1. ОПШТИ ОДРЕДБИ
Предмет на Законот
Член 1
(1) Со овој закон се уредува воспоставувањето на еднаквите можности и еднаквиот третман на жените и мажите, основните и посебните мерки за воспоставување на еднакви можности на жените и мажите, правата и обврските на одговорните субјекти за обезбедување на еднакви можности на жените и мажите, постапката за утврдување нееднаков третман на жените и мажите, како и правата и должностите на правниот застапник за еднакви можности на жените и мажите (во натамошниот текст: застапникот), како определено лице за спроведување на постапката за утврдување на нееднакoв третман на жените и мажите.
(2) Воспоставувањето на еднаквите можности на жените и мажите се уредува со овој и со друг закон со кој се уредуваат прашања од интерес за еднаквите можности на жените и мажите од областа на здравствената заштита и здравственото осигурување, социјалната заштита, пристапот до добра и услуги, економијата, работните односи и вработувањето, образованието и стручното усовршување, економските и сопственичките односи, користењето на јавните производи и услуги (потрошувачки права), културата и спортот, информатичко комуникациски технологии, одбраната и безбедноста, правосудството и управата, домувањето, јавното информирање и медиумите, државната и јавната администрација и во други области од општественото живеење.
Цел на Законот
Член 2
(1) Цел на овој закон е воспоставување на еднаквите можности на жените и мажите во политичката, економската, социјалната, образовната, културната, здравствената, граѓанската и која било друга област од општествениот живот.
(2) Воспоставувањето на еднакви можности е грижа на целото општество, односно на сите субјекти во јавниот и приватниот сектор и претставува отстранување на пречките и создавање услови за остварување на потполна еднаквост меѓу жените и мажите.
Примена на Законот
Член 3
(1) Овој закон се применува во јавниот и приватниот сектор во областите наведени во членот 1 став (2) од овој закон.
(2) Субјекти кои ги воспоставуваат еднаквите можности и еднаквиот третман на жените и мажите се органите на законодавната, извршната и судската власт, единиците на локалната самоуправа и други органи и организации во јавниот и приватниот сектор, јавни претпријатија, политички партии, средствата за јавно информирање и граѓанскиот сектор и сите лица кои обезбедуваат стоки и услуги кои се достапни за јавноста и кои се нудат надвор од подрачјето на приватниот и семејниот живот и трансакциите што се вршат во тој контекст без разлика дали односното лице припаѓа на јавниот или приватниот сектор.
(3) Се забранува дискриминација, вознемирување и сексуално вознемирување врз основа на пол во јавниот и приватниот сектор во областите на вработувањето и трудот, образованието, науката и спортот, социјалната сигурност, вклучувајќи го и подрачјето на социјалната заштита, пензиското и инвалидското осигурување, здравственото осигурување и здравствената заштита, правосудството и управата, домувањето, јавното информирање и медиумите, информатичко-комуникациските технологии, одбраната и безбедноста, членувањето и дејствувањето во синдикални организации, политички партии, здруженија и фондации, други организации засновани на членство, културата и други области определени со овој или друг закон.
(4) Се забранува дискриминација по основ на пол во пристапот до добрата и услугите во јавниот и приватниот сектор, вклучувајќи и дискриминација во премиите од осигурителните шеми.
(5) Секој граѓанин има право на пристап до вработување без какви било ограничувања, согласно со принципот на еднаков третман.
(6) Согласно со принципот на еднаков третман во пристапот до вработување, дискриминацијата е забранета и врз основа на брачниот статус, семејниот статус, боја на кожа, јазик, политичко или друго убедување, активност во синдикатите, националната припадност или социјалниот статус, инвалидност, возраст, сопственост, општествен или друг статус.
(7) Различниот третман којшто ги промовира еднаквите можности на жените и мажите во согласност со целите на овој или друг закон не се смета за дискриминација.
