Во ерата на паметни телефони и социјални мрежи од суштинско значење за новинарите е да имаат вештини и знаење за брза и сигурна проверка на информации од вонредни ситуации и катастрофи.
Во такви критични моменти, социјалните мрежи честопати се преплавени со новости од местото на настанот, повици за помош, извештаи за нови случувања и спасувања. Дел од овие информации може да бидат точни и веродостојни, но значителен дел од нив може да бидат лажни, особено во случаи на природни катастрофи, насилни протести и судири.
За таа цел, Европскиот центар за новинарство во соработка со реномирани новинари од „BBC“, „Storyful“, „ABC“, „Digital First Media“ како и други медиумски експерти, подготви Прирачник за верификација, кој во суштина е водич за проверка на дигиталните содржини кои информираат за вонредни ситуации. Прирачникот претставува ресурс за новинари кој нуди упатства за тоа како да се проверат содржините што ги генерираат корисниците на Интернет, во време на итни случаи. Исто така, прирачникот содржи и совети за подготовка на редакциите за информирање во време на катастрофи.
Прирачникот може да се користи во електронска форма на Интернет преку следниот линк.