ПРИТВОРОТ КАКО КАЗНА (Втор дел)
Во осум од десет случаи, судијата се одлучува да одреди притвор место да изрече друга мерка, како што се конфискација на имот, домашен притвор или одземање на патните документи
Притворените во „Змиско око“, „Млекарот Душко“, уапсените во „Раштански лозја“ се дел од поголемите случаи што завршија со неосновано притворање на осомничените. За нив јавноста беше запознаена, иако адвокатите што работат на кривичното право ќе ви кажат дека во нивното секојдневно работење се соочуваат со еден куп предмети во кои или не се прифаќа кривичната пријава, или се отфрла дел од обвинението или, пак, на крајот се доаѓа до ослободителна пресуда за притворените лица. Општ впечаток на јавноста е дека судиите премногу лесно се одлучуваат да изречат притвор.
„Притворот треба да биде крајна мерка, а за жал, кај нас станува прва“, вели судијката Маргарита Цаца Николовска, која порано работеше во Судот за човекови права во Стразбур. Објаснува дека нејзините колеги мора повнимателно да ја одредуваат ваквата санкција.
„Притворот кога утре или задутре ќе се покаже дека ја пречекорил рамката, мора да има надомест на штета: материјална и нематеријална. Она што е последица понатаму во животот, не може да се надомести, затоа што кај народот се создава една погрешна слика, перцепција, рефлексија и кај фамилијата, особено кај децата“, укажува Николовска.
Судијата Владимир Туфегџиќ, портпарол на Кривичниот суд во Скопје, не се согласува дека мерката притвор се користи повеќе отколку што реално има потреба.
„Се ценат сите околности, поаѓајќи од тежината на доказите (вербални и материјални), ако предметот е од областа на организираниот криминал се зема предвид поврзаноста на групата, дејствата на извршување и во таа смисла нивна поврзаност, значи се' се зема предвид пред да се донесе таа мерка. Се раководиме од законски пропишаните услови, ја цениме опасноста од бегство, влијанието врз сведоци и опасноста од повторување на делото“, тврди Туфегџиќ.
Јавен обвинител ги образложува причините поради кои се бара да се определи мерка притвор, но судот го има конечниот збор откако ќе ги земе предвид сите околности.
„Во однос на досегашното искуство како судии водиме сметка дали по преземањето на определени истражни дејства отпаднале некои од основите поради кои бил определен притворот. Доколку во текот на истрагата се исполнат условите, сме носеле и решенија по службена должност за укинување на притворот или определување поблага мерка“, вели судијата Туфегџиќ.
Поранешниот директор на невладината Коалиција „Сите за правично судење“, Кирил Ефремовски, вели дека во изминатите две години, во Одделението за организиран криминал при Основниот суд Скопје1, притвор се изрекува во 8 или 9 од 10 случаи на организиран криминал.
„Во овој контекст, предничат акциите како ‘Детонатор‘, ‘Калдрма‘, ‘Метастаза‘, но и ‘Змиско око‘ каде што скоро сите приведени беа притворени. Според Законот за кривична постапка, мерката притвор треба да е со цел да се спречи влијание врз судската постапка, истрагата или сведоците, односно врз кривичното дело. Истата како правен механизам има повеќе можности на обезбедување на обвинетите или осомничени, при што нивното притворање е крајниот чекор, механизам кој им е на располагање на судиите. Сепак, и покрај тоа, судиите се решаваат прво за притвор во притворските одделенија и истражни затвори, место изрекување конфискација на имот, домашен притвор или одземање на патните исправи како обезбедување на осомничените или обвинети лица. Со тоа директно се влијае кај јавноста и се манифестира општ страв од системот во државата“, смета Ефремовски.
Според него, мерката притвор се одредува по автоматизам, притоа сериозно не се зема предвид основата на обвинението, како ни видот на кривичното дело.
Судот не ги зема предвид ниту барањата на адвокатите на обвинетите за укинување на притворот или замена со куќен притвор. Единствено, флексибилен е во случаи каде што притворените имаат хронични болести и многу нарушено здравје.
Адвокатите велат дека откако ќе се одреди притвор, тие лица се де-факто осудени од општеството и стигматизирани.
„Притворот во општеството, за жал, се смета како за казна, а не како за ефективна мерка за поефикасно водење на судската постапка“, вели адвокатот Оливер Вуксановиќ.
Тој се присетува на неколку случаи што ги водел. Во еден од нив, клиентот бил обвинет за инцест со малолетната ќерка. Во постапката било утврдено дека немало полов однос, но Обвинителството го товарело за други дејства. Човекот добил ослободителна пресуда. Минал 173 дена во притвор. Сега бара отштета од државата и предметот е во фаза на вонсудско решавање на спорот со Министерството за правда.
„И покрај ослободителната пресуда, мојот клиент беше оставен од сите, напуштен од фамилијата и пријателите. Случајот беше и медиумски следен, па човекот доби етикета ‘педофил‘. Беше принуден да се отсели во друг град, иако не сторил никакво злодело“, вели Вуксановиќ.
Во друг случај, бранел воспитувачка обвинета дека малтретирала дете. Иако на суд било докажано дека е невина, сепак, и покрај ослободителната пресуда, морала да го смени работното место.