Дефиниции
Член 4
Одделни изрази употребени во овој закон го имаат следново значење:
1. Еднакви можности на жените и мажите е промовирање на начелото за воведување еднакво учество на жените и мажите во сите области од јавниот и приватниот сектор, еднаков статус и третман во остварувањето на сите права и во развојот на нивните индивидуални потенцијали преку кои тие придонесуваат во општествениот развој, како и еднакви придобивки од резултатите произлезени од тој развој;
2. Еднаков третман е отсуство на директна или индиректна дискриминација врз основа на пол согласно со овој или друг закон;
3. Дискриминација по основ на пол е секоја разлика, исклучување или ограничување врз основа на пол, што има за последица или за цел да го загрози или оневозможи признавањето, остварувањето или практикувањето на човековите права и основните слободи врз основа на еднаквост на жените и мажите во политичко, економско, општествено, културно и граѓанско или друго поле, без оглед на нивната раса, боја на кожа, род, припадност на маргинализирана група, етничка припадност, јазик, државјанство, социјално потекло, религија или верско уверување, образование, политичка припадност, личен или општествен статус, ментална и телесна попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба или која било друга основа;
4. Директна дискриминација врз основа на пол е кога едно лице било третирано, се третира или би се третирало полошо врз основа на полот отколку друго лице во слична ситуација;
5. Индиректна дискриминација врз основа на пол е кога навидум неутрална одредба, критериум или обичајно право става лица од еден пол во особена неповолна положба во споредба со лица од другиот пол, освен ако таа одредба, критериум или
обичајно право е објективно оправдана со легитимна цел, а средствата за постигнување на таа цел се соодветни и неопходни;
6. Вознемирување врз основа на пол е несакано однесување поврзано со полот на едно лице, чија цел или последица е повреда на достоинството на едно лице и создавање застрашувачка, непријателска, деградирачка, понижувачка или навредлива атмосфера;
7. Сексуално вознемирување врз основа на пол е каков било облик на несакано вербално, невербално или физичко однесување од сексуален карактер, чија цел или последица е повреда на достоинството на едно лице, особено кога се создава застрашувачка, непријателска, деградирачка, понижувачка или навредлива атмосфера;
8. Потполна еднаквост на жените и мажите се еднакви права, можности, услови и третман во сите сфери на јавниот и приватниот живот и отсуство на културни, социјални, економски и политички услови кои продуцираат нееднакви односи на моќ и нееднаква распределба на општествените добра меѓу жените и мажите;
9. Еднаква застапеност е секоја процентуална застапеност на одреден пол која не е помала од процентот на застапеноста на тој пол во вкупната популација и
10. Вклучување на родовите перспективи во главните текови е интегрирање на родовата перспектива во секоја фаза на процесот на градење, донесување, спроведување, следење и евалуација на политики - притоа, имајќи го предвид промовирањето и унапредувањето на еднаквоста меѓу жените и мажите;
2. ВИДОВИ НА МЕРКИ ЗА ВОСПОСТАВУВАЊЕ ЕДНАКВИ МОЖНОСТИ НА ЖЕНИТЕ И МАЖИТЕ
Основни мерки
Член 5
(1) Основни мерки за остварување на принципот на еднакви можности на жените и мажите се нормативни мерки од областа на здравствената заштита и здравственото осигурување, социјалната заштита, пристапот до добра и услуги, економијата, работните односи и вработувањето, образованието и стручното усовршување, економските и сопственичките односи, користењето на јавните производи и услуги (потрошувачки права), културата и спортот, информатичко комуникациски технологии, одбраната, правосудството и управата, домувањето, јавното информирање и медиумите, државната и јавната администрација и други области определени со овој или друг закон со кои се забранува дискриминација врз основа на пол.
(2) Основни мерки за остварување на еднакви можности се и мерките за остварување на потполна еднаквост меѓу жените и мажите, утврдени во политиките и програмите за систематско промовирање на принципот на еднаквите можности на жените и мажите и почитување на различноста, за промена на општествените и културните обичаи во поглед на однесувањето на жените и мажите за отстранување на предрасудите, како и секоја друга практика заснована врз инфериорноста или супериорноста на едниот или другиот пол или врз традиционалната општествена улога на мажите или на жените.
(3) Основни мерки се и мерките со кои се воведува системско вклучување на еднаквите можности на жените и мажите во процесот на креирање, спроведување и следење на политиките и буџетите во посебните општествени области вклучувајќи го извршувањето на функциите и надлежностите на субјектите од јавниот и приватниот сектор.
Член 6
(1) Основни мерки во обезбедувањето на еднакви можности на жените и мажите се и мерките во областа на образованието и стручното усовршување.
(2) Едукацијата за воспоставување на еднакви можности претставува интегрален дел од системот на образование и професионалната обука, која обезбедува подготвеност на жените и мажите за активно и еднакво учество во сите области на општествениот живот.
(3) При подготовката, усвојувањето и спроведувањето на програмите за образование или професионална обука, подготовката на учебниците и училишните помагала и при внесувањето на организационите иновации и модификација на педагошките и андрагошките методи потребно се обезбедуваат механизми за отстранување на предрасудите и стереотипите во врска со воспоставување на еднаквите можности.
(4) Органите на државната управа надлежни за работите од областа на образованието и трудот, установите кои вршат едукација и професионална обука се должни да вршат редовна анализа на содржините на наставните планови, програми и учебниците од аспект на унапредување на еднаквите можности на жените и мажите.
Посебни мерки
Член 7
(1) Посебните мерки се привремени мерки кои се преземаат со цел да се надмине постоечката неповолна општествена положба на жените и мажите, а која е резултат на систематска дискриминација или структурна родова нееднаквост произлезена од историски и социокултурни околности.
(2) Посебните мерки се насочени кон отстранување на пречките или давање на посебен придонес и поттикнувања заради остварување на еднакви појдовни позиции на жените и мажите, еднаков третман, балансирано учество или еднаков општествен статус, развивање на нивните индивидуални потенцијали преку кои тие придонесуваат во општествениот развој и еднакво користење на придобивките од тој развој.
(3) Посебните мерки од ставот (1) на овој член вклучуваат:
- позитивни мерки се мерки со кои при еднакви услови се дава приоритет на лица од помалку застапениот пол, се додека не се постигне еднаква застапеност или не се постигне целта заради која се преземени. Позитивните мерки особено ќе се применуваат во сите органи и на сите нивоа во областа на законодавната, извршната и судската власт и во други органи и организации, во локалната власт, како и во сите други јавни установи и служби, во политичките партии при вршењето на политичките функции, комисии и одбори, вклучувајќи и учествување во телата што ја претставуваат државата на меѓународно ниво додека не се постигне еднаква застапеност,
- охрабрувачки мерки се мерки кои обезбедуваат посебни поттикнувања или воведуваат посебни поволности со цел да се елиминираат околностите кои доведуваат до нееднакво учество на жените и мажите или нееднаквиот статус на еден наспроти друг пол или нееднаква дистрибуција на општествените добра и ресурси и
- програмски мерки се мерки кои се насочени кон подигање на свеста, организирање активности и изработка и спроведување на акциони планови за поттикнување и унапредување на еднакви можности.
