен период пред и по породувањето. Во текот на овој период вработените мајки треба да користат платено отсуство или отсуство пропратено со соодветна помош од социјалното осигурување.
3. Посебни мерки на заштита и помош треба да им бидат дадени на сите деца И млади без било каква дискриминација поради потеклото или други причини. Децата и младината мора да бидат заштитени од економско и општествено искористување. Нивното вработување на работни штетни за нивниот морал и здравје, кои го доведуваат во опасност нивниот живот или можат да го спречат нивниот нормален развој, ќе се санкционира според законот. Државите, исто така, треба да ја одредат старосната граница под која вработувањето на детската работна сила ќе биде забрането и казниво со закон.
Член 11
1. Државите договорнички на овој Пакт му го признаваат правото на секое лице на животен стандард доволен за него и неговото семејство, подразбирајќи ја тука и соодветната исхрана, облекување и домување, како и постојано подобрување на животните услови. Државите договорнички ќе преземат целисходни мерки за остварување на ова право, признавајќи ја за таа цел суштинската важност на слободно прифатената меѓународна соработка.
2. Државите договорнички на овој Пакт, признавајќи го секому основното право да биде заштитен од глад, ќе преземат одделно и по пат на меѓународна соработка потребни мерки, вклучувајќи ги тука и конкретните програми;
а) за подобрување на методите во производството, чувањето и распределбата на животните продукти со полно искористување на научните и техничките знаења, со ширење на знаењата за начелата на прехранување и развој на реформа на аграрните системи на таков начин за постигнување на потполно искористување и употреба на природните извори;
б) за обезбедување на правдена распределба на светските извори на храна во однос на потребите, водејќи сметка за проблемите кои се поставуваат како во земјите увозници така и во извозниците на прехранбените продукти.
Член 12
1. Државите договорнички на овој Пакт му го признаваат правото на секое лице да ужива најдобро физичко и душевно здравје кое може да се постигне.
2. Мерките кои ќе ги преземат државите договорнички на овој Пакт со цел постигнување на полно остварување на ова право мора да ги опфатат мерките нужни за обезбедување на:
(а) намалување на бројот на мртвородените и детската смртност, како и здравиот развој на детето;
(б) подобрување на сите видови индустриска хигиена и хигиена на околината;
(ц) спречување и лечење на заразните, ендемичните професионалните и другите заболувања, како и борбата против тие болести;
(д) создавање погодни услови за обезбедување на лекарски услуги за сите и лекарски услуги во случај на болест.
Член 13
1.Државите договорнички на овој Пакт го признаваат правото на образование на секое лице. Тие се согласни дека образованието ќе биде насочено кон целосен развој на човековата личност и чувството на неговото достоинство, како и кон јакнење на почитта за човековите права и основни слободи. Тие, исто така, се согласни дека образованието мора секому да му овозможи корисна улога во слободното општество, да го унапреди разбирањето, трпеливоста и пријателството меѓу сите нации и сите етнички или верски групи и да го помогне развојот на дејноста на ОН за зачувување на мирот.
2. Државите договорнички на овој Пакт признаваат дека за постигнување на целосно остварување на ова право:
(а) основнотообразование ќе биде задолжително и бесплатно, достапно на сите;
(б) средното образование во своите различни форми, вклучувајќи ја тука и средно техничката и стручна настава, ќе биде општо и достапно за сите преку сите достапни средства, а особено со воведувањето на бесплатна настава;
(ц) Високото образование ќе биде подеднакво достапно за секого според неговите способности преку сите достапни средства, а особено со воведување на бесплатна настава;
(д) Основното образование ќе се поттикнува и зајакнува колку што е можно повеќе за оние кои воопшто не се стекнале со основно образование или тоа го сториле делумно.
(е) Активно ќе се настојува да ја развиваат школската мрежа на сите степени, да се установуваат стипендии и постојано да ги подобруваат материјалните услови на наставниот кадар;
3. Државите договорнички на овој Пакт се обврзуваат да ја почитуваат слободата на родителите и, во случај на потреба на законски старатели, да изберат за своите деца други образовни институции од оние што ги основала јавната власт, доколку се во согласност со најнужните прописи кои можат да бидат донесени или одобрени од страна на државата во областа на образованието заради обезбедување на верско и морално воспитување на нивните деца согласно нивните сопствени убедувања.
4. Ниедна одредба од овој член не смее да се толкува како да се меша во слободата на поединецот и правните лица да основаат и да управуваат со образовни установи, под услов да бидат почитувани начелата изнесени во првиот став на овој член и образованието кое се нуди во тие установи да биде во согласност во најнужните прописи кои би можела да ги донесе државата.
