Хаотично спроведување на регулативата за Б-интегрирана еколошка дозвола

jugoСамо неколку општини имаат капацитет да ги спроведат регулативите за Б-интегрирани еколошки дозволи. На терен владее вистински хаос.

Нема координираност меѓу централната и локалната власт. Една иста парцела добива дозвола и за куќа и за фабрика.

автор: Горан Лефков

Законодавството за имплементација на Б-интегрираните еколошки дозволи доживеа целосен дебакл во Македонија. Се обидовме да дознаеме колку Б-интегрирани еколошки дозволи се издадени од Министерството за животна средина и просторно планирање, но оттаму не одговараат.

Користејќи го Законот за слободен пристап до информациите од јавен карактер, се обидовме да добиеме податоци од општините што се одговорни за издавање Б-интегрираните еколошки дозволи, но само 40-ина општини одговорија, од вкупно 80. Град Скопје е надлежен за издавање на Б-интегрираните еколошки дозволи за скопските општини, но оттаму не добивме податоци за тоа колку дозволи се издадени досега.

И по 10 години од донесување на уредбата за имплементирање на Б-интегрираните еколошки дозволи, експертите се сомневаат дека општините имаат капацитет за оваа регулатива.

Во многу локални самоуправи, општинскиот инспекторат нема капацитет и знаење за да ги имплементира уредбите за Б-интегрираните еколошки дозволи“, вели Александра Бујаровска, правник со специјалност во имплементација на еколошкото законодавство.

На терен се создаваат големи проблеми. Централната и локалната власт не се координираат околу издавањето на дозволите, со што граѓаните се доведени во заблуда.

berat-sela

„Имаме ситуација овде, во Струшко, каде што институциите на централно ниво користеле стари планови на населените места, кои во меѓувреме се изградени со објекти што се легализирани“, вели Берат Села, основач на невладината организација „Натура“ од Струга.

Тие спроведуваа проект поддржан од програмата Цивика мобилитас на Швајцарската агенција за развој и соработка (СДЦ) и ова се нивните сознанија.

 

Добар закон, лоша имплементација

Законодавството за Б-интегрирани еколошки дозволи е оценето како добро, бидејќи најголем дел е препишано од европската регулатива. Кај нас периодот за усогласување и за имплементирање на законодавството за интегрираните дозволи, беше од 2007 до април 2014 година. За оваа намена од 2005 до 2007 година од тогашната влада на Владо Бучковски се направи инвентарен лист со компаниите што треба да побараат Б-интегрирани еколошки дозволи. Во овој инвентарен лист се најдоа 260 инсталации (фирми).

aleksandra-bujarovska

„Според ова законодавство, сите загадувачи и со А и со Б дозволи требаше да ја усогласат својата технологија и во април 2014 година да ги добијат интегрираните дозволи. Некои од големите фирми какви што се ‘Југохром’, ‘Осломеј’ и РЕК ‘Битола’ не успеаја да се усогласат согласно со граничните вредности за емисии во природата. За овие има некакви информации. Во однос на малите загадувачи, кои подлежат на Б-интегрирани еколошки дозволи, немаме никакви информации. Речиси никој нема информација до каде е со нивната имплементација и колку тие загадуваат. Општинските инспекторати мислам дека немаат ниту време, а камоли знаење да ги следат загадувачките емисии на природата од инсталациите што подлежат под Б-интегрирана еколошка дозвола“, вели Александра Бујаровска.

Таа се сомнева дека Државниот инспекторат за животна средина има капацитет да ги имплементира пропишаните стандарди на дело, а, пак, општинските инспекторати воопшто немаат капацитет.

Директивата за интегрирано спречување и контрола на загадувањето, која е транспонирана во нашето законодавство, веќе не постои. Веќе има нова и се вика директива за индустриски емисии. Директивата за индустриско загадување ќе биде транспонирана во нашето законодавство. Измените во оваа директива дополнително треба да се транспонираат кај нас.

Наредниве година-две ќе има измени во законодавството и имплементација на новите директиви.