3. УСВОЈУВАЊЕ И СЛЕДЕЊЕ НА ПОСЕБНИ МЕРКИ ЗА ВОСПОСТАВУВАЊЕ НАЕДНАКВИ МОЖНОСТИ НА ЖЕНИТЕ И МАЖИТЕ
Усвојување на посебни мерки
Член 8
(1) Посебните мерки се усвојуваат од страна на органите на законодавната, извршната и судската власт, единиците на локалната самоуправа и други органи и организации во јавниот и приватниот сектор, јавни претпријатија, политички партии, средствата за јавно информирање и граѓанскиот сектор во сите области наведени во членот 1 став (2) од овој закон.
(2) Посебните мерки се усвојуваат врз основа на анализи и опис на ситуацијата во кои живеат жените и мажите, како и факторите и околностите кои придонесуваат за нееднаквоста во кои е содржана оправданоста за примената на таквите мерки, вклучително и влијанието кои овие мерки ќе ги постигнат врз нивните животи и можности.
(3) Субјектите од ставот (1) на овој член кои усвојуваат посебни мерки, донесуваат план за имплементација на посебните мерки по претходно добиено позитивно мислење од Министерството за труд и социјална политика.
(4) Субјектите од ставот (1) на овој член кои усвоиле посебни мерки, доставуваат годишен извештај до Министерството за труд и социјална политика за резултатите од примена на таквите мерки најдоцна до 31 март во тековната година за претходната година.
4. СУБЈЕКТИ ОДГОВОРНИ ЗА УСВОЈУВАЊЕ И СПРОВЕДУВАЊЕ НА МЕРКИТЕ 3А ВОСПОСТАВУВАЊЕ НА ЕДНАКВИ МОЖНОСТИ НА ЖЕНИТЕ И МАЖИТЕ ИНИВНИТЕ ОБВРСКИ
Собрание на Република Македонија
Член 9
(1) Собранието на Република Македонија (во натамошниот текст: Собранието) во рамките на своите надлежности се грижи за елиминација на сите форми на дискриминација врз основа на пол и подобрување на општествениот статус на жените, го
интегрира принципот на еднакви можности на жените и мажите во законските иницијативи, политиките и програмите; организира јавни дебати и расправи за прашања од областа на еднаквите можности на жените и мажите; ги анализира и дава мислења за влијанието на законските одредби врз статусот на жените и мажите, бара извештаи и документација од надлежните институции во однос на сферата на работа и подготвува и објавува извештаи за својата работа.
(2) Собранието при изборот на составот на работните тела и при определувањето на составот на неговите делегации за соработка со меѓународни организации и при соработка со парламентите на други држави го почитува принципот за еднакво учество на жените и мажите.
(3) Собранието донесува стратегија за родова еднаквост и го следи нејзиното спроведување во секторските политики и програми и соработува со социјалните партнери, невладините организации и други јавни институции во соодветната област.
(4) Собранието формира и го определува составот и надлежностите на Комисијата за еднакви можности на жените и мажите како постојано работно тело.
(5) Комисијата за еднакви можности на жените и мажите ги презема следниве активности:
- разгледување на предлозите на закони и другите прописи што ги донесува Собранието од областите од членот 1 став (2) од овој закон, Буџетот на Република Македонија, како и други предлози на закони и други прописи од аспект на вклученоста на родовиот концепт во нив,
- разгледување на предлогот на стратегијата за родова еднаквост,
- следење на усвојувањето и примената на основните и посебните мерки за воспоставување на еднакви можности на жените и мажите во сите области од јавниот и приватниот сектор,
- следење на системот на мерки за отстранување на нееднаквиот третман на жените и мажите,
- донесување и изменување на закони и други прописи од областа на еднаквите можности на жените и мажите,
- се грижи за доследно спроведување на одредбите од овој закон и други закони од областа на еднаквите можности на жените и мажите и недискриминацијата,
- поттикнување на соработката меѓу надлежните органи за прашања кои се однесуваат на еднаквите можности на жените и мажите,
- покренување иницијативи и активности против примена на родови стереотипи и предрасуди во јавниот живот,
- редовно информирање на Собранието за сите прашања сврзани со еднаквите можности на жените и мажите,
- соработува со комисиите за еднакви можности на жените и мажите во единиците на локалната самоуправа,
- соработува со здруженијата на работодавачите, синдикатот, невладините организации и здруженијата активни на полето на еднаквите можности,
- соработката со соодветните комисии на другите земји и
- разгледува други прашања што се однесуваат на еднаквите можности на жените и мажите.
Влада на Република Македонија
Член 10
(1) Владата на Република Македонија (во натамошниот текст: Владата) во рамките на своите надлежности се грижи за унапредувањето и воспоставувањето на еднаквите можности и постигнување на целите на овој закон преку примена на основните и посебните мерки утврдени со овој закон.