Член 14
Секоја држава договорничка на овој Пакт, која во моментот кога ќе стане договорничка, не била во можност да обезбеди на својата матична територија или на другите територии под своја власт задолжително и бесплатно основно образование, се обврзува во рок од две години да изработи и усвои подробен план на неопходни мерки за постепено остварување во рамките на разумен број години утврдени со овој план, на начелото за задолжително и бесплатно основно образование за сите.
Член 15
1. Државите договорнички на овој Пакт секому го признаваат правото:
(а) да учествува во културниот живот;
(б) да ги ужива благодетите на научниот напредок и неговата примена;
(ц) да се користи со заштита на моралните и материјалните интереси кои произлегуваат од кој било научен, литературен, уметнички производ чиј творец е тој.
2. Мерките кои државите договорнички на овој Пакт ги преземале со цел обезбедување на целосно извршување на ова право, мора да ги опфатат и оние мерки кои се неоходни за зачувување, развој и ширење на науката и културата.
3. Државите договорнички на овој пакт се обврзуваат да ја почитуваат слободата која е непходна за научно истражување и творечка дејност.
4.Државите договорнички на овој Пакт ги признаваат благодетите кои треба да произлезат од помагањето и развојот на меѓународните врски соработката во областа на науката и културата.
ЧЕТВРТИ ДЕЛ
Член 16
1. Државите договорнички на овој Пакт се обврзуваат, согласно со одредбите на овој дел од Пактот, да поднесуваат извештаи за мерките што ќе ги преземат и за постигнатиот напредок со цел да се обезбеди почитување на правата признати со Пактот.
2.
а) Сите извештаи ќе бидат упатувани до Генералниот секретар на ОН, кој го доставува нивниот препис(копија) до Економскиот и Социјалниот Совет на разгледување во согласност со одредбите на овој Пакт;
б) Генералниот секретар на ОН, исто така, на специјализираните установи им испраќа препис на извештаите кои било релевантни делови од нив упатени од страна на договорничките на овој Пакт, кои исто така се и членки на споменатите специјализирани установи, доколку овие извештаи или делови од извештаите се однесуваат на прашањата кои спаѓаат во надлежност на споменатите установи во согласност со нивните законски акти.
Член 17
1. Државите договорнички на овој Пакт извештаите ги поднесуваат повремено според програмата што ќе ја утврди Економскиот и Социјалниот совет во рок од една година од денот кога стапува на сила овој Пакт, по извршените консултации со државите договорнички и заинтересираните специјализирани установи.
2. Извештаите можат да ги означат факторите и тешкотиите кои ги спречуваат овие држави целосно да ги извршат обврските предвидени со овој Пакт.
3. Во случај кога известувањата во врска со ова веќе биле упатени до ОН или до некоја специјализирана установа од страна на некоја држава договорничка на овој Пакт, нема да биде потребно повторно да се дадат споменатите известувања, туку ќе биде доволно повикување на тие известувања.
Член 18
Врз основа на одговорноста која му припаѓа според Повелбата на ОН во областа на човековите права и слободи , Економскиот и Социјалниот Совет може да склучуваат спогодби со пецијализираните установи заради поднесување на извештаи од нивна страна кои се однесуваат на постигнатиот напредок во поглед на почитувањето на одредбите од овој Пакт во рамките на нивните дејности. Овие извештаи можат да содржат податоци за одлуките и препораките за имплементационите мерки кои ги усвојуваат надлежните органи на специјализираните установи.
Член 19
Економскиот и Социјалниот совет може да и достават на Комисијата за човекови права, заради проучување или препораки од општа природа, или заради информирање, извештаи за човековите права кои ги поднесуваат државите согласно со членовите 16 и 17 и извештаи за човековите права кои ги поднесуваат специјализираните установи.
Државите договорнички на овој Пакт и заинтересираните специјализирани установи можат да поднесат до Економскиот и Социјалниот совет забелешки на секоја препорака од општа природа, донесена врз основа на членот 19, или на секое повикување на препорака од општа природа кое се наоѓа во извештајот на Комисијата за човекови права, или во некој документ споменат во извештајот.
Член 21
Економскиот и Социјалниот совет може, од време на време, да му поднесува извештаи на Генералното Собрание кои содржат препораки од општ карактер или резиме на известувањата примени од државите договорнички на овој Пакт и од специјализираните установи за преземените мерки и за постигнатиот напредок со цел да се обезбеди општо почитување на човековите права признати во овој Пакт.
Член 22
Економскиот и Социјалниот совет може да им обрне внимание на други органи на ОН, на нивните помошни органи и на заинтересираните специјализирани установи кои се занимаваат со давање техничка помош врз секое прашање кое го покренуваат извештаите споменати во овој дел на пактот и кое може да им помогне на овие тела да се изјаснат, секој во својот делокруг на надлежностите, за целисходноста на меѓународните мерки погодни да придонесат за успешно И постепено спроведување на овој Пакт.