Мал е процентот на компании што навистина ги исполнија стандардите за добивање Б-интегрирани еколошки дозволи.

Во 40 општини издадени само 80 дозволи

За потребите на оваа сторија, тимот на Центарот за истражувачко новинарство – СКУП Македонија, направи истражување за бројот на издадени Б-интегрирани еколошки дозволи. Упативме барања по слободен пристап до информациите од јавен карактер до сите општини во Република Македонија. Одговорот на овие барања беше половичен. Само 42 општини одговорија на нив.

Во овие општини се издадени 86 Б-интегрирани еколошки дозволи, за 39 инсталации се издадени дозволи за усогласување со оперативниот план. Иако краен рок за имплементација на законодавството за Б-интегрирани дозволи беше април 2014 година, сепак во процедура има уште 38 барања.

Според податоците на СКУП, од 2007 година до ноември 2013 година само 30-ина компании имаа дозвола за усогласување со оперативниот план, која подоцна требаше да прерасне во интегрирана еколошка дозвола. Се разбира, ако ги исполнат условите во оперативниот план. Потоа се случува вистинско расфрлање со дозволи, смета Александра Бујаровска.

„Од ноември 2013 до април 2014 година, за нецели 6 месеци добија дозволи 150 инсталации. Првично беа 170, ама некои од фирмите се откажаа. Енормен е бројот на издадени интегрирани еколошки дозволи за толку краток период. Во периодот додека се издаваа овие дозволи, намерно или не, не работеше веб-страницата на Министерството за животна средина. Основен извор за некоја компанија дека аплицирала и добила дозвола беше веб-страницата на Министерството за животна средина“, смета Бујаровска.

Интересен е случајот со Општина Гостивар. Таму 8 фирми поднеле барања за Б-интегрирана еколошка дозвола. Ниту една од тие фирми нема добиено Б-интегрирана еколошка дозвола, 5 сè уште остануваат во процедура, додека 3 се одбиени поради одземање на концесијата за ископување минерални суровини.

Во одговорот на Барањето за слободен пристап до информациите од јавен карактер упатено до Општина Радовиш, се наведува дека во општината не постојат инсталации што подлежат на издавање Б-интегрирана еколошка дозвола, иако во инвентарниот лист се наведени 3 компании од оваа општина, кои треба да го намалат загадувањето во дозволените рамки и да добијат Б-интегрирана еколошка дозвола.

Неподготвени општини, лоша имплементација

Општините во Македонија воопшто не беа подготвени за имплементација на регулативата за Б-интегрираните еколошки дозволи. Само мал број општини имаа луѓе и знаење да ги спроведат. Според Љупка Глигорова, диплoмирaн инженер зa зaштитa нa живoтнaта срединa, општините Велес, Струмица, Битола и дел од скопските општини имаат капацитет и знаење за имплементацијата на ова законодавство, додека другите, а особено помалите општини, немаат.

Најголем дел од фирмите (паушална процена 90%) имаат поднесено барања за дозволи, меѓутоа голем дел од нив не ги исполнуваат целосно условите во дозволите, а за голем дел не се завршени и постапките за премин од дозвола за усогласување во интегрирана еколошка дозвола“, вели Глигорова.

Таа додава дека отсуствува инспекцискиот надзор за имплементација на обврските на законодавството за интегрираните дозволи. Ако инспекторите ги притиснат, тие ќе мора да го имплементираат. Вака фирмите без контроли од инспекциите никогаш нема сами да го спроведат тоа законодавство, смета Глигорова.

Александра Бујаровска вели дека во 90% од случаите, фирмите поднесуваат непотполни барања до општините.

До средината на 2008 година имаше рок за добивање Дозвола за усогласување со оперативен план. За да го фатат овој рок, фирмите поднесоа 170 половично пополнети апликации за А-интегрирани еколошки дозволи. Истото па дури и полошо се случи и на општинско ниво“, смета Бујаровска.

Според Законот, доколку фирмите што требаше да земат Б-интегрирани еколошки дозволи не го направат тоа до април 2014 година, треба да се затворат. Но подоцна се интервенираше со некои ситни измени и денес речиси и да нема компанија што е затворена затоа што не поседува Б-интегрирана еколошка дозвола.