(2) Владата ја предлага стратегијата за родова еднаквост и ја доставува до Собранието.
(3) Владата назначува координатор и заменик-координатор за еднакви можности и го следи спроведувањето на принципот на еднакви можности на жените и мажите во стратешките планови на ресорните министерства и буџетите кои соработуваат со Министерството за труд и социјална политика.
(4) Владата објавува статистички податоци за застапеноста на жените и мажите во именуваните функции и телата на одлучување, управување и раководење.
(5) Владата е должна да предвиди еднакво учество на жените и мажите при составот на нејзините работни тела и делегации, консултативните и координативните тела и при именувањето на претставници во управните одбори на јавните претпријатија и установи.
(6) Владата формира интерресорска консултативна и советодавна група за еднакви можности на жените и мажите, составена од функционери/раководни државни службеници, претставници на граѓански организации, здруженија на работодавачи, експерти, претставници на локалната самоуправа, синдикатите и други субјекти.
(7) Владата го утврдува бројот на членовите и составот на интерресорската консултативна и советодавна група. Начинот на работа на интерресорската консултативна и советодавна група се уредува со деловник за работа на истата.
(8) Интерресорската група е должна да го промовира концептот на вклучување на родовите аспекти во генералните политики на сите јавни институции, да ја следи интеграцијата на концептот во секторските политики во соработка со социјалните партнери и институциите од поединечните области, да го следи прогресот на хармонизација на националното законодавство со законодавството на Европската унија и европските стандарди во областа на родовите прашања, да учествува во подготовката и да дава насоки во процесот на подготовка на стратегијата за родова еднаквост и да ги следи периодичните извештаи од институциите.
(9) Работата на интерресорската група ја координира Министерството за труд и социјална политика.
Органи на државната управа
Член 11
(1) Органите на државната управа се должни во рамките на своите надлежности да ги промовираат и унапредуваат еднаквите можности преку преземање на основни и посебни мерки од членовите 5, 6 и 7 од овој закон.
(2) Органите на државната управа се должни да соработуваат со здруженијата на работодавачите, синдикатот и здруженијата активни на полето на еднаквите можности со цел за да обезбедат предлози и мерки за постигнување на целта на Законот.
(3) Органите на државната управа се должни во рамките на своите стратешки планови и буџети да го инкорпорираат принципот на еднакви можности на жените и мажите, да ги следат ефектите и влијанието на нивните програми врз жените и мажите и да известуваат во рамките на своите годишни извештаи.
(4) Органите на државната управа се должни да определат службено лице - координатор и заменик-координатор, кои ќе ги координираат работите од надлежност на државниот орган за воспоставување на еднакви можности.
(5) Органите на државната управа по определувањето на службено лице - координатор и заменик-координатор се должни во писмена форма да го информират Министерството за труд и социјална политика.
(6) Координаторот и заменик-координаторот од ставот (5) на овој член се одговорни за спроведување на должностите во надлежност на државниот орган за воспоставување на еднакви можности, во смисла на овој закон, даваат мислења и предлози за промовирање и унапредување на еднаквите можности во рамките на надлежностите на државниот орган и во исполнувањето на своите задачи се координираат и соработуваат со Министерството за труд и социјална политика.
(7) Надлежностите и задачите на координаторот и заменик-координаторот поконкретно се утврдуваат во актот за систематизација на работните места на државниот орган.
(8) Координаторот и заменик-координаторот од ставот (5) на овој член се должни еднаш годишно, најдоцна до 31 март во тековната година за претходната година, да достават извештај за работата до Министерството за труд и социјална политика.
(9) Извештајот од ставот (8) на овој член, координаторот и заменик-координаторот се должни да го објават на веб страницата на органот на државната управа.
Министерство за труд и социјална политика
Член 12
Министерството за труд и социјална политика (во натамошниот текст: Министерството) во однос на еднаквите можности на жените и мажите ги врши следниве работи:
- се грижи за унапредување на еднаквите можности на жените и мажите во сите области од општественото живеење,
- се грижи да се внесе принципот на еднакви можности во главните текови на реорганизацијата, унапредувањето, развојот и процената на политичките процеси на сите нивоа и во сите фази на национално и локално ниво,
- дава мислење по предлозите на усвојување за основните и посебните мерки за воспоставување на еднаквите можности на жените и мажите и ја следи нивната примена,
- соработува со Комисијата за еднакви можности на жените и мажите во Собранието при изработување на закони, стратешки документи и извештаи,
- доставува до Владата или до надлежните министерства предлози за донесување или изменување и дополнување на законите и другите прописи од значење за воспоставување на еднакви можности, како и за усвојување на општи и посебни мерки,
- го изработува предлогот на стратегијата за родова еднаквост и плановите за нејзино спроведување го следи спроведувањето и објавува годишни извештаи за активностите и резултатите од нејзиното спроведување,
- ја координира и ја поддржува работата на интерресорската група за унапредување на еднаквите можности на жените и мажите во политиките и програмите во сите сфери на општественото живеење,
- го следи, во соработка со Министерството за надворешни работи, спроведувањето на меѓународните договори кои се однесуваат на еднаквите можности и унапредување на статусот на жените,
- подготвува национални извештаи за спроведувањето на меѓународните обврски од страна на Република Македонија на подрачјето на еднаквите можности,
- подготвува анализи, извештаи и други документи поврзани со еднаквите можности и истите ги објавува на веб страницата на Министерството,
- соработува со здруженија на работодавачи, синдикат и здруженија активни на полето на еднаквите можности,
- соработува со координаторите во органите на државната управа, како и со координаторите и комисиите за еднакви можности формирани во единиците на локалната самоуправа, ја обезбедува нивната меѓусебна координација и изготвува насоки и предлози за исполнување на нивните обврски за постигнување на целта на овој закон,
- соработува со надлежните субјекти за спроведување на овој закон од членот 3 став (2) од овој закон,
- доставува годишен извештај за преземените активности и постигнатиот напредок за воспоставување еднакви можности на жените и мажите до Владата, најдоцна до крајот на јуни за претходната година,
- врши надзор над спроведувањето на позитивните мерки во областите во кои тие се воведени и
- дава мислење на субјектите од членот 8 став (1) од овој закон за усвојување позитивни мерки во областите од општествениот живот во кои постои нееднакво учество на жените и мажите или нееднаков статус на лицата од едниот пол.