Член 23
Државите договорнички на овој Пакт се согласни дека мерките од меѓународен карактер за обезбедување на остварувањето на правата признати во споменатиот Пакт опфаќаат особено такви методи како склучување конвенции, усвојување препораки, давање на техничка помош и одржување регионални и технички состаноци заради советување и проучување, во соработка со заинтересираните влади.
Член 24
Ниедна одредба на овој Пакт не може да биде толкувана како да ги нарушува одредбите на Повелбата на ОН и на Уставите на специјализираните установи, кои ги одредуваат одговорностите на различните органи на ОН и на специјализираните установи кои ги одредуваат одговорностите на на различните органи на ОН и специјализираните установи во поглед на прашањата со кои се занимава овој Пакт.
Член 25
Ниедна одредба од овој Пакт нема да биде толкувана како да нанесува штета на неотуѓивото право на сите народи да ги уживаат и искористуваат во целост и слободно своите природни богатства и извори.
ПЕТТИ ДЕЛ
Член 26
1. Овој Пакт е отворен за потпишување за сите држави членки на ОН или членки на која било од нејзините специјализирани установи за секоја држава договорничка на Статутот на Меѓународниот Суд на Правдата како и за секоја друга држава повикана од Генералното Собрание на ОН да стане договорничка на овој Пакт.
2. Овој Пакт подлежи на ратификација. Инструментите на ратификацијата ќе бидат депонирани кај Генералниот Секретар на ОН.
3. Овој Пакт ќе биде отворен за пристапување на секоја држава на која се однесува ставот 1 на овој член.
4. Пристапувањето ќе се изврши со депонирање на инструментите за пристапување кај Генералниот секретар на ОН.
5. Генералниот секретар на ОН ќе ги извести сите држави кои го потпишале овој Пакт или кои му пристапиле за депонирањето на секој инструмент на ратификација или пристапување.
Член 27
1. Овој Пакт ќе стапи во сила три месеци по депонирањето кај Генералниот сектар на ОН на 35-тиот инструмент за ратификација или пристапување.
2. За секоја држава која ќе го ратификува овој Пакт или ќе му пристапи по депонирањето на 35-тиот инструмент за ратификација или пристапување, споменатиов Пакт ќе стапи во сила три месеци по депонирањето на инструментот за ратификација или пристапување од страна на таа држава.
Член 28
Одредбите на овој Пакт се применуваат врз сите единици на федеративните држави без какви да било ограничувања или исклучоци
Член 29
1. Секоја држава договорничка на овој Пакт може да предложи измена и дополнување и нивниот текст да го достави до Генералниот секретар на ОН. Генералниот секретар сите предложени измени и дополнувања ќе ги достави до државите договорнички на овој Пакт барајќи од нив да му соопштат дали сакаат свикување на конференција на државите договорнички заради разгледување на тие предлози и нивно гласање. Ако најмалку 1/3 од државите се изјасни во прилог на ваквото свикување, Генералниот секретар ќе свика конференција под покровителство на ОН. Секоја измена или дополнување усвоено од мнозинството на државите договорнички кои присуствувале на конференцијата и кои гласале подлежи на одобрување од генералното собрание на ОН.
2. Овие измени или дополнувања ќе стапат во сила кога ќе бидат одобрени од страна на Генералното собрание на ОН и прифатени од 2/3 од државите договорнички на овој Пакт согласно со нивните уставни постапки.
3. Кога овие измени или дополнувања ќе стапат во сила тие се задолжителни за сите држави договорнички кои ги прифатиле додека другите држави договорнички остануваат врзани со одредбите на овој Пакт и секоја измена или дополнување кои ги прифатиле порано.
Член 30
Независно од соопштенијата предвидени во ставот 5 на членот 26 Генералниот секретар на ОН ќе ги извести сите држави споменати во ставот 1 на истиот член:
а) за потписите ставени на овој Пакт и инструментите за ратификација и пристапување депонирани согласно со членот 26.
б) за датумот за стапување во сила на овој Пакт согласно со член 27 и за датумот на стапување во сила на секоја измена и дополнување предвидено во членот 29.
1. Овој Пакт чии текстови на англиски, кинески, шпански, француски и руски се подеднакво веродостојни ќе биде депониран во архивата на ОН.
2. Генералниот секретар на ОН заверените преписи на овој Пакт ќе ги достави до секоја држава на која се однесува членот 26.
Усвоен и отворен за ратификување со резолуцијата на Генералното Собрание на ОН 2200А од 16 декември 1966 година. Стапи во сила на 3 јануари 1976 година по депонирањето на 33 ратификации.