Ученици од IV - 3 одделение од основното училиште „Тодор Ангелевски“ заедно со членовите на Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост „Порака“, заедно играа ора и пееја песни на Широк Сокак. Тие испратија порака дека сите деца се исти.
„Преку соработката јавно дадовме поддршка на лицата со интелектуална попреченост. Во нашето училиште владеат љубов и отвореност кон децата со интелектуална попреченост и затоа тие не се чувствуваат отфрлено и занемарено и секогаш сме подготвени да помогнеме, но најпрво од сѐ да дадеме поддршка со љубов, топлина, насмевка и подадена рака“, вели наставничката Весна Гагаловска.
Во организација на „Порака“, во Битола се одржа и панел дискусијата „Попреченоста е само прашање на перцепција“, што, пак е дел од проектот „И ние можеме и сакаме да пееме“, чија цел е да укаже дека и лицата со интелектуална попреченост имаат свои таленти и дека им се потребни можности да ги развиваат.
„Овој период сме насочени кон социјалните активности и излегувањето надвор, со цел социјализација и подобрување на начинот на перцепција на околината кон лицата со интелектуална попреченост. Најголемата бариера која треба да се премости е неприфаќањето и дискриминацијата од средината, која на нив гледа како на посебна категорија. Доволно е да го отвориме срцето и кај нив ќе препознаеме топлина и љубов“, истакна Јулијана Трајчевска, претседателка на „Порака“.
Социјалниот клуб при „Порака“ функционира од 2015 година и е наменет за поддршка на семејства кои имаат член со интелектуална попреченост. Него го посетуваат десет деца, а регистрирани се околу 30 лица со интелектуална попреченост, вклучувајќи ги околните општини Новаци, Могила и Демир Хисар.
„Проектот ‘Ние можеме и сакаме да пееме’ е дел од поголем проект. Овие деца и млади луѓе имаат таленти и за тие да дојдат до израз треба посебно да се работи, да се вложува многу труд. Имаат таленти за пеење, за цртање. Проблемот е што нема каде да го истакнат својот талент. Со овој проект целта е да излеземе надвор и да ги афирмираат своите таленти зашто надвор од ‘Порака’ нема каде да ги покажат своите таленти“, додаде Трајчевска.
Оливера Петровска е мајка на 22-годишно девојче со интелектуална попреченост кое сака да пее, но освен во „Порака“, нема каде на друго место да се надградува.
„Таа пее, има талент, сама научи да свири на флејта, ѝ купивме синтисајзер и тапани, гледа на интернет и така учи. Дадовме барање во музичко училиште да ја примат пред четири години, но бевме одбиени, зашто немало такви можности“, вели Петровска.
Од центарот „Порака“ ги повикаа родителите да не ги кријат децата со интелектуална попреченост, туку да им помогнат да се социјализираат и да ги развиваат своите способности. Оние кои ја посетуваат „Порака“ изработуваат предмети, пеат, танцуваат и цртаат.
ТВ-прилог на телевизија „Тера“ од Битола:
„Ги разбиваме прво бариерите на родителите. Родителот да го разбере фактот дека за неговото дете треба да се грижи и да го отвора кон средината за може понатаму ние, како структури во општеството, да помогнеме и да ги вклучиме децата во еден нормален тек на живот. Родителот да не го крие своето дете“, посочи Лидија Бодановска, секретар на „Порака“.
Марија Младеновска Димитровска, координатор на училишниот инклузивен тим во средното училиште „Таки Даскало“ изјави дека едно од правата на лицата со попреченост е и правото на образование. Токму затоа се спроведува инклузијата во училиштата, но тоа е комплексен процес, бара креирање на инклузивни наставни планови и програмаи, стручно усовршување на наставниот кадар, зајакнување на училишните стручни тимови со дефектолози, педагози , психолози, вклучување на образовни асистенти.
-За жал, ние како држава немаме посебен закон за инклузивно образование, сѐ се сведува на еден член во Законот за основно и средно образование кој подразбира дека сите деца имаат право на образование. Од пред некое време се направи обид преку меѓународни проекти со поддршка на УНИЦЕФ да се изготват одредени водичи за инклузивно образование кои ни служат како патоказ по кој ние треба да работиме“, вели психологот Марија Младеновска Димитровска.
Извори: веб-портал „Апла“ и ТВ Тера.
Активностите од проектот „Ние можеме и сакаме да пееме“ на Центарот за поддршка на лица со интелектуална попреченост „Порака“, се поддржани преку грант-програмата на проектот „Попреченоста е прашање на перцепција“, што го спроведува Институтот за различности и медиуми од Лондон, во партнерство со Македонскиот институт за медиуми и Националниот совет на инвалидските организации од Македонија, а со финансиска поддршка од Европската Унија. Содржината е единствена одговорност на авторот и во никој случај не може да се смета дека ги одразува ставовите на Европската Унија.