Народен правобранител
Член 13
Народниот правобранител се грижи, во рамки на својата законски утврдена надлежност, за остварување на еднаквите можности преку правната заштита на еднаквите можности на жените и мажите кога нечии права се повредени или ограничени од орган на државната управа или од други органи или правни и физички лица на кои им се доверени јавни овластувања.
Единици на локалната самоуправа
Член 14
(1) Единиците на локалната самоуправа за постигнување на целите на овој закон, во рамките на своите надлежности, се должни да го почитуваат принципот на еднакви можности и да ги промовираат и унапредуваат еднаквите можности на жените и мажите преку преземање на основни и посебни мерки од членовите 5, 6 и 7 од овој закон и да изработуваат годишен план во кој ќе ги утврдат основните и посебните мерки.
(2) Единиците на локалната самоуправа се должни во рамките на своите стратешки планови и буџети да го инкорпорираат принципот на еднакви можности на жените и мажите, да ги следат ефектите и влијанието на нивните програми врз жените и мажите и да известуваат во рамките на своите годишни извештаи и да учествуваат во подготвувањето на стратегијата за родова еднаквост во делот кој се однесува на единиците на локалната самоуправа.
(3) Органите на единиците на локалната самоуправа при донесувањето на развојни планови и други акти и одлуки се должни да ги разгледуваат и да ги земат предвид предложените мерки и активности од страна на комисијата за еднакви можности на
жените и мажите и координаторот за еднакви можности на жените и мажите.
(4) Органите на единиците на локалната самоуправа се должни да соработуваат со здруженијата на работодавачите, синдикатот, невладините организации и здруженија активни на полето на еднаквите можности со цел да обезбедат предлози и мерки за постигнување на целта на Законот.
(5) Единиците на локалната самоуправа се должни да формираат комисија за еднакви можности на жените и мажите, како постојно тело, со одлука на советот на единицата на локалната самоуправа, а нејзиниот состав, надлежности, задачи и обврски се утврдуваат со статутот на единицата на локалната самоуправа.
(6) Комисијата за еднакви можности на жените и мажите од ставот (5) на овој член:
- дава мислење по однос на материјалите и предлозите за седниците на советот на единицата на локалната самоуправа,
- учествува при креирањето и донесувањето на стратешките документи, особено при креирањето и донесувањето на стратегијата за развој на единицата на локалната самоуправа, донесувањето на буџетот на единицата на локалната самоуправа, статутот, програмата за работа советот на единицата на локалната самоуправа и друго,
- идентификува и дава предлози за начините на инкорпорирање и формализирање на принципот на еднакви можности и недискриминацијата во работата на органите на единицата на локалната самоуправа и општинската администрација и
- се грижи за доследно спроведување на одредбите од овој закон и други закони од областа на еднаквите можности и недискриминацијата, предлагајќи му на советот на единицата на локалната самоуправа мерки и активности во насока на унапредување на еднаквите можности и недискриминацијата врз основа на анализа на утврдените состојби во областите во надлежност на единицата на локалната самоуправа.
(7) Единиците на локалната самоуправа се должни да определат координатор за еднакви можности на жените и мажите од редот на државните службеници во единицата на локалната самоуправа.
(8) Координаторот од ставот (7) на овој член се грижи за унапредување на еднаквите можности и недискриминацијата во рамките на надлежностите на единицата на локалната самоуправа, дава предлози и мислења поврзани со еднаквите можности до советот на единицата на локалната самоуправа и до институциите и организациите на локално ниво, изработува извештаи за состојбата со еднаквите можности и недискриминацијата во рамките на единицата на локалната самоуправа, соработува со комисијата за еднакви можности на жените и мажите во рамките на советот на единицата на локалната самоуправа и покренува заеднички иницијативи со цел за унапредување на еднаквите можности и недискриминацијата, соработува со невладините организации и останатите институции на локално ниво на прашањето на еднаквите можности и недискриминацијата, ја следи состојбата со еднаквите можности на локално ниво и предлага иницијативи за преземање на мерки за подобрување на состојбата со еднаквите можности и недискриминацијата и во исполнувањето на своите задачи се координира и соработува со Министерството.
