Жртви на сиромаштија, семејно насилство, бракоразводна постапка, сексуална и политичка злоупотреба. Ова се само дел од причините кои изминатава година принудија околу 300 малолетници да побараат помош преку СОС телефонот за деца и млади.
Прекршување на детските права е забележано и во образованието, а најголем дел од лицата кои побарале заштита се во рана возраст, од 6 до 14 години.
Покрај бесплатната СОС линија, во рамките на Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ функционира и бесплатната правна служба. Правната служба постапува со обраќања до соодветните државни и социјални институции, ги следи постапките на надлежните и реагира доколку не се постапува во интерес на децата. Целта е преку ваквото партнерство да се помогне во унапредување на човековите права.
СОС линијата (0800 12222 ) на Меѓаши е значаен механизам за помош и поддршка на децата. По повод обележувањето на дваесет години од отворањето на линијата, од Меѓаши истакнуваат дека на овој број помош побарале над дваесет илјади лица, а обезбедена е помош на речиси осум илјади деца во Македонија.