Каменоломите го трујат Лабуништа

Проблемите со издавањето на Б-интегрираните еколошки дозволи најдобро на терен се гледаат во Струшко. Во Лабуништа има 5 каменоломи веднаш до селото. Загадувањето на воздухот и на другите медиуми од овие каменоломи е огромно.

Според Алија Тасими, претседател на Месната заедница во ова село, проблемот е огромен.

alija-tasimi

„На еден од каменоломиве во Лабуништа му дале дозвола за преработка на песок иако од авион се гледа дека нема услови да работи каменоломот. Ние како граѓани сметаме дека три од каменоломите немаат основа за Б-интегрирана еколошка дозвола. За два од каменоломите знам дека немаат добиено согласност од Месната заедница, но за третиот сум сигурен дека нема согласност од нас како Месна заедница, а нема и Б-интегрирана еколошка дозвола. Без согласност на месното население, не може да се комплетира документацијата за Б-интегрирана еколошка дозвола“, вели Тасими.

Лабуништа има околу 1.700 куќи и околу 10.000 жители. Граѓаните најмногу на сопствена кожа го чувствуваат проблемот.

„Цело село има мака од каменоломот. Малку не е јасно зошто во таа населба, каде што сега и куќи се градат, ние како жители на Лабуништа бараме да се престане со загадувањето. Имаме база за преработка на камен, која работи два-три часа дневно, таа создава прашина, ама не е толку штетна како каменоломите. Тие кога вадат камен, вадат по 40-50 камиони дневно. Кога камионите поминуваат, целата прашина завршува во населбата. Кога ќе заврне, на возилата има по 2 сантиметри прашина. Воздухот е многу загаден. Цело село страда од каменоломите. Кога поминуваат камионите по патот, се крева многу прашина, тоа е нешто неверојатно“, вели Џабир Асаноски од Лабуништа.

labunista-2


Од НВО „Натура“ од Струга се против издавањето дополнителни дозволи во Струшко.

„Ние како еколошко друштво ‘Натура’ сме против издавањето на Б-интегрираните еколошки дозволи на дополнителни каменоломи во Струшко. Само во Струга и Струшко има 17 каменоломи. Тоа е премногу“, смета Села.

Според податоците на Општина Струга, во Лабуништа само каменоломот Влаши има Б-интегрирана еколошка дозвола. Инаку, општината има издадено вкупно 6 Б-интегрирани еколошки дозволи.

Што значи Б-интегрирана еколошка дозвола

А и Б интегрираните еколошки дозволи започнаа со имплементација во 2007 година. Тогаш за првпат се направија измени на Законот за животна средина, каде што загадувачите, во зависност од тоа со колкав капацитет работат, ги поделија на А и Б интегрирани еколошки дозволи.

Со воведувањето на овие дозволи, во Законот за животна средина се имплементира директивата за интегрирано спречување и контрола на загадувањето на Европската Унија. Целта на ова директива е да се сведе на минимум загадувањето од ваков тип инсталации. Интересното кај оваа директива е тоа што има интегриран пристап. Загадувањето врз воздухот, водата и почвата се набљудува интегрирано. Значи, со оваа директива се контролира целокупното загадување, кое може да произлезе од одредена инсталација (фабрика). Порано имало посебна дозвола за вода, за испуштање на водата, за користење на водата, за загадување на водата. Одделни дозволи имало и за отпадот. Целта е со усовршување да се постигнат нула емисии, нула креирање отпад, максимална енергетска ефикасност на самата постројка и најмало трошење на ресурсите.

Civica Logo Slogan originalСторијата е изработена во рамки на проектот „Известување за граѓанското општество и неговото влијание врз промените во општеството“, што го спроведува Македонскиот институт за медиуми во партнерство со Центарот за истражувачко новинарство – СКУП Македонија, со финансиска поддршка од програмата Цивика мобилитас.
Содржината на сторијата е единствена одговорност на авторот и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на Цивика мобилитас, Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) или организациите што ја спроведуваат.