(9) Делокругот на работата и задачите на координаторот од ставот (7) на овој член се утврдуваат во актот за систематизација на работните места на единицата на локалната самоуправа.
Член 15
Координаторот за еднакви можности на жените и мажите од членот 14 став (7) од овојзакон е должен најмалку еднаш годишно, најдоцна до 31 март во тековната година за претходната година, да достави извештај до Министерството и истиот да го објави на веб страницата на единицата на локалната самоуправа.
Политички партии
Член 16
Политичките партии во своите акти го уредуваат начинот и мерките за унапредување на еднаквото учество на жените и мажите во органите и телата на партиите.
Средства за јавно информирање
Член 17
(1) Средствата за јавно информирање низ нивните програмски концепти придонесуваат во развивањето и подигањето на свеста за еднакви можности, како и за еднакво учество на жените и мажите во креирањето на програмските концепти и содржини.
(2) Јавното прикажување и претставување на лице во средствата за јавно информирање треба да биде на ненавредлив, неомаловажувачки или непонижувачки начин, врз основа на пол.
(3) Советот за радиодифузија на Република Македонија во рамките на своите надлежности го следи начинот на прикажување и претставување на жените и мажите во програмските концепти и содржини и еднаш годишно поднесува извештај до Собранието.
(4) Советот за радиодифузија на Република Македонија во рамките на своите законски овластувања и надлежности еднаш годишно подготвува анализа на родовите прашања во програмските концепти и содржини на средствата за јавно информирање за кои е надлежен да врши контрола и надзор за програмските содржини, да ја достави до Собранието на разгледување и усвојување и да ја објави на својата веб страница.
Прикажување на статистички податоци
Член 18
Собранието, Владата, органите на државната управа, правосудните органи и другите државни органи, органите на единицата на локалната самоуправа, правните лица на кои со закон им е доверено вршење дејности од јавен интерес, здруженијата, фондациите, јавните претпријатија, образовните установи, установите во областа на социјалната заштита, здравствените установи, политичките партии, средствата за јавно информирање, трговските друштва и други субјекти кои со закон се должни да прибираат, евидентираат и обработуваат статистички податоци, се должни овие податоци да ги прикажуваат според полова припадност и да ги доставуват до Државниот завод за статистика.
5. СТРАТЕГИЈА ЗА РОДОВА ЗАЕДНИЦА
Член 19
Стратегијата за родова еднаквост (во натамошниот текст: стратегијата) се изработува за период од осум години и содржи:
- анализа на состојбата,
- насоки и мерки за постигнување на целите во посебните области на општествениот живот, пред сé, во областа на вработувањето, социјалната сигурност и здравствената заштита, образованието, семејните односи и застапеноста на жените и мажите во јавниот живот,
- одговорност за спроведување на мерките за постигнување на целите,
- содржина, надлежни органи и одговорни лица за подготвување и спроведување на националниот план за акција за родова еднаквост за период од четири години и годишните оперативни планови кои се во функција на спроведување на стратегијата,
- податоци кои се собираат и обработуваат и се поврзани, сочувани, анализирани и презентирани одделно по полова структура во рамките на активностите на Државниот завод за статистика,
- метод на следење и известување за примената на стратегијата и
- потребни средства за примена на мерките од стратегијата, извори и начин за обезбедување на тие средства.
6. ПРАВНА ЗАШТИТА НА ПРАВОТО НА ЕДНАКОВ ТРЕТМАН НА ЖЕНИТЕ И МАЖИТЕ
Надлежни субјекти за заштита на правото на еднаков третман
Член 20
Заштитата на правото на еднаков третман по основ на пол се остварува со поднесување претставка пред:
- застапник согласно со овој закон или
- Народниот правобранител или
- Комисијата за заштита од дискриминација или
- надлежен суд.
Правен застапник
Член 21
(1) Лицето на кое му е повредно правото на еднаков третман врз основ на пол може да поднесе претставка до Министерството.
(2) Постапката во Министерството ја води застапникот.
(3) Застапникот е вработен државен службеник во Министерството задолжен да води постапкa за утврдување на нееднаков третман на жените и мажите.
Поднесување на претставка
Член 22
(1) Претставка може да поднесе секое правно или физичко лице, лично или преку полномошник, писмено, усно на записник или во друга форма, телефакс, или по електронска пошта.
(2) Претставката поднесена преку телефон треба да биде доставена и писмено во рок од осум дена.
(3) За усно поднесената претставка се составува службена белешка.
(4) Претставката содржи лични податоци за подносителот, податоци за субјектот (правен или физички) на кој се однесува претставката, околностите и фактите врз кои се темели претставката, податоци за правните средства кои подносителот претходно ги вложил (доколку ги има) и потпис на подносителот.
(5) Анонимните претставки нема да се разгледуваат.
(6) Подносителот на претставката е ослободен од плаќање на административна такса и друг надоместок.
Член 23
(1) Претставката се поднесува во рок од шест месеци од денот на дознавањето за актот за дискриминација или најдоцна една година од денот кога била сторена повредата.
(2) Доколку претставката е неразбирлива и не ги содржи потребните факти од кои може да се утврди актот или дејствието на дискриминација, застапникот од подносителот на претставката ќе побара истата да ја појасни и дополни во рок од 15 дена од денот на побараното дополнување.
Неповедување на постапка
Член 24
(1) Застапникот не поведува постапка по поднесената претставка ако е очигледно дека нема повреда на правото на кое подносителот се повикува, односно дискриминација по основ на пол, ако по истата работа веќе постапувал, а не се понудени нови докази и факти, ако рокот за поднесување на претставката е истечен, ако претставката е анонимна, ако за истиот случај веќе е поведена постапка пред надлежен суд, или е донесена правосилна судска одлука.
(2) Кога застапникот нема да поведе постапка по претставката согласно со ставот (1) на овој член е должен да го извести подносителот на претставката во рок од 15 дена од денот на поднесувањето на претставката и да му ги објасни причините за неповедувањето.
Поведување на постапка
Член 25
(1) Застапникот може да поведе постапка и по своја иницијатива.
(2) Прописите за заштита на личните податоци се применуваат во текот на водењето на оваа постапка.
Утврдување на фактичка состојба
Член 26
(1) По приемот на претставката застапникот ја утврдува фактичката состојба, со увид во приложените документи, земање на писмени или усни изјави од подносителот на претставката, од лицето против кое е поднесена претставката, како и од други лица за кои смета дека располагаат со податоци за конкретниот настан.
(2) Поднесената претставка се доставува до лицето против кое е поднесена во рок од пет работни дена од денот на поведувањето на постапката, за да се произнесе по наводите во неа во рок од 15 дена од приемот на истата.
Член 27
Правните и физичките лица се должни на барање на застапникот да ги достават податоците со кои располагаат за конкретни случаи на дискриминација, како и да дозволат да се изврши непосреден увид во документацијата во рок од 30 дена од поднесувањето на барањето.
Времетраење на постапката
Член 28
Застапникот ја спроведува постапката и изготвува писмено мислење во рок од 90 дена од денот на приемот на преставката.
Мислење и препорака
Член 29
(1) Мислењето содржи образложение за утврдениот нееднаков третман по основ на пол и препорака за начинот на отстранување на повредата на правото.
(2) Изготвеното мислење се доставува до министерот за труд и социјална политика.
(3) Мислењето се доставува до подносителот на претставката, лицето против кое е поднесна претставката и до други правни и физички лица кои се вклучени во постапката, во рок од осум дена од изготвувањето.
(4) Лицето на кое се однесува препораката е должно да постапи по истата и да ја отстрани повредата на правото во рок од 30 дена од денот на приемот на мислењето и за тоа да го извести застапникот.
Непостапување по препорака
Член 30
Ако лицето на кое препораката се однесува не постапи по препораката, односно не ја отстрани повредата на правото, застапникот може да покрене постапка пред надлежен орган за утврдување на неговата одговорност.
Соработка со други органи
Член 31
Застапникот во вршењето на работата соработува со Народниот правобранител и со Комисијата за заштита од дискриминација за конкретни случаи на дискриминација за кои овие тела имаат надлежност да постапуваат.
Годишен извештај
Член 32
(1) Застапникот најдоцна до 31 март изготвува извештај за претходната година за донесените мислења, спроведените препораки и ефектите од нивното спроведување.
(2) Извештајот се објавува на веб страницата на Министерството и истиот се доставува по писмен пат до надлежните институции.
Судска заштита
Член 33
(1) Лицето кое смета дека му е повредено правото на еднаков третман по основ на пол може да поднесе тужба пред надлежен суд.
(2) Во постапката соодветно се применуваат одредбите од Законот за парничната постапка, доколку со овој закон поинаку не е определено.
(3) Постапката е итна.
Месна надлежност
Член 34
Во постапката за заштита на правото на еднаков третман по основ на пол месно надлежен, покрај судот од општа месна надлежност, е и судот на чие подрачје е живеалиштето на тужителот.
Тужба
Член 35
Со тужбата може да се бара:
1) да се утврди дека тужениот го повредил правото на тужителот на еднаков третман по основ на пол, односно дејствието коешто го презел или пропуштил, може непосредно да доведе до повреда на правата на еднаквост во постапувањето;
2) да се забрани преземање дејствија со кои се повредува или може да се повреди правото на тужителот на еднаков третман, односно да се извршат дејствија со кои се отстранува нееднаквиот третман или последиците од истиот;
3) да се надомести материјалната и нематеријалната штета причинета со повреда на правото на еднаков третман, согласно со Законот за облигационите односи и
4) да се објави во средствата за јавно информирање пресудата со која е утврдена повреда на правото на еднаков третман на трошок на тужениот.
Товар на докажување
Член 36
(1) Кога лице кое за себе смета дека е жртва на дискриминација ќе изнесе факти од кои може да се претпостави дека имало дискриминација тогаш оној кој се товари дека извршил дискриминација е должен да докаже дека не го повредил принципот на еднаков третман.
(2) Правилото од ставот (1) на овој член не се применува во кривичните постапки.
7. НАДЗОР НАД СПРОВЕДУВАЊЕТО НА ЗАКОНОТ
Член 37
(1) Надзор над спроведување на одредбите од овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон врши Министерството.
(2) Инспекциски надзор над спроведувањето на одредбите од овој закон и прописите донесени врз основа на овој закон врши Државниот инспекторат за труд согласно со овој закон.
(3) За прекршоците од членовите 38, 39, 40, 41, 42, 43 и 44 од овој закон прекршочна постапка води и прекршочна санкција изрекува надлежниот суд.
(4) Ако инспекторот на трудот утврди дека е сторен прекршок од членовите 38, 39, 40, 41, 42, 43 и 44 од овој закон е должен на сторителот на прекршокот да му предложи постапка за порамнување согласно со Законот за прекршоците.
8. ПРЕКРШОЧНИ ОДРЕДБИ
Член 38
(1) Глоба во износ од 400 до 600 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на лицето кое извршило дискриминација по основ на пол во јавниот и приватниот сектор во областите за прекршокот од членот 3 став (3) од овој закон (член 3).
(2) Глоба во износ од 600 до 800 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на одговорното лице или друго лице во правното лице, органот со јавни овластувања или на поединец кој во вид на регистрирано занимање врши определена дејност, кој врз основа на пол ќе го повреди достоинството на одредено лице или создава заканувачка, непријателска, понижувачка или застрашувачка средина, пристап или практика (член 4 став (1) точки 6 и 7).
(3) Глоба во износ од 800 до 1.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на правното лице за прекршокот од ставот (2) на овој член (член 4 став (1) точки 6 и 7).
Член 39
(1) Глоба во износ од 400 до 600 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на субјектот кој нема да го достави планот пред неговото усвојување, на мислење до Министерството (член 8 став (3)).
(2) Глоба во износ од 800 до 1.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок ако субјектот кој усвоил посебни мерки не доставил годишен извештај до Министерството (член 8 став (4)).
Член 40
(1) Глоба во износ од 400 до 600 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на одговорното лице во органите на државната управа кое нема да назначи координатор и заменик-координатор за еднакви можности (член 11 став (5)).
(2) Глоба во износ од 400 до 600 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на одговорното лице во органите на државната управа за прекршок ако координаторот или заменик-координаторот не достави извештај за работата до Министерството во определениот рок (член 11 став (8)).
(3) Глоба во износ од 400 до 600 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на одговорното лице во единицата на локалната самоуправа кое нема да формира комисија за еднакви можности на жените и мажите (член 14 став (5)).
(4) Глоба во износ од 800 до 1.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршокот на одговорното лице во единицата на локалната самоуправа кое нема да назначи координатор за еднакви можности на жените и мажите (член 14 став (7)).
(5) Глоба во износ од 400 до 600 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на одговорното лице во единицата на локалната самоуправа за прекршок ако координаторот за еднакви можности на жените и мажите во единицата на локалната самоуправа не достави извештај за работата до Министерството во определениот рок (член 15).
Член 41
(1) Глоба во износ од 600 до 800 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на Советот за радиодифузија на Република Македонија, доколку не подготви анализа за родовите прашања во програмските концепти и содржини на средствата за јавно информирање, не ја достави до Собранието на разгледување и усвојување и не ја објави јавно (член 17 став (4)).
(2) Глоба во износ од 400 до 600 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на одговорното лице во Советот за радиодифузија на Република Македонија, ако Советот за радиодифузија на Република Македонија не подготви анализа за родовите прашања во програмските концепти и содржини на средствата за јавно информирање, не ја достави до Собранието на разгледување и усвојување или не ја објави (член 17 став (4)).
Член 42
Глоба во износ од 400 до 600 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на одговорното лице во субјектите од членот 18 од овој закон, ако не ги прибираат, евидентираат и обработуваат статистичките податоци разделени по пол и не ги достават до Државниот завод за статистика (член 18).
Член 43
Глоба во износ од 400 до 600 евра во денарска противвредност ќе им се изрече за прекршок на субјектите од членот 3 став (2) од овој закон кои на барање на застапникот во рок од 30 дена нема да достават податоци или нема да дозволат увид во списите (член 27).
Член 44
(1) Глоба во износ од 400 до 600 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на физичкото лице кое нема да постапи по препораката дадена од страна на застапникот (член 29 став (4)).
(2) Глоба во износ од 600 до 800 евра во денарска противвредност ќе му се изрече за прекршок на одговорното лице во субјектите од членот 3 став (2) од овој закон кое нема да постапи по препораката дадена од страна на застапникот (член 29 став (4)).
9. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ
Член 45
(1) Стратегијата за родова еднаквост од членот 9 став (3) од овој закон ќе се донесе до 31 декември 2012 година.
(2) Владата ќе определи координатор и заменик-координатор од членот 10 став (3) од овој закон во рок од три месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон.
(3) Актот од членот 10 став (8) од овој закон за составот и начинот на работа на интерресорската група ќе се донесе во рок од три месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон.
(4) Органите на државната управа ќе определат координатор и заменик-координатор од членот 11 став (4) од овој закон во рок од три месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон.
(5) Единиците на локалната самоуправа ќе формираат комисија за еднакви можности од членот 14 став (5) од овој закон и ќе определат координатор за еднакви можности од членот 14 став (7) од овој закон во рок од три месеци од денот на влегувањето во сила на овој закон.
Член 46
Со денот на влегувањето во сила на овој закон престанува да важи Законот за еднакви можности на жените и мажите („Службен весник на Република Македонија“ број 66/2006 и 117/2008).
Член 47
Овој закон влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „ Службен весник на Република Македонија".